Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

/, Литература, Блесок бр. 112/Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

Компаративна книжевност, светска книжевност и етичка книжевна критика. Книжевната „инфра-другост“

Дали етичката книжевна критика е (единствената) праведна и точна?
民歌
RAHVALAUL
Народна песна

Превод од англиски: Искра Анѓелова

Уште од својата појава и широката употреба низ светската заедница на научниците во општествените науки, поимот „етичка книжевна критика“ во себе крие и двосмисленост. Ова е поради тоа што самата придавка „етичка“ е амбивалентна. Од една страна, таа означува активности поврзани со морални или етички прашања. Без никаков сомнеж, пренасочувањето на културното и книжевно истражување кон разгледување на етички прашања е главната цел на неодамна основаното ИАЕЛК (Меѓународно здружение за етичка книжевна критика, основано во Јичанг, Кина, во 2012 г.).
Од друга страна пак, „етички“ секојдневно се користи како синоним за „точен“, „правичен“, „праведен“- во смисла на однесување или активност поврзана со веќе утврдени и прифатени морални норми. Еден помлад научник од постмодерната генерација еднаш ме праша: „Кога веќе однапред ќе дознаеш кој вид на критика и книжевност се етички, која е смислата на тоа истражување? Зар критиката и книжевното творештво не ја губат потполно смислата доколку целите се толку јасни и провидни?“
Залудно ќе биде да се објаснува дека значењето на „етичка“ во смисла на „морално правилна“ може да наведе на погрешен заклучок. Откако ќе влезе во повеќе речници и ќе се прошири во свеста на повеќето заедници, тоа значење ќе мора да се прифати.
Слично како со етичката книжевна критика (во овој напис скратено ЕКК), не можеме да ги игнорираме нејаснотиите поврзани и со други поими во овој текст. Така, многу често се смета дека целта на компаративната книжевност (скратена КК) е да направи споредба меѓу две или повеќе книжевни дела. Или напротив, во последниве десет години преексплоатираниот термин интердисциплинарни студии се чини ги поврзува горенаведената книжевност и книжевни студии со други полиња на истражување, како историја, социологија, политика, економија, биологија и останати. Што се однесува до светската книжевност (скратна СК), на неа често се гледа како на одамна постоечки канон затворен и дефиниран од научниците на „големите“ и „водечки“ народи. Или напротив, се поистоветува со навистина недостижниот корпус од универзално создадените книжевни, мета-книжевни како и некнижевни текстови.
Се разбира, не можеме никому да му го одземеме правото да разбере, толкува и да преиспитува термини кои до одреден степен се зачувани во нашиот фонд на знаење – универзалните речници и енциклопедии.

