Книга за Уна

Книга за Уна

– извадок од романот –

Ноќно патување

Ако дождот почне воочи на петок тогаш ќе паѓа седум дена, така мајка секогаш ни велеше. И дождот го прекри нашето небо со силата на ајетот од сурата Ал-Карија / Пропаст на светот.
Кога водата нè опкружи од сите страни, мајкината куќа тргна на својата прва пловидба. Пред да станеме унопловци се чу силен тресок, зашто куќата се одвои од своите земни корења. И така олеснета, без темелите во кои се вградени оклопи и стабилизатори од експлодирани авио-бомби од Втората светска војна, без камењата од старата куќа која изгорела при сојузничкото бомбардирање на градот, и речниот бигор во фундаментот, куќата се подготвуваше да го издржи најлошото: пат во непознатото.
Оние брзи на нозе кои водата не ги изненади како нас, тие се искачија на Равник, на самиот врв на Хум од каде што се надеваа дека сонцето конечно ќе ги пробие облаците и ќе го сопре потопот. Ние кои немавме многу избор, и кои не сакавме ќудот на климата да одлучува наместо нашата волја, сами ја зедовме судбината во свои раце.
Со некое чудо, подрумот се беше вовлекол во куќата станувајќи ни машинска палуба, зашто долу беа црвените мерачи на притисок со мали кружни управувачи за кормиларење низ набуените и несигурни води. Капаците на нив повремено се креваа испуштајќи лута пареа, ако моторите случајно ќе се прегрееја. Виновата лоза се одмота од мајкината куќа и се претвори во разлистено едро, за секој случај, како резервен погон. Слегов во подрумот откако со раце и со шипка го расклопивме бродскиот под, и се зафатив за металните тркалца за кормиларење. Мајка стоеше во кујната на прозорецот заедно со стрико Шета кој служел војска во Југословенската воена морнарица. Таа управуваше со куќата која стана пловен објект, држејќи бројаница обесена на дланката. Кугличките од нејзината килибарна бројаница кружеа низ својот нечуен универзум. Шета ја држеше вилата в раце, ако случајно догледа грб на голема штука. Водата нè прскаше по лицата сакајќи да скокне во мајкината кујна, но тоа не ја намалуваше нашата морнарска одлучност.
Се спуштавме низ Унаџик право кон Пиланица па сè натаму до спојот на чии песочници секогаш имаше мрени и скобали. На споевите, Унаџик се влеваше во Крушница. Тука се мешаа двете води. Крушница се задржуваше на делот од реката кон десниот брег, каде што водата беше постудена, додека Уна го заземаше подрачјето на левата страна од збратимените теченија. По средината на текот, при летниот водостој, плутаа влакнести честаци со цветови налик на очи од плашливи хидро-пигмејски суштества. Јас, пак, низ подрумскиот прозорец настојував да го зафрлам месинговиот блинкер, зашто тој е предвиден за матна вода, внимателно следејќи ги манометрите со црвени стрелки, и слушајќи ги мајкините упатства. Вешто ги избегнувавме бигорните карпи преку кои водата се прелеваше во дебели непровидни слоеви.
„Лево, со цела сила лево!“, викаше мајка, и јас го грабнував кормилото вртејќи го додека куќата одговараше со посакуваниот маневар.
Ништо не нè загрозуваше, нашата пловидба беше сигурна. Дури ни џиновските бранови кои меѓусебно се судираа правејќи застрашувачки водени дивови. Се сетив на Нострадамусовите стихови за пропаста на светот:
На четириесет и осум степени морето се пени,
а рибите се варат.
Веќе одамна ги бевме загубиле од видокруг куќите во Пазарџик и се спуштавме низ бреговите на пиланичките сплавови во новосоздаденото езеро, кое се протегаше сè таму до училиштето Ѓуро Пуцар Стари, заканувајќи се да ги дофати првите куќи изградени на тревните падини на Захум. Секако, беше време на поплави, но ваква уште не беше видена, барем не во животот на мајка ми. И така, почнавме да се лизгаме по кракот на Уна и по главниот тек на Крушница, кои со заеднички сили ги беа потопиле километарски долгите ади и сè што имало на нив. Пречките на фудбалските стадиони на Метеор и неговиот пониско рангиран брат Железничар ѕиркаа од езерото, потпрени врз околу половина метар високите стативи. На западната трибина од поголемиот стадион седеше нема и валкана вода. Во мрежата се закачил надуен леш од нечија крава. На три саати од нас водата се обидуваше да ги смали Точила качувајќи се преку крошните на немоќните дрвја. Насекаде тонеа птичји гнезда. Од длабочината изнурнуваа риби никогаш видени на дневна светлина, со несмасни тела и со глави толку слични на човечки што некои од нив можеа и да зборуваат.
Една со бронзени крлушки ми дофрли, зачудено гледајќи преку мајкината куќа како облаците пловат над Точила: „И првиот ангел затруби, et facta est grando et ignis…”, бргу ја прекинав одговарајќи ѝ низ прозорчето на својата машинска кабина: „…mista in sanguine, et missum est in terram, et tertia pars terrae combusta est, и третина дрвја изгореа, и сета зелена трева изгоре.“ По што таа се повлече назад во калливата длабочина удирајќи со тешкиот опаш по водената површина. Рибјиот поглед беше страшен, постар од времето. Ми се стори дека со крајче од окото го забележав Чудовиштето од Сокиона како плови во џиновската унска школка внимателно запишувајќи сè што се случува. Заморот се засилуваше и беше неможно да се избркаат тегобните мисли.
На четириесет и осум степени морето се пени,
а рибите се варат.

