(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

/, Критика, Блесок бр. 125/(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

(…) КАЈ ШТО СТРУЖЕ ТИШИНАТА

Лицето, умот, умеењето и срцето на книгата

„Последните голтки“ е најновата, втора збирка раскази на Баковска, по „Четири годишни времиња“3 од пред 14 години. Поднасловот ѝ е „раскази за суштински нешта, вторпат“, наспроти поднасловот на првата збирка: „раскази за суштински нешта“. Во неа има два циклуса: Раскази во трето лице и Раскази во прво лице, при што во првиот циклус се поместени 9 подолги раскази, а во вториот – 10 покуси. Иако поделбата е направена така да нѐ залаже дека во првиот дел се неличните, измислените приказни, а во вториот – обратното (личните, неизмислените), сепак тоа не е издржливо како основна подлошка за интерпретирање. Повеќе би рекла дека првите се малку помалку, вторите – малку повеќе лични. Сè на сè, „Последните голтки“ е книга на и за сеќавањето, некаков тефтер од минатото потпикнат под масата на сегашноста, за да ја направи постабилна, за да не се клати. Токму оваа слика е една од носечките во целата книга и доаѓа директно од расказот „Расклатена маса“ од вториот циклус, толку раскажувачки потентен што може да биде лицето на оваа книга. И умот, и умеењето, бездруго. Во оваа чудесна приказна, едноставноста на раскажувањето фрла издолжена сенка на најсложените книжевни и раскажувачки постапки и принципи; а во огледалото на најобичната случка во еден киоск за брза храна кога мајката ја стабилизира масата со својот тефтер со спомени (со минатото) кој го заборава и го остава засекогаш под ногалката на масата, се гледа совршениот одраз на книжевниот поглед на авторката. Се вели: „Сум го загубила сето наше разбранувано минато за само неколку мига урамнотежена сегашност“ и мислам дека не е ни можна попрецизна дефиниција од оваа за книжевното писмо на Баковска воопшто. Таа, „дефиницијата“, доведена во корелација со почетокот на оваа куса проза со автореференцијален белег („Пишаните зборови се тие тешки еполети на моите раменици, мојот чин, мојата награда и казна“), само дополнително ни го кристализира ставот дека можеби токму овој кус расказ е и срцето на „Последните голтки“. Носечко, раскажувачко пулсирање во правилен ритам.

Поетики на насловувањето

Иако би требало да е дел од раскажувачкиот занает, сепак се чини дека насловувањето е засебна умешност или пак дека е целна, обмислена порака на авторот, јадицата што тој ја фрла за конкретен вид „риби“ или за сè во „водата“. Насловувањето, пак, на збирка раскази е цела книжевна вселена, зашто одеднаш можеме да го видиме и вртењето на авторот околу сопствените приказни. (Или, можеби, дури и обратното…) Од кој расказ или од кој детаљ/слој го извлекува насловот, на кој начин и зошто. Насловот „Последните голтки“ е извлечен од расказот „Последните голтки топол живот“, шести по ред во првиот циклус, со обично кратење, што е за пофалба, зашто го засилува ефектот, дури и го проширува семантичкото поле на претпоставки и очекувања на потенцијалниот читател. Доколку збирката би се викала како носечкиот расказ, насловот би бил позатворен за читателите, тие не би можеле да (си) претпоставуваат на што точно се однесуваат последните голтки, зашто веднаш би виделе – на топол живот, што би значело дека книгата е… некаква студена жед? Со кратење и преземање како наслов само на синтагмата „последните голтки“, потенцијалните читатели добиваат отворен наслов, поголема слобода за очекувања. Нема топло-ладно, има само „последно“ што може подеднакво да се сфати или како крај на нешто, но и како почеток на нешто друго. Зашто, зад секое последно демне по едно ново прво… Фина авторска одлука на Баковска.

Носечкиот расказ при насловувањето на збирката („Последните голтки топол живот“) е од нејзините типични и препознатливи раскази, но можеби не и прозната перјаница на оваа збирка. Пораката што ни ја праќа Баковска со насловот е насочување на нашето внимание кон она што нејзе ѝ е најважно во книгата. Овие аспекти и навидум бесмислени согледби, за мене како автор кому расказите му се венчален книжевен жанр и како критичар кој во моментов коментира токму раскази, се највозбудливите нешта за кои ретко сум имала можност да пишувам. Критичарот во мене би го извлекувал или само би го презел насловот од највпечатливите раскази во оваа збирка или од најтипичните, од најтипичното, всушност. Значи, или од „Расклатената маса“, или од сонувањето како принцип во кој верува семејството на раскажувачката од расказот „Сонуваше нешто синоќа?“ („Моето семејство кое отсекогаш верувало во соништа.“) Можеби насловот би го презела и од последниот расказ „Ти сакам“, со што аграматизмот книжевно би го афирмирала како форма на љубов над сите пишани и непишани правила. Но, никогаш насловот не би го извадила од тој расказ од кој го влече Баковска, затоа што овој расказ иако е мошне солиден, сепак, е некако притесен за целата збирка. Во оваа збирка има простор да се распружи таткото… мајката, братот, децата, љубовите… и пак да остане место за изнаседнување на многу други нешта по столовите и креветите на приказните. Овде првенствено мислам на расказите „Досие Јасна Полјана“, на „Звуците на умирањето“ и на „Како ја пропуштив најдобрата можност да си ја убијам шефицата“ кои се значајни раскази за Баковска, а потешко ги собира под семејниот чадор на постојниот наслов, па можат да наврнат од наврапит, недоволно контролиран читателски дожд.

Насловот, пак, на мојов текст е од „Звуците на умирањето“. Сакав да извлечам наслов не од готов наслов на Баковска, туку од нешто нејзино, но заедничко за сите овие 19 приказни. Го препознав тоа што го сакав и барав во синтагмата (во „локацијата“) – „кај што струже тишината“. Сметам дека во сите раскази има некаква тишина, некаков страв од зборување кој е импозантен и кога е поројно раскажан со зборови. Таа и таква тишина струже и не е сосема бесчујна, струже во срцето и е општа карактеристика на целава збирка.

Оваа по малку бесмислена приватна размисла ми дава удопство да (си) дадам одговори на прашањата што никој не ми ги поставил никогаш.


3За „Четири годишни времиња“ пишував рецензија непосредно по излегувањето на книгата – „Прозен првенец“, објавена во „Утрински весник“ на 13.7.2004, преобјавена и во мојата книга „Еден текст и една жена“, Или-или, Скопје 2016 (стр. 196-198).

АвторОливера Ќорвезироска
2019-06-14T20:21:28+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 125|Tags: |