Моралната функција и предизвикот на ЕКК, КК и СК
Сепак, она што сигурно можеме да го направиме е да истакнеме и да втемелиме неколку аспекти на термините и феномените кои сметаме дека се поважни од другите. При утврдување на јадрата и доминантите во областа на ЕКК, КК и СК, првиот критерум според мене би бил разоткривање на функциите кои наведените области се стремат да ги покријат и да ги задоволат подобро од другите гранки или области на истражување. Од лична интуиција и искуство предвидувам дека моралната функција во овој контекст силно би се истакнала.
Од појавата на позитивистичките филозофии во деветнаесеттиот век, највисоката цел на науката е објективно да го опишува и толкува, поаѓајќи од конкретни и мерливи податоци, природниот свет. Се одбива каква било трансцедентност во однос на Бога и на натприродниот свет, додека субјективните и личните пристапи се критикуваат од гледна точка на науката. Вмешувањето на моралните критериуми се смета дека предизвикува неред.
Како што се развивале и триумфирале природните и технолошките науки, кои предизвикувале чудесни промени во општеството наречени „напредок на цивилизацијата“, истиот принцип на објективност почна сè повеќе да се користи и во хуманистичките науки, вклучувајќи ја и историјата, како и историјата на книжевноста.
Меѓутоа, препреката во постигнувањето видлив напредок при овој потфат била тоа што предметот на истражување кај хуманистичките науки бил бунтовен, променлив, жесток и воопшто не бил физички и математички мерлив. Ова барем делумно го објаснува неуспехот на структурализмот на дваесеттиот век. Тој не можел да се справи со живиот и променлив предмет. Шемите, моделите и структурите изградени и обликувани од структуралистите биле добри, но најоргиналниот дел од книжевното творештво речиси секогаш успевал да го избегне нивниот дофат со помош на индивидуалноста, субјективноста и карактерот.
Заблудата подоцна била одразена во пост-структурализмот. Воведен во 1980-те, тој можеби сѐ уште има некое влијание, меѓутоа првичниот шарм, се чини, брзо исчезнува. Според мене, неговите нихилистичко-теоретски семиња се спротивни на природата на самото примарно книжевно творење. Постмодерната теорија очигледно ја потценила улогата и функцијата на книжевноста во општеството и во нашите индивидуални животи. Па така, едно од тврдењата на постмодернизмот било дека естетски возвишените и филозофски стремежи на модернистичките писатели биле старомодни и дека книжевноста не може да се стреми кон повеќе од пренапишување на веќе претходно постоечки текстови во парадигмата на интертекстуалноста. На книжевноста се гледало како на уште еден производ на економскиот пазар насочен кон профит. Згора на тоа, се тврдело дека авторите или писателите не биле способни да ја проценат вистинската вредност на својата работа, бидејќи вредноста всушност била создадена од страна на метатекстуалниот теоретски вид на критика, а не од самите автори.
Па така, имало видлив обид да се совлада примарното книжевно творештво и да се принуди покорно да ги следи теоретските правила и сигнали што ги поставиле академските установи во Париз и САД, а кои потоа се рашириле од страна на бројни експерти во централните и периферните области. Етичките и моралните категории ретко влегувале во тоа кралство; тие се сметале за наивни, инфериорни, па дури и за целосно несоодветни за интелектуално и теоретско расудување.
За разлика од лингвистичко-реторичката линија, социолошкиот тренд (оттука и постколонијалните теории, родовите студии) навистина обрнал внимание на етичките прашања, меѓутоа неговиот опфат бил ограничен главно на надворешните контури на книжевното творештво. Индивидуалноста, а особено естетската димензија на креативниот чин често била свесно занемарувана.

Предизвикот да се пополнат аксиолошките етички празнини и „другоста“

