Игор – посветен и неуморен преведувач

/, Критика, Блесок бр. 100/Игор – посветен и неуморен преведувач

Игор – посветен и неуморен преведувач

Игор – посветен и неуморен преведувач


Во неколку мои разговори со луѓе кои добро го познаваа Игор Исаковски, она што тие најмногу го истакнуваа за него беше дека Игор „неуморно преведува“. Сите го употребуваа овој збор – „неуморно“. И, навистина, ако се погледнат изданијата на Блесок, веднаш паѓа во очи колку неуморно Игор преведуваше – од екс-југословенски јазици (српски, хрватски, словенечки и нивните варијанти), како и од англиски, со што им ја даде на македонските читатели можноста да се запознаат со навистина извонредна поезија. Бидејќи е невозможно да се опфати огромниот опус од преводите на Игор, одбрав само неколку песни од тројца поети низ кои ќе се обидам да ги покажам карактеристиките на Игор како преведувач. Тоа се Јосип Ости, Оља Савичевиќ Иванчевиќ и Џек Галмиц.

Кога човек има одврзани раце да бира поезија за списание, која исто така си дава задача да ја преведе, тогаш првата и најважна работа е изборот, зашто преводот доаѓа дури потоа. А Игор бираше извонредна поезија и за превод на една песна посветуваше денови и денови со цел да ги изнајде најдобрите зборовни решенија. Песните „Книги ангели – домашни божества“, „Песната беше и остана твојот единствен дом, Марина Цветаева“, „Истите песни некогаш ги читавме“ или „Останав ли без јазик“ на Јосип Ости, објавени на страниците на Блесок го докажуваат тоа. Така, што се однесува до изборот на поезијата, не е потребно да се знаат биографски податоци или да се прочитаат критички осврти за Ости за веднаш да се забележи специфичноста и моќта на неговата поезија. Љубовта на Ости кон книгите и неговата умешност да го пренесе тоа се забележителни уште од првите стихови, а тоа Игор го забележал и го пренел и на македонски.

Книги – ангели, домашни божества – преполн со вас
ми беше сараевскиот стан. Преполни полици – олтар
пред кој, толку пати, стоев понизен.
Прашувајќи се по која ќе посегнам. Чија тајна ќе се обидам
да ја одгатнам. Во која ќе оставам траги од читањето.

При споредбата со оригиналот уште на самиот почеток од песната, веднаш се забележува една карактеристика што се провлекува низ целото преведувачко творештво на Игор – обраќање внимание на контекстот. Така, прво, во некои случаи, оригиналниот збор е малку изменет, не е сочуван зашто во контекст на целата песна на македонски јазик повеќе одговарал некој друг термин или друга граматичка конструкција. Второ, и спротивното некогаш е вистина – во одредени случаи, без разлика на необичната (на македонски) конструкција, во преводот таа е задржана, не е приспособена на правилата на македонскиот јазик, а со тоа се постигнала целта на очудувањето – да звучи, зависно од контекстот, попоетично (наспроти прозниот израз што би звучел поприродно), или намерно да потсетува на бајка, народна приказна или на некоја друга специфична форма.

Во горниот извадок се забележува првиот случај: во оригиналот „kućna božanstva“ е преформулирано не во „куќни божества“, како што би звучел најблискиот превод, туку во „домашни божества“, што е многу поблиску до духот на македнскиот јазик со оглед на тоа дека книгите се идентификуваат со божества во својот дом, а не во која било куќа, односно „дом“ има многу поблиска асоцијација со сопстен простор, отколку „куќа“. Или, за стихот „Pitajući se za kojom posegnuti“ е одбрано решението „Прашувајќи се по која ќе посегнам“. Буквалниот превод би бил: „Прашувајќи се по која да посегнам“, но бидејќи реторичките прашања поттикнати од ова прво прашање продолжуваат, набргу станува јасно дека изборот на Игор, „Прашувајќи се по која ќе посегнам“ одлично го следи ритамот што се постигнува со последователните прашања, кои многу подобро функционираат со „ќе“ („Чија тајна ќе се обидам / да ја одгатнам. Во која ќе оставам траги од читањето“ и така натаму во продолжение).

Во истата песна, „скриеното богатство“ е најблискиот превод на „skriveno blago“, но, со цел да го очуди, да биде во согласност со атмосферата во песната, „богатство“ е заменето со „азно“, со што се постигнува ефект на стара приказна (или бајка), токму таков ефект каков што и песната има намера да постигне – зашто книгите во неа се хероите на светот (а хероите се поврзуваат со постар вид литература повеќе отколку со современата).

Изборот на песната на Ости за Цветаева исто така ја одразува одличната одлука да се претстави оваа долга, а лесно читлива песна пред македонските читатели – веројатно една од најубавите песни посветени на некој поет/поетеса во светската литература. Во следниве стихови, во согласност со оној втор случај наведен погоре, Игор целосно ја следи конструкцијата на оригиналот, не адаптирајќи ја на македонскиот јазик, се разбира целосно свесно и намерно, за да го постигне специфичниот поетски ритам на песната:

Раздвоен, како ти што си била раздвоена, од
своите најблиски, од кои нè раздвои животот,
на начин на кој, подеднакво сурово, раздвојува
само смртта…

Значи, место поприродниот прозен ритам што би можел да дојде предвид за преводот – на пример, „како што ти си била раздвоена“, и слични конструкции и во подоцнежните стихови – овде е избран малку необичниот израз „како ти што си била раздвоена“ што се совпаѓа со истакнувањето на „ти“ во текот на целата песна.

