Реториката и перспективизмот

/, Литература, Блесок бр. 03/Реториката и перспективизмот

Реториката и перспективизмот

(Rhetoric and perspectivism, Revue internationale de philosophie, no. 2/1996, pp. 359 -371)

I

Мојата цел е да предложам еден приод, извесно разбирање на перспективизмот кое, од една страна, е вкоренето во валоризацијата на неговата реторичка основа, а од друга страна, е насочено кон вреднувањето на консеквенциите од тој факт. Овој приод е поделен на три момента: на прво место, ќе се обидам, мошне накусо, да ја прикажам философската позадина во рамките на која тој се јавува;понатаму, ќе се обидам да го опишам перспективизмот не само во неговата, ако така може да се каже, инаугурална ничеанска конфигурација, туку и во онаа смисла во која тој денес отвора нови перспективи за мислењето; најпосле, ќе расветлам некои од главните аспекти на стратегискиот и тематскиот афинитет кој, според мене, денес ни овозможува да зборуваме за перспективистичка реторика.
1. Постојат три аспекта на современата слика на философијата кои би сакал особено да ги нагласам. Тие, на кус и шематски начин можат да ни прикажат како изгледаа 80-тите години.
1.1. На прво место, ја имам на ум постмодерната тематика. Всушност, токму во осумдесеттите години, постмодерната станува, философски говорејќи, централна тема. Тезите на Ж.-Ф. Лиотар придонесоа кон овој факт; во 1979 година тој го објави делото Постмодерна состојба, во која го предвиде не само крајот на модерната, туку и самракот на новата ера, заедно со транзицијата предизвикана од прогресивното напуштање на легитимирачките наративи, кои од 18 век наваму претставуваа основа за човечкото мислење и делување; на тој начин беше отворен патот кон периодот на интензивна дебата за смислата и вредноста на модерната, како и за нејзините најнови трансформации. Сепак, една од главните, но и најмагливите цели на оваа дебата, беше обидот на философијата да ѝ се даде нов лик преку повторното промислување на нејзината историја, реформулирањето на нејзините функции, испробувањето на нови артикулации.
Делата, на пример, на Џ. Ватимо, Ј. Хабермас или Р. Рорти, несомено, се различни во нивната намера и интенција, главно во изразувањето на потрагата по теориска адаптација кон новите времиња, што за философијата секогаш се времиња во кои таа е изразена низ јазик во кој повеќе не се препознава себеси. Философијата во раните 80-ти помина токму низ просторот обележан од таа дистанца, кој во многу аспекти е спротивставен на оној низ кој таа поминуваше во претходната деценија, напуштајќи ја драматизацијата на почетните дијагнози на модерната преку нејзиниот историски ум (Хабермас), естетизацијата на алтернативите (Ватимо) или решителното изместување на нејзините теориски претпоставки (Рорти).
1.2. Овој факт станува уште поинтересен благодарение на неговото симултано појавување со еден друг факт кој не се случил никогаш порано: преплетувањето на философските традиции кои дотогаш заемно речиси се игнорира – континенталната и англо-саксонската традиција. Сè до 70-те години, овие традиции ја црпеа својата инспирација главно во рамките на сопствените истории, кои, патем речено, се поистоветуваа себеси со „философијата“. Но во меѓувреме, тешкотиите со кои се соочи критичко-трансцеденталниот проект, од една, и програмата на аналитичката философија, од друга страна, го стимулираа контактот меѓу различните традиции, од што произлезе една транс-традиционална философска практика; на пример, некои од најдобрите студии за Фуко се објавени во САД, а некои од највлијателните анализи за Пирс – во Германија.
Философите кои најдобро ја отсликуваа оваа ситуација се можеби Јирген Хабермас и Ричард Рорти. Хабермас изврши големо влијание во 80-те години, особено со објавувањето на Теоријата на комуникативна акција и Философскиот дискурс на модерната, дела во кои, како што знаеме, се обиде да го обнови разбирањето на историското конституирање на модерната и на ограничувањата кои ги наметна философијата на субјективитетот, од Хегел до Фуко; Хабемас настојуваше да изнајде алтернатива на оваа философија преку елаборирањето на комуникациската перспектива. Според Хабермас, проблематиката на комуникацијата беше игнорирана од страна на философиите на индивидуалитетот и од критичарите на модерната. Денес, токму таа е димензијата која го овозможува повторното поврзување на тематиките на рационалитетот, модерната и praxis-от, како и враќањето на философијата во редот на придобивките, преку повторното промислување на нејзината „природа“ и функции. Тоа се постигнува преку замената на проблематиката на оправдувањето (justification) или засновањето (foundation) со тематиката на посредувањето (mediation), при што фокусирањето на вниманието врз внатрешните движења во полето на науката, културата или уметноста, и нивната артикулација со светот на животот, води до коренита трансформација на кантовски скицираниот дисциплинарен профил на философијата.
Со Хабермас, философијата ја напушта улогата на судија која ѝ ја наметна метафората „трибунал на умот“, држејќи ја далеку од контекстот кој ја промовира и оправдува. Современата ситуација бара, несомнено, друг јазик, други метафори, ново „рефразирање“ на рефлексијата: замислата за философот како толкувач – посредник е обид да се одговори на таа нужност, и тука во центарот на вниманието се поместени херменевтиката и прагматиката – ако сè уште може да се реферира на некаков центар.

АвторМануел Марија Кариљо
2018-08-21T17:22:15+00:00 јуни 1st, 1998|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 03|