Според горенаведеното, мојот заклучок е дека во денешниов свет полн со бескрајни насилства, војни, економски и еколошки кризи, постои очигледна празнина во општествената и во приватната аксиологија. Празнината пред сè станува видлива во хуманистичките науки, во споредба со континуитетот од примарно книжевно творештво низ светот, кој со повеќе или помалку среќа се стреми кон новина (оригиналност) на изразување и слики. Постои континуитет и во тоа што со разгледување на основните аксиолошки односи и ставови на скоро секое исклучително книжевно дело на денешницата и на неодамнешното минато, се открива неговото цврсто етичко или морално јадро.
Спротивно на овој континуитет во примарното книжевно творештво, книжевните и културни теории во знакот на постмодернизмот во голема мера не успеаја да исполнат една од главните функции и задачи: да ги објаснат аксиологијата и моралната духовна димензија на книжевните дела. Наместо тоа, научниците најмногу си ја трошат енергијата на разгледување на различните формални аспекти во делата на популарната и тривијалната книжевност, навидум обидуваајќи се да нè убедат дека високите цели на книжевното творештво се застарени.
Градењето на аксиологија во која се присутни духовните вредности, тешко може да се постигне без етика. Широкиот спектар од аксиологија и етика, се чини дека има вродена врска со онтологијата на „себност“ и „другост“ и со неопходната потреба од еден вид на дијалог или основно разбирање меѓу двете. Идеално, тоа би го подразбирало „себноста“ да ја признае „другоста“ како поинаква „себност“, а традиционално „другоста“ да развие свест дека е „себност“.
Историјата на постоечкиот канон на СК нуди огромни можности да се разговара за поврзаноста помеѓу „себноста“ и „другоста“. Сосема сигурно би можело да се шпекулира и објаснува за различните „себносту“ и за различните „другости“. Така, Франческо Петрарка во својот трактат Secretum (средина на 14. век), напишан во форма на интензивна расправа помеѓу Франческо и Августин, го разоткрива конфликот на своето внатрешно „јас“, кое истовремено било управувано од Божја љубов и љубов кон млада земна благородничка. Мишел де Монтењ во своите есеи напишани во последната фаза на европската ренесанса елоквентно покажа дека човековото „јас“, базирано на разумот, не е конечно, бидејќи се менува под влијание на различни околности и во основа зависи од навиките и традициите на различни места и во различни временски периоди. Балтазар Грацијан во својата збирка на филозофски минијатури Oráculo manual y arte de prudencia (средина на 17 век или зрелиот европски барок) – до извонреден психолошки детаљ разоткри различни машки размислувања кои доведуваат до силно ривалство, а ова е нешто од секогаш било присутно во светот на политиката, било тоа западна или источна, мината и сегашна. И така натаму.
Сепак, мојата цел е да се фокусирам на односот меѓу „себноста“ и „другоста“ во најрадикалната смисла, во која првото („себноста“) се јавува како историски дериват од претежно машко расудување, што ги претставува политичко-економските воени структури на моќ, потпирајќи се во голема мера на напредокот на науката и технологијата, додека второто („другоста”) ја претставува генеричката другост (женскиот пол), етничко-лингвистичката „другост” (периферните и малцинските народи и народности во светот), како и расно или социјално обесправениот и лишен „другости”. Заедничката карактеристика на оваа традиционална„другост” со сите свои подвидови е тоа што тој не бил способено или немал волја да се прилагоди на историскиот „напредок” предвиден, и пред се испланиран од страна на западните центри на моќ. Напротив, наместо тоа, „другоста” е сојузник на природата во отпорот против оној „напредок” во чија суштина е да ја уништи основата на живот на земјата во име на целите за надмоќ и материјалистичка алчност.