И изборот на поезијата на Оља Савичевиќ-Иванчевиќ оддава особено чувство за интересна и разновидна поезија. Нејзините песни се ведри и разиграни, нејзиниот ден поминат со ќерката (во песната „Саемски ден“) е тема што, инаку, ретко се третира во поезијата, а речиси никогаш со ваква енергија и љубов како во песните на Савичевиќ-Иванчевиќ. И „Склоност“ и „Боса нова“ ја изразуваат истата разиграност и спремност да се ужива во убавините на животот. Последнава почнува со стиховите „Нека летото трепери пред вратата / Не отварај му нека пукне од желба / Ние ќе се смееме голи и црни…“. Во оригиналот на хрватски, поетесата го употребува зборот „drhti“, но место буквалниот превод „се тресе“, што асоцира на тресење од студ или од страв, Игор го внесува зборот „трепери“ што веднаш упатува токму на она што го изразува песната – дека летото токму трепери, односно дека се појавуваат првите знаци на доаѓањето на летото, тоа е во воздухот, но сè уште не е целосно пристигнато. За „umre od želje“ има и македонски израз „умира од желба“, но многу пожив и впечатлив, каква што е и енергијата на песната, е „пукне од желба“ – избран во македонскиот превод.

Третиот избор за кој би сакала да кажам нешто е изборот на поезијата на Џек Галмиц, современ мајстор од западот на традиционалната јапонска хаику-поезија. Поетската форма хаику последниве децении станува сè поприсутна и меѓу соврмените поети, а Галмиц е признаен како еден од најуспешните кои пишуваат во овој (под)жанр, така што изборот на неговата поезија не е воопшто случаен. Ако целта на една хаику песна е, според книжевните аналитичари што ја истражуваат, да даде јасна, чиста слика за некој феномен во природата или некое искуство, да го искаже животното искуство на краток, ефикасен начин и да го ингетрира искуството со визуелната слика на природниот феномен или доживувањето, тогаш Галмиц извонредно го сторил ова на својот јазик, а Игор успеал да ги направи неговите песни извонредно да звучат и на македонски јазик. А успеал преку внимателното исфрлање или додавање зборови за да ја искристализира сликата. Одличен пример за ова е песната “Clear Flower Stem” или „Цветно стебло“. Трите кратки стихови од оваа хаику-песна се:
Clear flower stem Цветно стебло:
A stream connecting me Поток кој ме врзува
To a place I’ve been Со видено место

Во првиот стих, во оригиналот има три одделни зборови составени од по еден слог – значи, три слога. Во македонскиот јазик зборовите со кои би се превеле англиските термини се сочинети од по два слога – со тоа би се добиле шест слога само во првиот стих, а тоа би го расипал ефектот на хаикуто чија суштина е токму низ малку слогови да искаже целосна слика. Овде Игор изнашол обмислено и ефективно решение: решил да го исфрли зборот “clear” (јасно, чисто) бидејќи сликата е веќе целосна и без него, односно само со другите два збора: цветно стебло. Истовремено ја задржал рамнотежата од првиот стих: секој збор во него да има еднаков број слогови како и другите зборови. Така, на англиски секој збор има по еден слог, а на македонски секој збор има по два слога.

Во вториот стих, Игор успеал да ја задржи краткоста на формата преку исфрлање на префиксот „по“, па со „врзува“ место „поврзува“ придонел не само кон намалување на бројот на слоговите, туку и кон ритам што е поблизок до оригиналот. Многу интересен избор направил и во последниот стих, за кој буквалниот превод би бил: „со место на кое сум бил“, но таквиот превод би бил пренесмасно решение за едно хаику – во вториот стих „кој ме врзува“, потоа „на кое сум бил“ (два зависни изрази) би претставувало усложнување на сликата која треба да биде јасна. Игор овде го изнашол интересното решение: „со видено место“ што, всушност, е сосема соодветно со „место на кое сум бил“, а е многу пократко, поефикасно за хаику-формата, а истовремено буди и дополнителна асоцијација на визуелен впечаток.

Исто така интересни решенија има и во другите песни од Гламиц: за “exchanging identities” (“Twins”), Игор решил да го стави „разменуваат лица“ (место „идентитети“), искористувајќи ја, на тој начин, и блискоста на „лице“ со „идентитет“, но и дополнително внесувајќи многубројни други асоцијации со оглед на сите потенцијални значења на „лице“ на македонски (менува лица може да означува дволичен човек, лице се поврзува и со чест па и со смелост – на пример „како имаш лице а се појавиш овде?“ – и така натаму); “planetary disturbance” (“Inside of Me”) го превел со „светска вознемиреност“ што е одлично решение во споредба со можната варијанта „планетарна вознемиреност“ која на македонски не би имала многу значење бидејќи зборот „планетарна“ не го употребуваме во овој контекст.

Ова е само еден многу краток исечок од преводите што ги работеше Игор и начинот на преведување што го практикуваше. Има уште огромен број примери за неговата долгогодишна посветена работа на преводите и, за жал, во еден текст, нема простор да се зборува за сите негови преведувачки подвизи. Му благодариме за сите извонредните песни од Ости, Сибила, Баретиќ, Савичевиќ Иванчевиќ, Галмиц и многу други поети што ни ги направи достапни и на македонски.

2018-12-19T13:13:58+00:00 септември 9th, 2015|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 100|