Како центарот пак да се извиши и да заживее

/, Критика, Блесок бр. 33/Како центарот пак да се извиши и да заживее

Како центарот пак да се извиши и да заживее

11 септември го означи крајот на еден сон на урбанистите: дека најдобриот начин градот да се згусне е тој да се извиши. Многумина кажаа дека тероризмот го означи и крајот на облакодерите. Меѓутоа, целокупната идеја за концентрација на високи згради веќе подолго време се доведува во прашање. Последниве 20-тина години се изнагледавме договори, некои извонредни, а некои заморни, што ни кажуваат зошто просторната агломерација повеќе не е продуктивна за бизнисите и за пазарите; дека глобалните телекомуникации ја елиминираа неопходноста финансиските заедници и физички да се соберат на едно место.
Токму затоа може да се замислиме над вертикалноста и густината на предлозите за обновувањето на Светскиот трговски центар кои се дадоа минативе месеци. Исто така, може да се запрашаме како овие проекти да ги усогласиме со стапката на празни канцелариски простории која изнесува повеќе од 15 проценти, дури и сега, откако милиони квадратни метри се уништија? Како да ги усогласиме овие проекти со фактот дека многу компании се преселија на Менхетен, во Конетикат и во Њу Џерси?
Ова се валидни прашања, но тие се однесуваат само на половина од приказната.
Другата половина е дека стратешките, креативни активности, без разлика дали се економски, културни или политички, се базираат на густината.
Во една глобална економија, со несигурни пазари и променливи услови, најнапредните и најспекулативните сектори имаат потреба од концентрирани ресурси: талент, менаџмент, технолошка инфраструктура и згради. Ним им требаат густи средини во кои информациите не кружат туку и се произведуваат.
Географијата на глобалната економија се состои и од светски мрежи и од овие концентрирани ресурси, кои се наоѓаат во околу 40 глобални градови. Њујорк останува на врвот, дури и по уништувањето од 11 септември, заедно со Лондон, Франкфурт, Токио и Париз. Секој од нив е различен во она што ѝ го нуди на глобалната економија и тоа уште повеќе ја нагласува улогата на Њујорк.
Дел од историјата на долниот дел на Менхетен е постојано да се пресоздава. Во доцните 1970-ти заминувањето на големите комерцијални банки и осигурителните компании убеди многумина дека со Вол Стрит е завршено. Но овие заминувања создадоа место за релативно малите финансиски фирми да пораснат. Слично и денеска, заминувањата може да овозможат на Менхетен да се појават нови сектори и нови мешавини на таленти. Ове веќе го видовме кај новите медиумиски фирми, кои имаат корист од блискоста на различните ресурси и видови на експертиза, вклучувајќи ги финансиите, легислативата и сметководството.
Значи, има економска логика во густите места. Но какви се можните архитектонски решенија за густината? Во последниве 40 години, архитектурата напредна па густината може да се постигне во многу повеќе форми отколку онаа на иконата на облакодерот на 1960-те. Меѓутоа, разбирањето на јавноста заостанува зад она што може да се изгради на барем четири начини.
Сè уште е вообичаено да се мисли дека хоризонталноста е повеќе или помалку неспоива со густината и вертикалноста: Лос Анџелес е пример број 1, кого го следат развојни елементи низ целата земја. Меѓу хоризонталните згради и „тенките“ средини не мора неопходно да постои врска (помислете само на еден средновековен град), но ние Американците се навикнавме на изедначување на „рамно“ со „тенко“.
Ова верување се надоврзува на втората идеја, дека хоризонталноста е нешто што се случува само на приземје.
Третата идеја е дека вертикалноста значи исправен, извишен кон небото, наместо копање под земја. Навистина, подземниот простор во Њујорк не е на добар глас: постои поголема тенденција да избегаме од нашиот познат подземен простор, метрото, и со добра причина. Но градовите како Москва, Монтреал, и Токио направија квалитетен, корисен подземен простор за транспорт, купување и културни настани, земјаќи ги предвид основните проблеми на безбедноста, евакуацијата и вентилацијата.
Конечно, високите, густи згради почнаа да се поврзуваат со мртвиот јавен простор на приземје. Њујорк има многу примери од 1980-те и 1990-те, но во тој ист период Франкфурт пионерски создаде жив јавен простор на дното на своите облакодери.
Лошата архитектура продолжува да ги потврдува старите сфаќања за густината. Сепак секој од овие четири елементи може да се пресоздаде. Архитектонската хоризонталност има сосема нова важност во време кога економските, културните и политичките мрежи што делуваат хоризонтално наместо хиерархиски се признаваат како клучни. Денеска може да размислуваме за густи, мрежни хоризонтални простори високо над земјата. Една важна студија спроведена на Лондонската школа за економија (London School of Economy) дојде до заклучок дека нема еден на еден сооднос меѓу висината и густината: три згради од 30 ката ќе завршат иста работа како како една зграда од 90 ката. Зградите од 30 ката се подобри за нова употреба, и во таа смисла можат да имаат подолг економски живот. Тие исто така дозволуваат повеќе комерцијална активност на улично ниво.
