„Заробувајќи го Господ во Катманду“ од Самрат Упадјај

/, Критика, Блесок бр. 64/„Заробувајќи го Господ во Катманду“ од Самрат Упадјај

„Заробувајќи го Господ во Катманду“ од Самрат Упадјај

Хјутон Мифлин, 2001, 191 стр.

#1 Во изминативе години, писателите од индискиот потконтинент ги сметаат за најдобри во создавањето книжевна фикција. Салман Ружди, Амитав Гош, В.С. Најпол – овие писатели се најновите наследници на богатството на Викторијанската книжевност и инвентивноста на постмодерното раскажување. И, како Индијци, го користат англискиот не само како љубен јазик. За нив, јазикот е и метафора за свет обземен од културна фрагментација која истокот го приближува кон западот, југот кон северот, и обратно.
Еве го сега и Самрат Упадјај. Роден е и израснал во Катманду. Во САД дошол на 21 година. Неговата прва збирка раскази „Заробувајќи го Господ во Катманду“ е првото дело од непалски автор објавено на англиски јазик. А книгата е вџашувачки добра. Упадјај го владее кусиот прозен жанр со толкава човечност и очигледна леснотија што потсетува на Чехов – иако будистички Чехов кој пишува за љубовта не со црн руски фатализам туку со чувство за цикличната природа на животот и неговите страсти.
Расказите на Упадјај обично започнуваат со неумолива замисленост. „Неволјите на Дипак Мизра започнаа откако во канцеларијата ја бакна својата непривлечна секретарка“. Ова е воведот во приказната за еден деловен човек кој е двојно занесен од пропаднатиот брак со прекрасната „збудалена по Непал туѓинка“ и неговата крајно ефикасна и крајно грда секретарка. Редовите „‘Ожени го’, рече Рудра. ‘Кога ќе има жена, ќе се вразуми’“ го поттикнуваат грубиот љубовен триаголник помеѓу куцата невеста, нејзиниот сопруг алкохоличар и неговиот подетинет татко обземен од ламтеж. „Останав зашто не можев да ја поднесам помислата да напуштам таков голем човек како мојот учител“ го одредува тонот за расказот за постар духовен водач чија љубов кон наперчената млада заводничка го води во пропаст.
Иако се позиционирани во еден од подалечните делови на светот и исполнети со ликови кои му се молат на богот Ганеш, расказите на Упадјај ни се чинат блиски. Во „Божјиот продавач“ тој ја опишува врската помеѓу Прамод, покорен сопруг кој неодамна ја загубил работата, и дебелкавата слугинка од село, но неговата тема е ескапизмот на љубовта. Во „Овој свет“, темата на Упадјај се договорените бракови, но негова хероина е Канти, жителка на Катманду која по студиите по економија во Њу Јорк се враќа кај својата традиционално одредена мајка за да открие дека е, како и многумина од модерните, суштество на „два света … распната помеѓу нив“.
Физичкиот копнеж, потрагата по ред, општествениот страв кој води кон престап, грубост и радоста се она со што расказите на Упадјај ги надминуваат културните детали. Како Чехов, тој конструира обична случка и ги праќа своите ликови на калеидоскопско патување од чувства, што резултира со откривање на нивните внатрешни и надворешни светови.
Во расказот „Соседна соба“, на пример, мајка опседната со општествените правила е принудена да се соочи со себеси при едноставниот чин на враќање во собата на својот сопруг. На почетокот од приказната, тетка Шакунтала „се здобила со огромна почит од соседите и роднините поради начинот на кој го води домаќинството и ги воспитува децата“, иако е омажена за „идиот“. Со текот на годините се одржала издигната со „спиење во друга соба“. Сепак, на крајот од приказната, нејзината ќерка ја зазема слободната соба со своето вонбрачно дете и среќно се мажи за кутар глупак, присилувајќи ја тетка Шакунтала да се врати во креветот на својот сопруг и со самото тоа во просторот во кој мора да се соочи со своето осакатено срце.
Расказите на Упадјај се морални приказни за тоа како општествените норми и семејните притисоци ги обликуваат животите. Но, тоа не се алегории во традиционалната јудејско-христијанска смисла, зашто духовната порака на Упадјај е повеќе елиптична отколку насочувачка. Слично на будистичката доктрина за бесконечните животни циклуси и прераѓања, расказите на Упадјај често завршуваат онаму каде што почнале. Дипак Мизра и понатаму е прогонуван и од својата секретарка и од својата бивша сопруга. Канти останува суштество од два света. Тетка Шакунтала останува жена без сочувство. Па сепак, нивното просветлување доаѓа од изминувањето на циклусот кој го одредува нивниот карактер како единствен и индивидуален.
Плус, Упадјај е забавен и ироничен. Неговите ликови изговараат нешта како на пример „Толку многу нешта се случуваат во светот. Паѓаат влади. Луѓе умираат од колера и од други болести. Диви животни шетаат низ градовите. А сè што тебе ти паѓа на ум е чај“. Упадјај напишал збирка раскази која ја враќа вербата во силата на книжевноста од потконтинентот и покажува дека будистичката филозофија и кусата проза имаат интересен англиски брак во XXI век.

Тамара Штраус е постар уредник на AlterNet.org.
Оригиналот од овој текст првпат е објавен на страницата RV – 79 од San Francisco Chronicle.

Превод од англиски: И. Исаковски

АвторТамара Штраус
2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 64|