Жената и канонот

Жената и канонот

(Неколку белешки за драмата „Блескавата љубов на Марија С. К.“ од Мимоза Ристова)

Историјата на Нобеловата награда како најзначајна интернационална награда за културни и научни достигнувања, за жал, нуди и една не многу блескава слика во однос на родовата (не)рамноправност при доделувањето на истата. Имено, статистиките велат дека помеѓу 1901 и 2013 г. Нобеловата награда им била доделена на 44 жени од вкупен број од 876 добитници, или со оглед на тоа дека некои награди се делат помеѓу неколкумина добитници тоа се 45 награди од вкупно 561, и тоа 15 награди за мир, 12 за литература, 10 за физиологија и медицина, 4 за хемија, 2 за физика и само една за економски науки. Процентуално изразено тоа изнесува околу 5 % од добитниците или 8 % од вкупниот број на награди.
Иако е јасно дека за поцелосен увид во состојбите со родовата застапеност во канонот на ова високо признание е потребна подетална анализа на поголем број на фактори, како на пр. податоци за бројот на номинирани жени или воопшто позицијата на жените во науката, неспорно е дека дури и ваков кус преглед сепак отвора некои прашања кои се од суштинско значење за родовите студии и не само за нив. Зошто каноните се (сè уште) доминантно машки? Дали жените се навистина помалку способни за врвни достигнувања во науката и културата или попрво говориме за нивната (не)видливост во јавноста, за нееднаквите можности и пристап до ресурсите и можните предрасуди при нивно номинирање и наградување? Кои се критериумите кои придонесуваат за маргинализацијата на жените во науката, културата, политиката, општеството?
Во побивањето на ваквата поразителна статистика, иницијален и посебно значаен е придонесот на Марија Склодовска-Кири (1867–1934), која останува забележана во историјата не само како прва жена добитничка на Нобелова награда, туку и единствена жена која наградата ја добива два пати и притоа единствена личност која добива две награди во различни области. Покрај тоа, таа била прва жена професорка на Универзитетот во Париз, а иако многу години по смртта, во 1995 год. станува и прва жена погребана во Парискиот Пантеон поради нејзините лични заслуги. Како резултат, со полно право може да се смета дека онолку колку што нејзината работа придонела за напредокот на физиката и хемијата, речиси подеднакво значајно е и нејзиното влијание во сферата на социјалните и родови односи. Имено, во борбата за реализација и афирмација на сопствените научни достигнувања, Склодовска-Кири морала да се бори со бариери кои и биле подметнувани само затоа што е жена, и тоа од страна на припадниците на француската академија на науки кои никогаш не ја примаат за свој член, ниту сакаат да ја номинираат пред Нобеловиот комитет, но и од пошироката јавност.
Токму од тие причини посебно е интригантна драмата „Блескавата љубов на Марија С.К.“1F од македонската авторка Мимоза Ристова, која во својата основа се темели токму на личната, интимна приказна на оваа голема жена научник. Притоа, таа предизвикува интерес не само како драмски приказ на исклучителната биографија на Марија Кири и нејзиниот пионерски прилог во разбивањето на закоравените машки канони, туку и како значаен поттик за отворање на прашањето за родовата дискриминација во науката, но и пошироко во општеството, и тогаш и сега.
Самата драма, или како што авторката ја нарекува „фантасмагоричен театарски есеј во 15 чекори“, е пишувана врз основа на темелна упатеност во вистинските настани, со посебен акцент на откривање на (за пошироката јавност) недоволно познати детали од интимниот живот на Марија Сколодовска – Кири и нејзината лична борба со предрасудите и стереотипите на општеството во кое живее(ме). И самата споделувајќи дел од нејзините заложби и предизвици, Мимоза Ристова (како физичар и универзитетски професор, но и како жена и мајка) успева сопствената идентификација да ја искористи за внесување на една дозирана, но топла емотивност во портретирањето на ликот на Марија, што на текстот му додава длабоко човечка и сензитивна димензија како исклучителна дополнителна вредност.