Со нашите нови технички способности, може да размислуваме за вертикалноста и за нејзините можности за густина што се протега надолу и создава комплексни подземни простори. Може да размислуваме и за густи, хоризонтални простори што поврзуваат неколку згради на одредена висина. Можеби поголем предизвик е четвртиот елемент: што се случува на приземје? Може да имаме жив, густ живот на ниво на улицата кога има масивни високи згради на средина, но зградите мора да бидат високи на нов начин. Повеќето од предлозите за долниот дел на Менхетен имаат барем еден од овие аспекти. Високите згради во предлозите на Обедитените архитекти (United Architects) (вклучувајќи ги Грег Лин, Бен ван Беркел, Џеси Рајзер и Кевин Кенен), групата Мислители (Think Group) (вклучувајќи ги Рафаел Виноли, Фредерик Шварц, Кен Смит и Шигери Бен) и третата група која ја предводат Ричард Мејер, Питер Ајзерман, Чарлс Гватми и Стивен Хол имаат густи хоризонтални простори што ги пресекуваат кулите на различна висина. Повеќето проекти се простираат вертикално под земја, создавајќи ја можноста за комплексни светови таму каде што Њујорк најмалку се надева. Подзмениот план на Номан Фостер го прикажува ова, како и транспортното јадро на Мислителите.
Може да се запрашаме зошто кулите треба да се свиваат и да се тркалаат и да паѓаат една преку друга. Зошто да не бидат прави? Но архитектите признаваат дека играњето со вертикалноста би им дало на структурите поприлагодлив и подолг живот. Така, металот и стаклото се виткаат и се растегнуваат. Нерамноста на прелогот на Даниел Либескинд признава иден неправилен раст; како архитектура таа експлодира со енергија. Предлогот на Обединтетите архитекти се истакнува, според мене, во оваа смисла, како групација на флексибилни кули кои ги истражуваат своите форми (иако јас би го исекла она што личи на оџак на врвот на ромбоидната структура).
Џунглата од црвовидни цевки на предлогот на Скидмор, Оуингс и Мерил изгледа интересно како дизајн, мешајќи ја големата густина без да го наруши небото.
Но дури и ако Менхетен употреби нов комплекс со висока густина, дали тој треба да биде на долниот крај на Менхетен?
Денеска, кога преовладува хомогеноста, парковите пред канцеларискиот простор, трговските центри, долниот крај на Менхетен сепак успева да го измеша сето: евтините трговски центри стојат до најголемата финансиска област на светот, имигрантите живеат на северниот крај, а, помалку видливо, уметниците живеат и работат во стари високи згради кои некогаш биле во срцето на областа.
Светскиот трговски центар беше микрокосмос на оваа мешавина. Тој беше третиот по големина трговски комплекс во земјата, со многу бизниси на имигранти, многу владини канцеларии на средното ниво, и некои водечки фирми за финансиски услуги. Местото има нешто од длабоката историја на долниот крај на Менхетн: хибридно парче човечност и урбаност.
Дали архитектурата треба да го оживее минатото на областа? Не. Тоа би била своевидна смрт. Долниот крај на Менхетен е веќе во следната фаза на економската историја. Соочен со оваа енергија и анархија, неговата архитектура не може да се врати кон евоцирање на постари, помирни места на градот што продолжуваат да живеат како дизајн и како граѓански места, како Центарот на Рокфелер (Rockefeller Centre). Исто така, фантазијата за градење на највисоката зграда дури и како чин на целосен инает (и тотализирање на архитектурата) не е напредна идеја. Наместо тоа, таа потсетува на студената војна, во која беше важно да се има најголемиот топ/највисоката кула.
Архитектурата треба да овозможува многу форми на живеење, особено во случајот на долниот крај на Менхетен, и треба да биде нешто за себе, нешто што нè привлекува или нè носи некаде или едноставно нè возбудува. Дали некои вакви проекти беа откриени на 18 декември? Да, и беше возбудливо. Веднаш штом ги видов сликите ги видов почетоците на нова, интензивна историја на долниот крај на Менхетен. Секој од проектите имаше некои исклучителни, но и некои вознемирувачки компоненти. Работата на Обединетите архитекти и Даниел Либескинд е најсугестивна за нови почетоци, особено во нивниот концепт за меморијални места. Дизајнот на г-дин Либерскинд вклучува една трезвена спиритуална димензија додека се бори со земјата. Онаа на Обединетите архитекти е драматична и гледа кон небото. Ниту една не продава ниска архитектура. Тие ја користат вертикалноста (и обезбедуваат канцелариски простор) но ја пресоздаваат; не ја врзуваат вертикалноста за кулата.
Барањето за комплексноста на просторот е особено видливо: вертикалните градини, музеи и културни центри на тимот Мислители; вклучувањето на меморијалот во проектот на Фостер, дозволувајќи им на тишината и на небото да владеат; меморијалниот плоштад на Мејер кој се слева во Хадсон и ги осветлува соседите.
Можно е да не се изгради ниту еден од овие проекти. Ова нема да го измени моментот на можност и достигнување. Градот успеа, преку еден тежок процес и многу мобилизирање да провоцира ваков концентриран напор кај архитектите, планерите, урбанистите и скулпторите. Многумина работеа напорно за градот да не размислува само во рамките на големото, нешто во што Њујорк е добар, туку да размислува и во термини на „голема“ архитектура, нешто што Њујорк малку го правел.
Неодговореното прашање што се провлекува низ овие проекти е дали тие можат да создадат вистински јавна сфера. Ова во многу отсуствува од Њујорк. Тој е главен град за комерција и финансии, на кој му недостасува јавна архитектура за секојдневен живот. Чикаго е подобар, вели лондонскиот консултант, инжинерот Кевин О’Саливен; тој разбрал нешто за јавниот простор и јавната архитектура од кое се чини дека Њујорк бега.
Овие проекти ни го покажуваат долниот крај на Менхетен како еден дел од поголем град: транспортно јадро, финансиски центар, место за владини канцеларии. Но, тој е и место во градот: ова значи дека и јавниот простор и домувањето и мешаните активности на улично ниво, сите треба да бидат вклучени во конечната форма на реконструкцијата.

Превод од англиски: Елизабета Баковска

АвторСаскиа Сасен
2018-08-21T17:21:40+00:00 август 1st, 2003|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 33|