ИСТИСНУВАЊЕ

ИСТИСНУВАЊЕ

ИСТИСНУВАЊЕ

Превод од српски: Ѓоко Здравески

Дури од оваа дистанција можам да увидам дека Павле на многу доследен начин беше посветен на еден сосем определен вид обесмислување на другите животи, животите на другите in toto, како секогаш, притоа, да доживуваше некое митско напојување, што повремено заземаше форми што ме наведуваа (уште тогаш) сето тоа да почнам – интимно – да го нарекувам намигнување на ѓаволот. Оти не знам што друго (освен чувството дека со тоа му намигнува на ѓаволот) би можело да го наведе да ѝ предложи на Валерија толку несекојдневен вид пријателска помош, што, кога за сето тоа – доста доцна, за жал – дознав, ме: за-пре-пас-ти. Приказната, имено, почнува со тоа што Валерија, по извесно време, посака да го запознаам Павле. Дотогаш само знаев дека постои некој нејзин Пријател Павле, кој ѝ излегол во пресрет кога ѝ било најтешко, меѓутоа, уште во текот на првата средба со него, многу работи не ми се допаднаа. Пред сѐ, неговата фалбаџиска подготвеност секогаш да постапува така што ќе го шокира другиот. Имаше некоја чудна потреба да ги наведува луѓето да сетат точно каде им се границите, и дека битисувањето внатре во тие граници – кои споменатите, секако, не можат да ги надминат, или барем не без негова помош – ги прави помалку вредни битија. Човек не мораше да мине многу време покрај него за да ја согледа оваа негова особина. Исто така, човек не мораше да поседува нешто посебно истенчен осет па да согледа дека Павловото насладување од шокирањето на другите се исцрпува во шокирањето на опсегот на неговата ирационалност – една колосална ирационалност, без конкуренција, монструозна ирационалност. Како единствениот принцип да е да се биде ирационален, и тоа токму на оние места каде што секој друг, дури и најирационалниот човек, доколку себеси, макар и во минимална мера – си мисли добро (а сѐ е во тоа) – би се однесувал на определен, востановен начин. Баш тогаш: да се дисторзира ситуацијата, да се прави спротивно од најекстремното нешто што може да се замисли.
Валерија навистина била во голема депресија пред да го запознае Павле, тоа го знаев, дури на граница на самоубиство. Знаев и за мртвата зајачица, и за другите работи, макар што начинот на кој Павле сето тоа го доведуваше во причинско-последична врска со проблемот на Валерија создаваше ретки примероци на филигранска перверзија. Ама најлошото допрва ќе го дознаам. Јас, инаку, учествував во по нешто од тоа што го приредуваа во својот стан Павле и неговата девојка со своето друштво, пошироко и потесно, во чии членови сега се вбројував и јас, ама имаше и работи во кои не сакав да учествувам, што Павле, навикнат на опиената покорност на паствата, без сомневање, го правеше јаросен. Но, интересно е дека оној синхроницитет што ми влеваше надеж дека нешто има смисла во тој период од мојот живот е токму истиот оној синхроницитет што ме воведе во една од најголемите заблуди во мојот живот: со еден збор, патка-зајак синхроницитет.