На ова место, сновидението се прекинува како со рез од Солинген нож и јас се будам задишан во мајкината гостинска соба покриен со масивен јорган. Некаде на ѕидот над мене тактот на механизмот од часовникот ѝ дава готска нота на заспаната темнина. Куќата е сè уште на суво, а Унаџик е во својот дел, кој не му станал претесен. Водата е задоволна и неуморно се спушта кон споевите мешајќи се со студениот крушнички флуид. Кога ќе станам, одам во подрумот за да ги проверам црвените стрелки на двата метални водомери. Нивната позиција и бројот кој ја прикажува потрошената вода во мајкината куќа.
Во мугри го напуштив креветот и влегов во ходникот. Лево кон влезната врата низ огледалото од закачалката блескаа свежи капки вода, тепихот во ходникот беше намокрен. Дебелите наноси бела боја на ѕидовите се делумно испукани, небаре куќата ја погодил земјотрес. Сега тоа е потполно јасно, мајкината куќа ноќум тајно се движи на воден погон. Чекори кришум со помош на водникавите цилии, и нејзиното ноќно напредување е, за сега, изразено во педи. Цилиите се мали водени камшици, замена за нозе кај некои врсти водени организми и микроби. Куќата сака да се помести од место, сака да замине во некој друг, попостојан кварт, далеку од дивата река од сништата, надвор од досегот на поплавите и невремињата, каде што би можела да доживее среќна старост. Во некој град каде што живеат подобри жители: Петар Пан, Ивица & Марица. Куќата е наивна баш како и оние чии раце ја изградиле. Во пролетта 1992-та, куќата мислеше дека неа ќе ја поштедат, зашто никогаш никому зло не сторила. Сите други куќи околу неа беа жолти гламни од детските цртежи. Се правеше дека има толкаво сјаење насекаде затоа што ѕвездите рано излегле на небото. И дека другите куќи не се огнени сонца кои се уриваат во средиштето на својот пекол. Нејзината свест се повлече под самиот врв на покривот, се стутка треперејќи како смрзнат був.
Ноќта е од оние во мир, една од многуте. Единствено што има на располагање се водникавите цилии и реката која нејзиниот брег го прикрива со својот шум. Времето тече неумоливо, и не е на нејзина страна. Куќата се подготвува да ја изневери својата судбина која се повторува со ужасна прецизност на секои педесет години. Да се претвори во прав и пепел. Дали е потребно да се напише дека нејзиното бегство никогаш не успева?

Превод од босански: Игор Исаковски

2018-08-21T17:20:45+00:00 март 2nd, 2014|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 94|