Променливата и постојано присутна „другост“ на книжевното творештво во минатото и сегашноста
Многу работи се имаат променето во светот од времето кога било норма да се понижува „другиот“. Западните центри, со своите писатели, филозофи, интелектуалци и културолошки креативни луѓе на фронтот, имаат придонесено за болниот, но постепено сè пораспространет процес на демократизација. Да дадам неколку примери од (културолошката) историја на Естонија, мојата родна земја, една малцинска и периферна нација пар екселанс.
Таткото на Кристијан Јаак Петерсон (1801-1822), кого во Естонија го славиме како првиот автохтон поет од големо значење, за среќа успеал да избега од крепосништвото за кое нашите предци биле оковани долги векови од страна на балтичко-германските земјопоседници, со благослов и одобрение на руското царство. Па така, Петерсон израснал во првата генерација на Естонци ослободени од крепосништвото. Тој бил меѓу првите автохтони студенти на универзитетот во Тарту, притоа истакнувајќи се во лингвистика, филозофија и поезија. Во текот на својот неправедно краток животен век, тој успеал да објави само плодови од неговите лингвистички истражувања. Неговата поезија почнала да се издава постхумно сто години од неговото раѓање. За првпат била собрана во една книга во 1922 година, на стогодишнината од смртта на Петерсон.
Иако задоцнет и непоправливо отсутен од „западниот канон“, сега, на почетокот на 21 век, сфативме дека всушност Петерсон бил претходник на Волт Витман, бидејќи својата поезија ја пишувал исклучиво без рима на крајот, односно, во слободен стих. Тој пророчки ја бранел разновидноста на културата како продолжеток на разновидноста на природата и ја фалел убавината и поетскиот капацитет на својот мајчин естонски јазик. Во своите пасторални оди и еклоги тој прикажал пријателство и љубов кај обични естонски момчиња и девојчиња овчарчиња, кои ги надминуваат половите граници и табуа (Undusk 2012: 11-29, 103-122, Talvet 2015: 7-22).
Друг пример на книжевно творештво со слично морално јадро, како што може да се најде во делата на основачите на естонската народна книжевност, K.J. Петерсон, Ф. Р. Кројцвалд, – можеби и изненадувачки – е од Кина, од времето кое на западот, по налог на тамошните центри, било наречено „постмодерно” (од 1980-те до почетокот на 21. век). Инспирирано е од мојот неодамнешен естонски превод на избор поезија од Џиди Маџиа (роден 1961 година, неговата прва антологија се појавила во 1992 година, а до денес поезијата му е преведена на голем број западни јазици, вклучувајќи и два извадока во превод на англиски: Време (Time, 2006), во превод на Јанг Зонгже, и Сенката на нашиот планински венец (Shade of Our Mountain Range, 2014), во превод на Денис Мер (Џиди Маџиа 2006, 2014).
Поезијата на Џиди Маџиа е оригинално напишана на кинески, во слободен стих без рима на крајот. Моралното јадро ѝ е исто како и тоа на Волт Витман. А тоа е одбраната и пофалбата на природната разновидност на културите и народите, био-тоталитетот и природениот земен интегритет како извор и основа на човековото постоење. Сепак, за разлика од Витман, синот на еден голем народ (до денес и еден од светските суперсили и главни „центри“), патосот на Џиди Маџиа не произлегува од големината на супернародот, туку, напротив, речиси исклучително е посветен на традицијата, историјата, културата и духовните вредности на своето родно етничко народно малцинство (едно од многуте „други“ во Кина), народот Ји.
Народот Ји, чие население според различни извори варира помеѓу два и шест милиони луѓе, немаат свој автономен регион. Освен во нивниот историски центар во јужниот дел на провинцијата Сечуан, народот Ји исто така живее и распрскан во околните провинции.)
Па така, поезијата на Џиди Маџиа е напишана од основната положба на историски пониженото и запоставено „друго“, на помалото и послабо чие постоење и култура (пред сè во (пост)модерниот социоекономски пресврт на глобализација) се осудени да дојдат до работ на истребување. Поезија на Џиди не е повик на протест против историската неправда кон неговиот народ Ји, туку тој истовремено им се обраќа и на сите други помалку бројни народи, кои во многу делови на земјата ја споделувале истата судбина во минатото и во неодамнешната историја.
Мојата земја Естонија поминала малку подобро, барем по распадот на советската империја, на крајот од 20-тиот век. Сепак, корените на историските рани се идентични на оние на народот Ји. Филозофски гледано, најблиску до Џиди е нашиот естонски поет Јохан Лиив (1864-1913). Помладата генерација естонски писатели, современици на Лиив сигурно ќе посакаа да го видат како предвесник на симболизмот (или раниот модернизам) – модата која пристигна од западните центри, особено од Франција. Лиив ја одбил и зазел целосно независен егзистенцијалистички став, комбиниран со холистичката филозофијата за духовниот интегритет на животот, во која сите делови на природата, вклучувајќи ги и најмалите и најслабите, се еднакво неопходни за продолжување на животот.
И за Џиди и за Лиив, највисоките морални цели на еден народ, како поединец, ќе бидат отелотворени во неговата слобода да биде целосно свесен за својот идентитет, да ги претстави и да им обезбеди континуитет на своите традиции, јазик и култура. Во исто време, и двајцата се залагале за дијалог и симбиотски однос на традиционалното „друго”, на своите родни малцинства и култури со сите други народи и култури, мали и големи.
Во рамките на соодветните контури на етничко-лингвистичката „другост“, и двајцата поети, Лиив и Џиди, заземале став дека генеричкото „друго“, жената, e носител на највисоките морални вредности на еден народ, како што се љубовта, великодушноста на душата, верноста, нежноста, бесконечната пожртвуваност, спокојството и на целосната хармонија со природата.

