„Канџи“ се во мода

/, Критика, Блесок бр. 63/„Канџи“ се во мода

„Канџи“ се во мода

(„Канџи“, Марко Видојковиќ)

#1 Романот „Канџи“ од Марко Видојковиќ дигна голема медиумска прашина, а и литературната критика мораше да даде свој суд, иако во почетокот се спротивставуваше на тезата дека романот на Видојковиќ би требало да биде уврстен во уметничката книжевност. „Канџи“ стана култна книга на генерацијата од 90-те (оние кои во тие години биле млади, а и тие кои се родени баш во 90-те), со сите обележја на тоа време: депресијата, безнадежноста, алкохолизмот, промискуитетот, бесмисленоста… Романот имаше помпезна ТВ реклама, беше најавуван како „хронологија на студентските протести“ како дневник од демонстрациите, и со самото тоа избра цврсто омеѓена и бројна читателска популација.
Видојковиќ не може да се нарече писател ерудит, ама секако е мултимедијален уметник, израснат на цврстите звуци на панкот, и поранешен пејач во еден панк бенд, сконцентриран на урбаната средина од која потекнува и на која припаѓа, без желба да излезе од своето поле на интерес. Како таков, тој пишува за работите кои ги познава и раскажува за она што го има доживеано, па неговата приказна е убедлива, динамична и брза. Јазикот на романот е говорен, белградски сленг, ги именува брутално субјектите и ситуациите, сирово и сурово, избегнувајќи да се дигне над приказната, тој останува секогаш нејзин составен дел, неспособен да ја согледа од кој било друг агол, освен од авторското и раскажувачкото ЈАС, кои се, во повеќето случаи, идентични.
Романот има прилично едноставна композиција: станува збор за „модерна бајка“, главниот јунак е принц, а главната хероина е принцеза, со тоа што современата бајка добива и нова стилизација на јунаците: главната хероина нема трепки, принцот е неразбран, мрачен тип, со адолесцентско однесување и зависник од марихуана. Бајката има Хичкокова атмосфера, принцезата се појавува и ја снемува, а во принцовиот живот се мешаат стварноста и кошмарите чии граници не се распознаваат. Значаен субјект е и мајката на јунакот, жена која мажот ја напуштил, која живее бедно и пасивно го поддржува режимот на Слободан Милошевиќ, главниот зол јунак во оваа српска бајка.
Зошто овде инсистираме баш на одредницата бајка?
Токму затоа бидејќи, освен структурата на романот, и распределувањето на ликовите е исто на она кое постои во бајките: постојат добри – тоа се сите оние луѓе од андерграундот кои се против режимот, кои се смрзнуваат на демонстрациите, кои водат љубов и дуваат на изнајмените мансарди, и постојат зли кои го поддржуваат режимот, гледаат ТВ дневник, пијат лекови за смирување, чекаат во редови за леб и млеко и не се бунат. Заедничко и на едните и на другите им е депресијата, која е основното чувство во романов. Но, колку сме поблиску до крајот на баладата, депресијата станува сè поагресивна и се претвора во отворена омраза кон сите оние кои мислат различно од главниот јунак и тој останува сам, несреќен, неразбран и изолиран, исмејувајќи ја сопствената бајка.
Очигледно е дека писателот зборува за работи кои него лично го болат, изнесува свои ставови и убедувања и создава од романот, кој би можел да биде смислена хроника на едно време, политички памфлет заслепен од омразата кон оние кои му ја упропастиле младоста.
Во романот на Видојковиќ нема излези, нема чувство на прочистување, спознание дека во нешто имало смисла и дека нешто се случило и дека мора да се оди понатаму.
„Канџи“ се рудник на дефетизмот и јадро на напади. „Канџи“ се објава на војна која јунакот не успеал да ја заврши и затоа останува сам, не знаејќи како и против кого да се бори, опседнат со идеалите од својата младост и решеноста да не порасне.
И во тоа е клучот на популарноста на оваа книга меѓу читателската публика: генерацијата на протестите 1996-2000 сака да го надомести изгубеното време ама не знае како. Затоа тврдоглаво останува во процепот полн омраза и бес кои нема сила да ги претвори во нешто конструктивно што би и’ дало смисла.
Во Белград е многу модерно да се биде неразбран и депресивен.
Значи, „Канџи“ се во мода.

Превод од српски: Калина Б. Исаковска

АвторВиолета Вучетиќ
2018-08-21T17:21:09+00:00 декември 29th, 2008|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 63|