За сештојадците и човекојадците

/, Проза, Блесок бр. 110/За сештојадците и човекојадците

За сештојадците и човекојадците

За сештојадците и човекојадците


Момчето е смирено. Потполно. Од внатрешниот џеп на јакната вади новчаник и цигари. Вади една цигара и ја става меѓу усните. Со секое движење прави шум. Се слуша дека не е одовде. Суштествата кои живеат во шумата имаат научено како да се движат бесшумно.

Пребарува по џебовите на панталоните. Бара запалка. Се уплаши за миг дека ја изгубил запалката, па нема да може да запали цигара. Сепак ја наоѓа. Во десниот џеб на панталоните. Во она мало џепче во џебот.

Се слуша дури и палењето на цигарата. Прво звукот на кременот, па црцорењето на жарта и на крај вдишувањето. Седи и пуши. Малку гледа во купот камења кој го нареди, па малку пред себе во длабочината на шумата.

– Знаеш, страв ми е. Би лажел да кажам дека не ми е. А, најмногу би сакал да не лажам веќе. Кого да лажам? Веќе никого нема. Кој би рекол дека светот навистина ќе пропадне? Дека градовите ќе се претворат во пустелии во кои човек не може да преживее ни десет минути. Дека ќе снема струја, интернет, дека ќе замолкнат телефоните… Дека едноставно сѐ ќе исчезне. Дека ќе гледаме како луѓе умираат. Дека ќе бегаме, дека залудно ќе помагаме. А, веќе за никого нема помош. Дека ќе успееме сѐ до сега да одложуваме. Кој би рекол? Не знам, дали има некој кој успеал волку долго да го одложи како јас? Не верувам. Бевме добри, стари. Како две мечки. Кога треба силни. Кога треба скриени.

Се сеќавам кога бев мал, не знам дали и ти се сеќаваш… Се сеќавам кога ми раскажуваше дека имам мечка заштитник. Секој пат кога бев уплашен. Една кафена мечка која ме следи во чекор. Секогаш е во близина, во најблиската грмушка или шумичка. Подготвена да скокне и да ме заштити. А тогаш, кога бегавме, луѓето од автобусот, бегалците, крај патот видоа мечка. Сите скокнаа на таа страна на автобусот за да можат подобро да ја видат. Само јас останав да седам уверен дека тоа што им е нив необично, всушност не е никакво изненадување. Мечката која им го привлече вниманието е токму мечката за која ти ми раскажуваше.

Вистинска приказна. Би сакал да можеш да ми одговориш. Се сеќаваш ли, дали кога бев мал ми раскажуваше дека имам мечка заштитник? Не сум веќе сигурен во своите сеќавања. Не сум веќе сигурен да не сум го измислил сето тоа, па сега си припомнувам само на своите измислици кои ми се допаднале или навистина беше така. Не сум сигурен дали како мал имав мечка заштитник. Дали така ми кажавте? И не можам да бидам сигурен дали имаше мечка крај патот и дали сите бегалци скокнаа да ја видат, а само јас не. Не знам веќе да разликувам што сум измислил, а на што навистина се сеќавам.

Би сакал да не сум го измислил тоа. Би сакал да верувам во сѐ на што се сеќавам. Бидејќи и сега ми е страв, а во оваа шума има многу места во кои мојата мечка би знала да се скрие и да демне.

Тие навистина доаѓаат. Трепетот на нивните чекори се пробиваат дури до могилата, до купот и ги тера камењата сосем благо, речиси незабележително, да вибрираат. И момчето ја крева главата. Слуша дека се приближуваат. Како да доаѓаат од сите правци. Бучни се. Не им е гајле. Оставаат вревата да ги најави.
– Знаат дека светот е нивен. Затоа се толку гласни. Ништо веќе не може да им се спротистави. Они тоа го знаат. Ама, не се грижи тато, ти успеа да им побегнеш.

Ужива во цигарата. Не се брза. Млад е, а пуши како старец..
– Баш ми е мило… Ме весели фактот дека успеа да им побегнеш, ама ми е криво што не можеш да ми одговориш. Што не си во состојба да ми ги растуриш сомнежите. Дали моите сеќавања се навистина сеќавања? Или само лаги кои некогаш сум си ги кажувал само затоа што сум можел?
Не верувам веќе во сопствените сеќавања. Се сеќавам на работи на кои е невозможно да се сеќавам. Се сеќавам на настани во кои сум учествувал, ама тие се во мојата глава… Како да му се случиле на некој друг. Очигледно се сеќавам на тоа што други ми раскажувале, а не на тоа што јас сум го доживеал.
Поголем проблем од туѓите приказни се оние приказни кои сум си ги раскажувал сам на себе. Нив не сум во состојба да ги препознаам.
Би сакал да можам тоа да го проверам со тебе. Дали е вистина, ми велевте кога бев мал, дека имам мечка заштитник?

АвторМарко Дејановиќ
2018-12-13T12:11:18+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 110|