Следејќи ја хронолошки нејзината приказна од раната младост и изневерената љубов со Казимир Журевски, кој ја избира согласноста на родителите и материјалната сигурност на договорениот брак со друга жена наспроти чувствата, драмата ја прикажува Марија Склодовска – Кири како вљубена жена, која очајува што не успева да ги победи социјалните стеги кои ја оневозможуваат нејзината љубов, но сепак доволно горделива и чесна во својата болка за да не ја прифати „утешната награда“ – понудената улога на љубовница и конкубина. Иако длабоко повредена и решена засекогаш да се одрече од емоциите и да се посвети исклучиво на своето образование и работа, Марија подоцна повторно ја пронаоѓа љубовта во себе. Или попрецизно е да се каже дека ја реоткрива со помош на нејзиниот Пјер, со кого споделуваат многу повеќе од обична симпатија, меѓу нив има заемно разбирање, трајно пријателство, вистинско партнерство и огромна заедничка страст кон науката. Некое време нивниот брак и нивната заедничка работа се чинат успешни и плодоносни, па тие раѓаат две ќерки и заедно постигнуваат успеси во истражувањата, но тоа не ги заштитува од ударите од лицемерите на патријархалната средина, кои не стивнуваат, напротив. Овој пат следува обид Марија да се избрише од заедничката Нобелова приказна, иако нејзините заслуги за откривање на радиоактивноста се еднакви, ако не и поголеми од оние на Пјер и соработниците. Со поддршката од нејзиниот сопруг и проф. Митал-Лефлер од Шведската Кралска академија, уште еден маж кој не се плаши од вистината дека и жени се способни „да проникнуваат во неоткриената природа на материјата“ (Ристова: 27), правдата е конечно задоволена и Марија станува првата жена која заслужено стапнува во светот дотогаш резервиран исклучиво за мажите. Сепак, и по добивањето на Нобеловата награда Марија останува свесна дека и покрај славата, парите и признанието, „плиткоумното и грабежливо општеството“ (Ристова: 31) сè уште не ја разбира вредноста на науката и образованието како темел на секој напредок, став кој недвојбено го споделува и авторката на драмата.
Како што аргументирано ни открива Ристова во повеќе авторефлексивни реплики од нејзината цврста драмска структура со извонредно портретирани ликови, ова не е првпат Марија да се судира со неправдите на општеството. Напротив, таа уште на 15 години се соочила со забраната на девојките од Варшава да се школуваат на сопствен јазик во сопствената татковина, што прави до крајот на животот да остане свесна дека образованието и науката се нејзиниот пат до слободата. Склодовска-Кири продолжува подеднакво истрајно, посветено и страсно да се предава на своите истражувања, но предизвиците пред оваа жена се множат, особено по несреќниот случај во кој Пјер загинува, а таа останува сама да се бори со својата болка и со депресијата поради ненадоместливата загуба.
Една од клучните епизоди во оваа документаристичка драма е онаа која доаѓа пет долги и тажни години подоцна, кога тагата и осаменоста постепено ѝ отвораат место на страста која сè уште тлее во оваа жена, па таа го засакуваа младиот соработник Пол Ланжвен, кој во извесна мера може да се протолкува како некаква имагинарна и алтернативна замена за Пјер. Кулминацијата настапува со скандалот со објавување на нивната преписка и обелоденување на нивната љубовна врска, скандал што ја засенува втората Нобелова награда која Марија ја добива во тој миг. Инцидентите кои следуваат и обвинувањата на новинарите и јавноста се ништо друго до слика на двојниот аршин и лажното морализирање на средината, која крајно неправедно се нафрла со осуда на нејзиниот (не)морал иако таа е вдовица, а не на нејзиниот љубовник кој е оженет. Тоа е тоа искривено мерило според кое за мажот било сосема оправдано и прифатливо да има вонбрачна врска, а на жената веднаш ѝ се лепи етикетата курва која треба да се каменува затоа што го изневерува мртвиот сопруг, колку парадоксално и да звучи.
