Звуци

Секогаш сум на штрек. Ми се згрчуваат мускулите на нозете и при најмал звук што ќе го сетам како чуден и неприроден. Веднаш станувам и ги проверувам сите соби во куќата, а потоа со страв погледнувам кон надворешните скали. Некогаш се стресувам и на звуци што доаѓаат од мојот желудник. Некогаш затреперувам и на најмал трепет на лисјата на оревот во дворот. Имам беспрекорен слух кој ги регистрира и најмеките поместувања на мебелот. И најфланелските чекори во дворот. И памучното одење на прсти, ноќе. Некогаш можам да ги слушнам и автомобилите оддалечени со километри. Додека спијам, моите уши се будни. Додека се одмарам, моите уши не одмараат. Го одмеруваат секое гласче и звукче и ги забрзуваат срцевите отчукувања. Тоа му доаѓа како фон на опасноста, затоа што ушите и срцето научиле да соработуваат во насетувањето, во наслушнувањето, во опипувањето на звучноста. Не се плашам од земјотреси. Сакам да сум спремна кога во другата соба ќе се затресат прозорците, а мене ми снемува воздух во градите.
Денес ушите ме предупредија. Ме разбуди едно силно тресење на стакла. Ми се згрчуваат мускулите на нозете оти звукот е чуден и неприроден. Веднаш станувам и ги проверувам сите соби во куќата, а потоа со страв погледнувам кон надворешните скали. Нема ниту месо кое вибрира, ниту превртени очи, ниту пролеана лига или мочка. Вибрираат ѕидовите и се превртува подот.

По неколку минути, излегува мајка ми од шарките на тепихот и прошепотува неколку збора на непознат јазик.

2018-08-21T17:20:59+00:00 март 1st, 2011|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 76|