„Инфра-другоста“ на книжевната креативност

Кога станува збор за книжевната наука и критика, земајќи ги КК, СК и ЕКК предвид, не треба да се запостави и уште една „другост“ – ако не и неотуѓива „себност“ – во кое било книжевно творештво и поетика. Би рекол дека тоа ја опфаќа инфраонтологијата на книжевната креативност и покрај тоа што нејзината положба варирала под притисок на различните времиња и социоисториски околности. Таа „другост“ е естетската димензија на едно книжевно дело. Едвај можам да си замислам или споменам какво било ремек-дело од СК, било тоа во својот активнен, пасивен или потенцијалнен канон, кое не би успеало да ја поврзе својата филозофија со потрагата по соодветна естетика, способна за создавање на идеи на таков начин што тие не би се сметале за обични мисли, туку едноставно би се сметале за нешто што го засега приватниот живот на примачот или самата култура примател.
„Естетиката“ произлегува од „сетилата“. Може да се тврди дека секој чин на големо книжевно творење е „етички“ во смисла дека пренесува идеи претопени и измешани со сетилата, или поточно кажано, надминувајќи ги интелектот и разумот, тоа во една слика истовремено доловува идеи и чувства преку сетилата, па така го претставува светот и човековото постоење во целост и ја шири својата порака до најшироката можна јавност, вклучувајќи ги и сите видови на „другото“. Со други зборови, доловува и пренесува значајни делови од животот преку сетилно обликувани поетски слики, со што избегнува да се сведе само на рационална активност.
Лишена од естетскиот аспект, ЕКК лесно би го загубила својот идентитет, и би станала поле доминирано од „ноосферски“ расудувања, без многу или никаков контакт со „другото“.
Меѓу основните „инфра-други“ на книжевноста, метафоричката слика со својот неповторлив гениј отсекогаш била главната разлика, а истовремено и аксиолошкото јадро на книжевните дела. Во природата на метафората е да пренесува сензуалност, бидејќи таа воспоставува аналогија помеѓу две или повеќе конкретни и телесни предмети. Затоа, големата концентрација на метафори во делата на Вилијам Шекспир или Федерико Гарсија Лорка е најверојатно тоа што доведува морално-филозофските конфликти да ја изразат својата извонредена експресивност. Кај овие големи творци, поетска слика никогаш не дегенерира во идеја за морал присилно наметнат врз реалноста – карактеристика позната како морализација. Напротив, високата метафорична концентрација воопшто нема застарено или не е „надмината“ во нашата современа поетика. Може да се тврди дека оригиналната метафорична слика всушност постојано ја обезбедува мерката за трајна вредност во било кое книжевно творештво. Во контекст на горе споменатите „периферни“ поети на малцински народи, и Јохан Лиив и Џиди Маџиа брилираат во метафоричниот интензитет на нивната филозофски ориентирана поезија.
Во сето книжевно творештво, примената на алегориската сликата е еден вид на паралелна „инфра-другост“, една соперничка метафора, но со далеку помал интензитет. Во принцип, алегоријата е спротивна од метафората: таа е присилно наметнување идеја, а многу често и на морал во смисла на правилно или исправно однесување, во согласност со воспоставените норми на едно општество или заедница. Од таа причина, алегоријата била многу популарна во доцната европска средновековна книжевност, како и во барокот. Експресионизмот на 20иот век на алегоријата и дал необични индивидуални карактеристики, но суштината била иста. Идеите на творецот, кои често одразувале и некои современи политичко-идеолошки идеи или трендови, биле присилно наметнати врз реалноста.
Па така, алегоријата е дефинитивно поблиску поврзана со традиционалната „себност“ засновано на разумот отколку метафората. Последното може да се смета за дел од книжевното „инфра-другост“, кое претставува стремеж кон природно-биолошко-генеричкиот „друг”, кон слобода и независност, и кон индивидуалното.
Сепак, дури и во рамките на алегоријата, најголемите писатели на СК успеале да создадат неверојатни дела со кои ги прошириле традиционалните граници на алегоријата и во нејзиното владеење вовеле моќни метафорички слики. Така, Балтазар Грацијан, кој е истовремено и еден од исклучитенлите европски мислители и главни естетски теоретичари на барокот, напишал еден интересен алегориско-симболички роман Ел criticón (1651-1657), кој е можеби и предвесник на модерниот интелектуалено културолошки роман. Неговата алегорија, исполнета со остроумни филозофски споредби и игри на зборови, како и постојаното мешање на рационално-културното и сензуално-природното, е далеку поблиску до модерениот сензибилитет, секогаш отворен за нејаснотии, од добро познатата книга Патувањето на аџијата (The Pilgrim’s Progress) на Џон Банјан, објавена десетина години по романот на Грацијан.
