Женскиот Едип или влијанието на формирањето на женската сексуалност

/, Критика, Блесок бр. 80-81/Женскиот Едип или влијанието на формирањето на женската сексуалност

Женскиот Едип или влијанието на формирањето на женската сексуалност

Во сценаријата на филмовите „Црниот лебед“ на Дарен Аронофски (2010) и „Пијанистката“ на Михаел Ханеке (2001)

#1 Пред речиси пет години пишував осврт кон романот „Пијанистката“ на Елфриде Јелинек задржувајќи се на автобиографските елементи и посебно на доминантната позиција на мајката на Ерика во истоимениот роман. Неколку години претходно, во 2001-та, австрискиот режисер Михаел Ханеке го инсценира на филмското платно текстот на Јелинек кој, меѓу другото, предизвика слични контроверзии како и нејзиниот роман.
Девет години подоцна, Дарен Аронофски во Њујорк сместува една друга приказна која на прв поглед обeдинува два нови момента: теоријата на „Црниот лебед“ на Насим Николас Талеб и Doppelgänger1F или народното верување за постоење на двојник, удвојување на личноста во психолошка смисла.
Токму овие моменти како основа на сценариото на „Црниот лебед“ се добра тема за некое ново елаборирање, но овој пат сакам само да се задржам на истата тема за која пишував и кај „Пијанистката“, а која неминовно ми се наметна гледајќи го „Црниот лебед“, па овој пат ќе се обидам на направам паралела помеѓу носечките ликови во двата филма и нивната психофизичка поврзаност со мајката. Приказната и во двата филма започнува во домот. Идеална средина за развивање емотивна врска помеѓу мајката и ќерката. И во двата случаи во семејството недостига таткото за да се воспостават нормално прифатените семејни односи. Ќерката не успева да го оствари преминот од мајката кон таткото, инициран од Едиповиот комплекс според Фројд, така што понатаму е оневозможено да ја развие и нормалната потреба за врска со партнер од спротивниот пол. Врската помеѓу мајката и ќерката ги преминува очекуваните граници, станува сè посилна, така што и двете се обидуваат да го надоместат отсуството на таткото со невообичаената блискост една со друга. Од една страна, ќерката претставува центар околу кој гравитираат сите неостварени амбиции, желби и идеали на мајката, а неретко и супституција на партнерот кој не постои. Оваа преголема блискост доведува до абнормалност во развојот на ќерката, особено при психичкото и физичкото созревање и прифаќање на сопствената телесност. Границата на интимност е избришана со целосното бришење на приватниот простор во домот.
#2 Но да започнеме од почеток. Ерика во „Пијанистката“ и Нина во „Црниот лебед“ се во потрага по сетилната природа на сопственото постоење која е задушена или неразвиена поради неможноста да се ослободат од доминантноста на мајката. И двете се врвни уметници со забележителни кариери безусловно поддржани од своите мајки кои го следат секој нивни чекор, го слават секој нивни успех, сочувствуваат со секој нивни пораз.
Оваа силна желба да се добие најдоброто од својата ќерка потекнува од примарната, неостварена желба на мајката во младоста. И двете мајки имале иста судбина, ги прекинале своите кариери во младоста поради неочекувана бременост, па сега своите неостварени амбиции ги проектираат врз своите ќерки. Така, уште од своите детски денови несомнено е дека Ерика треба да стане успешна пијанистка односно Нина да стане примабалерина. Девојките се беспрекорно воспитани, така што куќниот карантин во кој живеат за нив не претставува пречка во остварувањето на намерите. А единствена цел која ја имаат е нивниот професионален успех. Тие не сè уште не го спознале надворешниот свет кој ги опкружува, единствено излегување од куќниот притвор е патот кој го поминуваат од домот до конзерваториумот.
Мајките и во двете приказни успеваат од своите ќерки да направат марионети со кои беспрекорно управуваат и смело ги користат во намерата да ги остварат своите неостварени желби од младоста. Посесивноста на мајката во ваков случај е сосема разбирлива, таа е видливо вознемирена секогаш кога ќерката не е во нејзина близина или не се враќа дома во предвиденото време. Долгогодишното табуизирање за половата диференцијација во семејството ги прави девојките да бидат целосно неми и нечувствителни за телесен порив и желба. Фројд смета дека одвојувањето од авторитетот на родителите е прилично важен сегмент при созревањето на личноста.
#3 Но доаѓаат моменти кога оваа диода мајка-ќерка почнува неминовно да слабее а силите кои тежнеат кон раскинување се сè посилни. Ако Ерика сè повеќе време поминуваше надвор од домот, осознавајќи ги тајните на своето тело кои сè до тогаш ѝ биле мистерија, Нина притисната од желбата да ја добие улогата на црниот лебед ги следи инструкциите на режисерот за да ја спознае сопствената страст и сензуалност.
Моментите на раскинување на долгогодишната врска со мајката и домот се трауматични и болни, но во исто време и неминовни. Недостатокот во нивниот развој сепак избива на површина оневозможувајќи да воспостават сексуална ориентација кон машкиот пол (момент присутен и кај двете девојки).
Елементот на удвојување на личноста или Doppelgänger паралелно постои и во двете приказни. И Ерика и Нина се притиснати од потребата да ја пронајдат другата личност во себе. Ако Ерика шетајќи низ улиците на Виена се обидува да се преобрази, Нина запаѓа во лудило халуцинирајќи како нејзината двојничка постојано ѝ „дише во вратот“. Борбата меѓу двете личности максимално ги исцрпува.
#4 Така на крај самоповредувањето всушност го симболизира убивањето на едното „јас“ со цел второто да избие на површина; симболично умира старата Ерика, умира и старата Нина во моментот кога успева да го долови максимално прецизно ликот на црниот лебед во Лебедовото Езеро. Самоповредата не е случајна, таа е единствениот пат кој води кон излезот од овој бескраен лавиринт на потраги, халуцинации, бегства и одмазди.
Самоповредата е момент кој го симболизира новото или повторно раѓање. Прободувајќи се себе си, Нина и Ерика успеваат да ја почувствуваат болката но и страста на своето постоење и конечно да ја раскинат врската со мајката.
И двете сценарија обединуваат ревизија на женската сексуалност, поглед наназад кон нејзиното потекло и комплексноста на процесот на пронаоѓање и прифаќање на телесниот идентитет на жената проследен преку низа специфики во нејзиното опкружување.

#b
1. герм. Допирлив двојник на некое лице во литературата, митологијата, фолклорот кој обично го претставува второто „јас“.

2018-08-21T17:20:57+00:00 декември 29th, 2011|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 80-81|