Од директниот, отворен јазичен израз на Ристова во оваа реалистична драмска пиеса, станува јасно дека таа искрено и недвосмислено ја осудува ваквата непримереност на постапките кон Склодовска-Кири, која наместо да биде поставена на пиедесталот во општеството како лауреат на две врвни награди доживува навреди и напади само поради „моралноста“ на нејзиниот приватен живот, или уште поточно, само поради фактот дека за неа како жена важат некои поинакви вредносни критериуми.
Очигледно, во однос на интимната приказна на Марија Кири, голема вистина се крие во зборовите на слугинката – какво фајде од тие награди, носат само несреќа (Ристова: 43). И навистина, ликот на оваа голема жена, онаков каков што го мислиме дека го познаваме од историјата, но уште повеќе онаков каков што ни го доближува Ристова во оваа драма, нема друг избор освен да биде несреќна поради околностите и заморена од борбата со ветерници која ја води целиот свој живот, борба против неправедниот систем на вредности во општеството, против механизмите на исклучување врз основа на социјални, родови и етнички предрасуди, против привилегиите за мажите и препреките за напредување на жените кои немаат никаква основа освен биолошкиот детерминизам. Оттука, разбирлив е нејзиниот крик „Доста ми е веќе од сите тие ураниуми, радиуми, полониуми, мерења на активност, мали и тажни деца, нобелови награди, новинари и фоторепортери, изулавени ксенофоби, предавања на Сорбони, Пол Ланжвени, Казимири Журавски…истоштена сум! А особено од тебе и од твоето прерано заминување! Доста е!“ (Ристова: 47). И јасно е дека последици мора да има, дека борбата за сопствената мисија, но и за сопствената вистина, резултираат со умор, неразбраност, огорченост, кои на крајот ја доведуваат до нарушено психичко здравје и барање на мирот во здравствена установа. Овие халуцинативни делови на драмата кои се сметени во санаториумот Санселмож во малото градче Горна Савоа во Француските Алпи, а кои се пишувани во форма на монолошки метафизички размисли на Марија се налик на поетски и лирски пасажи со израз кој не само што ја истакнува нејзината фантасмагоричност, туку и придонесува текстот да се доживее и како солидно прозно остварување. Недвојбено тоа е голем комплимент за еден драмски текст, кој сосема целисходно може да функционира и сам по себе, независно од неговото театарско поставување.
Што се однесува до ваквата трагична драмска разврска, иако таа навидум може да ни ја разниша вербата во сврхата на оваа и ваква борба, за нас сепак нема никаква двојба дека секој индивидуален влог е важен и неопходен придонес во широката слика на сензибилизација на општеството по родовите прашања. Тоа е и крајната порака на драмата „Блескавата љубов на Марија С. К.“ од Мимоза Ристова, дека примерот на Склодовска – Кири покажува дека личната и социјална одговорност на секоја жена, како и женското преземање на активна улога во науката и во разбивањето на дискриминирачките канони, може да придонесе за унапредување на интересите и правата на жените во општеството во целина.
Токму поради сето погоре наброено со нетрпение го очекуваме поставувањето на оваа драма на сцена. Сигурни сме дека освен како тематско и естетско збогатување на театарската уметност, нејзиниот импакт може и мора да се стави во поширок контекст. Сите нас, кои ги водиме овие битки многу години подоцна, и во делумно, но не до крај изменети услови, приказите на вакви силни жени во уметноста можат само да ни помогнат и дополнително да нè инспирираат во борбата за демократизација на општеството и промовирање на политиката на родова рамноправност на сите полиња.

#b
1. Првично објавена под името „Марија и Пјер“ во 2012, а подоцна проширенa и доработенa. Нашите размисли се темелат на електронската верзија која ја добивме во ноември 2013, непосредно пред сценското читање на драмата на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во режија на Наум Пановски, а со актерите Ирена Ристиќ, Висар Вишка, Марин Бабиќ и Сузан Акбелге.

2018-08-21T17:20:46+00:00 јануари 3rd, 2014|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 93|