На ист начин, еднo од чудата на барокниот театар е драмата на Педро Калдерон де ла Барка, El Gran Театро del Mundo (Големиот театар на светот). Едночинскиот театарски жанр auto sacramental крајно го ограничува нејзиниот израз. Драмата е типично алегорична – на тој начин е и потомок на жанрот на моралитет од доцниот среден век, кој, меѓу ликовите лишени од каква било конкретност, ги имал Светот, Авторот (Бог), Кралот, Богатиот, Сиромавиот, Убавината, Детето и Гласот, меѓу другите. Сепак Калдерон навистина успеал да го доведе целиот свет на театарската сцена и во монолозите на Светот да ги одрази главните периоди на човековата историја, кои се совпаѓаат со визиите и предвидувањата на Библијата, како и со егзистенцијалните граници на животот на секој поединец, од раѓање до гроб. Визијата на Калдерон ја губи својата апстрактност поради тоа што е заробена помеѓу границите на било кој човечки живот и неговите страсти и желби, благородност и беда.
Истото важи и за делата на голем број подоцнежни творци, вклучувајќи го и Естонецот Јохан Лиив, кој е современик на раниот модернизам и Ји поетот Џиди Маџиа, кој е современик на постмодернизмот. И двајцата може да се сметаат за бунтовници против доминантната општествена идеологија како и на естетската идеја на нивното време, која потекнувала од западените центри. И двајцата имаат силна наклонетост кон филозофскиот поглед на светот, бидејќи нужноста од идеи е силна и кај двајцата.
И во случаите кога и Лиив и Џиди применуваат алегориски слики во нивните песни, тие го прават на тој начин што ги избегнуваат монолозите на сезнаечкото „јас“. Наместо тоа тие ги опфаќаат моментите во животот со своите контрасти, противречности, промени и двосмислености, сите повразни со сензуалните нијанси на целосната слика. Според мене, Лиив меѓу своите извонредни достигнувања има и една подолга песна без наслов (првиот стих започнува со: „Kes see vahib vainu päälta …“) која е нецелосно алегоризирана визија за доаѓањето на пролетта. Напишана во ритмичка шема блиска на традиционалната угрофинска фолклорна поезија, песната на Лиив преку низа од метафорички слики го прикажува триумфот на пролетта со својата инзвонредна убавина, а во исто време и нејзината сексуална суровост (нешто што е присутно постојано, на пример, во телурските трагични песни од Андалузиецот Федерико Гарсија Лорка).
Во поголемиот дел од неговата поезија, Гарсија Лорка бил инспириран од шпанските романси на доцниот среден век и од лирските народни песни, во кои истакната карактеристика е лабавата асонанца, познатата шпанска rima asonante. Јохан Лиив во поголемиот дел од своите естонски песни (т.е. Угрофински) ја нема применето метриката на народните песни – што немаат рима во традиционална смисла, туку наместо тоа, тој создал повторливи звуци преку вештачки зборовни завршетоци, потпирајќи се најмногу на алитерација. Меѓутоа, во горенаведената песна за доаѓањето на пролетта, како и во други алегоризирани песни, како на пример Mure (Анксиозност) тој прикажува маестрална употреба на ритмичките фигури на угрофинските народни песни.
Интересно е тоа што Ји поетот Џиди Маџиа, чија поезија е всушност напишана во слободен стих без рима и која ја следи западната поетика во стилот на Волт Витман, Пабло Неруда и многу други, успеал да создаде прекрасна магична мешавина од метафорична алегорија (или алегоризирана метафора) во неговата песна насловена Народна песна (која со својата употреба на повторување е исто така и блиска до античката традиционална поезија, без разлика дали е тоа кинеска, Ји, шпанска или естонска), доколку нејзините слики се целосно конкретни и сензуални (што на некој начин и противречи на суштината на алегорија).
„Поезијата“ во песната на Џиди е еден алегоризиран лик, кој ја отелотворува и симболизира љубовта: најпрво како човечко суштество, најверојатно слугинка, во занесот на љубовта, со традиционална харфа kouxian во нејзината рака. Потоа во следната строфа станува овца (избрана за парење – сексуална доминантност на овенот). На крај, таа е слугинка во очај, бидејќи човековата љубов е многу посуптилна од самиот сексуален чин. На овој начин песната со својот крај алудира на машката тиранија, една од главните причини и извори на трагедија и во природата, и во историјата.

АвторЈури Талвет
2018-08-21T17:20:36+00:00 март 22nd, 2017|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 112|