II

Пред две години, на почетокот на декември, Валерија ме покани првпат во својот стан. Тој ден, се сеќавам, сериозно залади веќе околу пладне, приморувајќи ги минувачите да одат побрзо, со што пововлечени вратови во јаките од јакните и капутите, со што подлабоко нурнати раце во џебовите. Шофершајбните на автомобилите веќе ја имаа добиено својата глазура што под уличните светилки, неколку часа подоцна, во предвечерјето, се прелеваше во спектарот од боите на виножитото, преточувајќи се брзо од една во друга во погледот на минувачите. Ја запознав околу две недели порано на една работилница. Седев таму на масата и не ни забележав кога и како ми се наметна. Нејзиното набројување, различните видови движење низ просторот. Повтори нешто неколкупати, се издвои од останатите. Самиот тој нејзин ритам, опседнато испразнет. И не забележувајќи кога сум ја донел одлуката, а еднакво не чувствувајќи доволно јасно дека морам – станав мирно, и отидов до балонот со питка вода. Останатото самото се случуваше. Првиот збор при второто јавување со поглед лизна во разрешување што не го отфрлив.
Сеќавањето на неа го чував следните денови, со некоја претпазлива динамика на своите движења. Нешто, што не беше мое и што не ми беше познато од порано: се вчита во моите движења. А сега се најдов во нејзиниот стан: ги впивам нејзините бои, ја запознавам. Сѐ може да исчезнува, помислувам, но таа е концентрираност. Кога седам на двоседот, а таа стои среде соба, ми се чини дека на тоа место има некаква згуснатост.
Како целата соба да пулсира од таа точка.
На грбот имаше – дури таа ранодекемвриска вечер имав прилика да забележам – tattoo со мотив на Алфонс Муха. Близу кулминацијата, окото ми се задржа на тетоважата: понирањето во тој волшебен сплет – му даде нешто остро, бледо и флорално на мојот оргазам. Дури нешто словенски морничаво. Се стресов, додуша, едвај забележливо, излегувајќи од неа. Како тоа да беше некаков подводен леден оргазам. (До заглушеност ми татнеше во ушите.) Оттаму сите тие неочекувани и запрепастувачки озарувања. Тоа е само сонцето видено одоздола низ подмолно затемнувачката маса вода.
Потоа, додека пушев цигара, се сетив на фотографијата на која Гоген седи, со голи нозе, и свири на хармониумот на Муха. Забележав, погледнувајќи низ прозорецот, дека надвор изнапаѓал снег.
Нешто ѝ реков во тој миг. Се насмеа. Насмевката ѝ беше таква, што ѝ ја затегнуваше горната усна, толку дури за да се издигне милиметар-два над границата помеѓу забите и непцето. Опасна граница, крволочна граница – бев во искушение да помислам, ама веднаш ми го откри другото, поблаго лице на својата насмевка. Како да знаеше дека последната мисла ја припишав на однекаде довеаната детска перцепција, почна: „Тој вид детски страв кога ќе ги изгубиш сите бои, ќе останеш сив, како и предметот од кој си се уплашил. Кога единствената боја што опстанала е бојата на крвотокот. Така се чувствував завчера. Страв од изненадување, од испразнетост, страв од запрепастување, како од тебе да е исцицано сѐ и преобразена си во ледена минута на апсолутно исчашување – чисто набљудување на сѐ покрај сѐ“.
Наредните пет-шест дена, колку што се сеќавам, не бевме во контакт, а потоа повторно ме покани кај себе. Во меѓувреме, се чувствував на некој чуден и нов начин изместен. Како од ден на ден нешто да ми се случуваше со очите, како нешто да ми беше измрдано со иднината, како сиот да бев проникнат со некое чувство на потиснатост и заканетост. Но, кога повторно се најдов во нејзиниот стан, забележав кај неа нешто слично. Преминот помеѓу два нејзини погледа, кои би морале да изразуваат сосема различни расположенија – тој премин сакаше да се слее во незабележливост и тоа до таа мера што двата погледа во потполност би личеле еден на друг. Како да би требало вториот поглед да остане внатре во првиот. Само определен пад на енергијата, кој сепак на моменти можеше да се почувствува, укажуваше на недостиг од одлучност и тивко ѕиркање на некоја треперлива јанѕа.
Кога ќе се најдевме подоцна во текот на денот, вечерта ќе добиеше на густина, а кога ќе се најдевме порано, воздухот околу нас ми се чинеше побистар. Едно попладне, ја спушти дланката на горниот дел од моето десно стапало, и, речиси истиот миг, заспав. Кога ќе ми ги опфатеше тестисите со својата топла дланка, неколку мига пред оргазмот, нешто се распукнуваше во мене, како некое пупење, и се чувствував за миг загрижен. Длабокото, неописливо трогнување кога при друга прилика ќе ги вшмукаше во усната празнина, ќе почнеше да ги гмечи, да ги развлекува – речиси ќе заплачев: конечно блискост. Нејзиниот оддалечен шепот ја еректираше мојата мисла и во времето што не го минувавме заедно. Ми се чинеше дека е нејзината насмевка заборав на сѐ и го имав потполно изумено претрнувањето што го осетив со пречекорувањето на работ на забите и непцата во текот на нашата прва ноќ.

