Усогласување со времето

/, Литература, Блесок бр. 46/Усогласување со времето

Усогласување со времето

Каде Земјата го допира небото? Дали остриот планински врв е влез во неговата непозната длабочина? Кристално чисти фигури обрабени со ѕвездениот сјај на крајот од долгиот тунел, како привиденија. Или, како ветување. Малку потаму, меѓу вековните зимзелени дрвја, се наоѓа планинската фарма. Силно сплотена со кралството на исконската, недопрена природа, тврдоглаво осамена и само-доволна. Животот во алпската долина се чини неосетно тече кон амбисот, отсечен од големиот извор, од вените на Природата и нејзините вечни пермутации. Зимата веќе не е кашава маса снег, летото веќе не го лади влажноста. Сјајот на годишните времиња во нивното бескрајно повторување, во ’ртењето и растењето, во сеењето и жнеењето. Зимскиот мраз веќе не е празнината на поразот, туку пауза, цврсто ветување за возобновување на семирскиот циклус. Пријатно изморениот патник го знае ова. Еден поглед кон карпестите врвови го уверува дека самотното небо му е речиси на дофат.
Сликата на небото над планинската фарма е еден од суштинските архетипи на Алпинците. Се чини дека сиот нивен емотивен набој е згуснат во една мала хероина од крајот на XIX век, сè уште ненадмината инвенција на самоуверената буржоазија – легендарната Хајди. Малата кралица на планинскиот пејзаж трча меѓу козите, собира прекрасни планински цвеќиња, се тркала по падините, спие во сеното и го гледа ѕвезденото небо веднаш над покривот од дедовата скромна но топла колиба. Речиси се чини дека Хајди нема земни родители: дете е на безгрешниот планински воздух, питомите животни и милните билки. Мала алпска кралица, која сè околу себе исполнува со сончевина, го топи студениот оклоп на нејзиниот осамен дедо, ја забавува својата болна баба, и му прави друштво на тивкиот овчар Питер. И, најважно – со својата невиност, нежност и човечка топлина ги победува богатите граѓани кои во Франкфурт, вештачкиот џин, заборавиле на силата на исконската Природа. Хајди, божествениот изведувач, е вистинска чудотворка! Нејзините моќи се силно поддржани од алпските медикаменти: воздухот, зеленилото, карпсетите пејзажи, млекото (во огромни количества, на секој чекор), сирењето, мрморот на прастарите дрвја и многу други ефективни поткрепители. Девојчето од градот, Клара, неподвижна до тој миг, ја повраќа способноста да оди. И не каде било, туку онаму каде што малата видарка ги има на дофат сите природни состојки во нивната најзгусната форма – на планинските падини. Хајди е мал генератор на човечка топлина, кој го грее светот околу себе.
Митот за малата Хајди, заштитничка на една своевидна алпска Аркадија, има доживеано безбројни приспособувања и одблесоци, сите интонирани со копнеж по невиноста на природата и топлите човечки односи, кои – во ова опкружување – се една од последиците на неуништливиот и волшебен планински пејзаж. Сепак, доколку изумителот на Хајди, Јохана Шпири, ја замислувала својата мала хероина како среќно дете на алпската идила, сликата за едно подеднакво оддалечено место во втората половина на XIX век може да биде потполно различна. Во филмското ремек-дело, Наследници, австрискиот режисер Штефан Ружовицки го открива расцепот помеѓу идиличната убавина на алпскиот пејзаж и локалните жители опколени од темните ангели на егоманијата и омразата. Планинската фарма нуди нова слика: тишината меѓу луѓето не е нежна, туку е глува бездна меѓу душите опколени од карпите. Стопанот не е мил и едноставен водач на стадото, туку тиран и силувач. Работата во полето и шталите не е освежувачка гимнастика, туку болна борба со незасегнатата Природа, битка за опстанок. Не постои солидарност меѓу земјопоседниците, има само борби за земјата, битки за моќ и власт. Она што владее е законот на доминацијата; некој мора да издава наредби и да заповеда. Наследниците – најмена сила, кои ненадејно ја наследуваат земјата на убиениот стопан – пропаѓаат, бидејќи не можат да ја префрлат поранешната робовска еднаквост во хиерархијата на слободните: не избираат нов господар. Господарите можат да седнат на маса само со еднаквите на себе; ним не им користи мноштвото различни мислења. Одлуката за ликвидација на злоќудната група, еден вид комуна која го вознемирува селскиот мир, е само прашање на време. Чистиот планински воздух одеднаш замирисува на леплива човечка крв.

*

Луѓето во долината сè уште замислено ѕурат во врвовите насетени зад магливиот екран на градските конгломерати. Сè уште сонуваат среќни сништа за моментот кога ќе ја напуштат бетонската џунгла и ќе заминат кон планината на Хајди, ќе одгледуваат кози, ќе произведуваат млеко и сирење, ќе го обработуваат скромното поле, ќе ложат оган во стара добра печка, ќе сечат дрва. Потполно ќе им се препуштат на чарите на планинскиот пејзаж – вистинскиот, недопрениот – а за време на долгите зимски ноќи, кога нема да се грејат крај печката, ќе се дружат со планинците. Така, супер-модерните луѓе сонуваат за поубава, речиси вистинска можност за своето живеење. Шупливата самотија меѓу четирите ѕида на облакодерот, празните погледи на случајните минувачи, ѕидот тишина кој ги крие лицата на нивните љубени, секојдневните автоматски гестови кои ништо не изразуваат – сето тоа ќе исчезне. Или, попрво – ќе се појави во нова форма, исполнета со виталност. Самотијата ќе стане свето соочување со себеси, а во исто време и ветување за радосна средба со другите кои се ослободени од превезот на отуѓеноста. Секојдневните, рутински активности ќе добијат подлабоко значење, ќе станат дел од великиот ритуал на Природата и нејзините живото-обновувачки закони. За момент, телевизорот исчезнува, здодевните ѕидови блескаат со сјајот на прастаро дрво, микробрановата ја зрачи топлината на огништето, однекаде допира мирис на сено, големи елки се гледаат од прозорецот, брчењето на машините сопира, лебдечката капсула на просторот се исполнува со мрморот на ветрот, кој ги растреперува гранките и донесува далечно блеење на кози.
Со екстатично замислување, алпските граѓани ја измислиле алпската иконографија, бидејќи биле способни да ги населат планинските сртови со нивниот сопствен менталитет. Планините љубезно им одговориле: им го испратиле својот одраз – во разубавена, речиси идеална форма. Нивната срамежливост, замисленост, посветеност – сè се здобило со сјајна аура. Опасноста, дека вродените особини на Алпинците може да се материјализираат во осаменост, студенило, резервираност и педантерија, е минато. Тие се појавуваат како славење, ода на самите себе. Планините, како и секогаш, ќе ги прочистат духот и телото, ќе ги ослободат од товарот на гревот и ќе им пружат нова сила. И Хајди, исто така, отсекогаш сакала да се искачи на највисокиот врв, гнездото на осамените и благородни грабливи птици.

2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 46|