III

Чудно е како Павле умееше да биде истовремено харизматичен и непресметлив – тоа ми беше нешто сосема ново, со оглед на тоа што порано мислев дека харизматичните луѓе се секогаш докрај промислени. Но, за волја на вистината, Павле управуваше пред сѐ со туѓите животи и на тој начин симулираше хиперсамоконтрола и живееше од испарувањето на таа пена, доста истрајно и успешно, дури виртуозно замајувајќи се себеси. А сепак, се чинеше дека им се препушта на настаните да го водат (во што, пак, го видов леглото на неговиот цинизам). И тогаш кога ми ги кажа сите тие работи за неа, и тогаш го правеше сето тоа. Знаев дека била на работ на самоубиство. „На работ на самоубиство? Беше на работ од симсот. Стоеше на симсот и потоа се откажа. Нешто ѝ рече дека со тоа ништо нема да постигне, дека само ќе се врати во постоењето во некоја друга форма. Знаеш дека е Валерија поетична“. Рече и дека веројатно не знам ни за нејзините три дена и три ноќи (на екстази) минати во Соко-град.
Ама кога ми раскажа на кој начин ѝ помогнале да се ослободи од стравот од абортус – што, доколку добро пресметав, паѓаше во времето кога таа и јас се запознавме – му реков: би сакал тоа никогаш да не си го направел, тоа никогаш да не сте го направеле. Она што ми го одговори ми влијаеше како ништо друго во животот. Но пред тоа, ми раскажа сѐ детално, присилувајќи ме да го сослушам докрај.
Во текот на таа сесија, извел зафат на душата на Валерија со помош на своите пријатели, во намера да ѝ помогне да се ослободи од стравот што му го признала неколку месеци порано, како што рече, во текот на еден свој исповеден разговор. (Оти тој тоа на свој начин го поврзуваше: таа себе се казнувала со долгогодишна врска со џанки – со кого била пред мене – затоа што имала опсесивен страв од абортус.) Павле ја надгледувал ситуацијата и нежно ја насочувал, давајќи сугестии, храбрејќи, кормиларејќи; неговата девојка, Чили, инаку воспитувачка, носела купишта детски цртежи во станот, ја држела Валерија за рака и ѝ го милувала челото со марамче натопено во чај од камилица. А Игор, палјачото на Павле, кој е толку беспредметна егзистенција, што дури сега го воведувам во приказната, полека, и внимателно, следејќи ги инструкциите на Павле, ѝ го вовлекувал на Валерија кујнскиот нож во вагината. – Му реков дека не смеел тоа да го направи. Дека не смееле да го прават тоа. Запрепастен, надвор од себе од тоа што го слушам, реков патетично дека најмногу би сакал тоа никогаш да не го направел. А тој ми рече дека таа реченица што тукушто ја изговорив нему му дава право да ме убие. Бев парализиран. Да беше тоа закана, верувам дека немаше толку длабоко да ме порази (макар што смртно ќе се преплашев, ќе претрнев, тоа е извесно). Ама да каже дека има право да ме убие затоа што посакав да не направел нешто што направил, ме запрепасти, ми ја смрзна коскената срж.
Додека ја опишуваше сцената, напомнуваше секогаш отпочеток дека ни капка крв не е пролеана, при што неговата упорност во нагласувањето на тој момент, ми го правеше сето тоа, на некој необјаснив начин, уште понеприфатливо.
Отидов. Мислам дека никогаш од никаде не сум отишол пофуриозно. Една африканска маска од ѕидот во претсобјето ја погледнав избезумено молежливо, делче од секундата пред нервозното фаќање за кваката на излезната врата. На Валерија утредента ѝ реков дека не сакам веќе ништо да имам со Павле (што, очигледно, истовремено ја повреди нејзината гордост и – додуша не за долго – ја доведе во прашање лојалноста кон личноста што толку ѝ имаше помогнато во животот). Она што подоцна ми падна на памет, кога веќе можев со помирна глава да размислувам за сѐ – измолкнувајќи се од повеќемесечната депресија во која без престан ги сонував и при секое излегување од дома, мислејќи дека ќе сретнам некого од нив, стравував од секоја силуета – точно е дека би требало некако да им се каже на самоубијците (а и на самиот себеси си го реков тоа) да се чуваат од оние што сакаат да ги разуверат од самоубиствените намери оти тие, доколку се налик на Павле, можат подоцна да ги поседуваат на еден за човечкото битие повеќе од неприфатлив начин.
Макар што, тоа што отсекогаш ме правеше на некој посебен начин ранлив и што и натаму ми се враќа како дополнителна слика, иако не ја видов со сопствени очи сцената – тоа е смртта на таа несреќна зајачица, која настрадала така што една ноќ поранешниот дечко на Валерија дошол дома среден, и фрлајќи се на фотелјата на која зајачицата спиела, заспал преку неа, приклештувајќи ја. Крај вклучениот телевизор. Зошто ѝ беше на Валерија неопходна таа смрт за конечно да донесе одлука да го остави?

АвторИван Антиќ
2018-08-21T17:20:35+00:00 јуни 12th, 2017|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 113|