Вовед во трагичното

/, Литература, Блесок бр. 133 - 135/Вовед во трагичното

Вовед во трагичното

Од друга страна, на Запад, прочуениот филозоф, теоретичар на книжевноста и на драмата Џорџ Штајнер (1929-2020), иако во својата книга „Смртта на трагедијата“ (Steiner, The Death of Tregedy, 1961) говори за едно пост-трагично раздобје во кое сите ние живееме, сепак, не може а да не укаже на огромното значењето на трагедијата и трагичното дури и денес. Затоа наведувам еден подолг извадок од неговите согледувања со кој може и да се приврши ова воведување кон категоријата трагично за потем да може попродлабочено да се продолжи со толкувањето.

Оттаму, Џорџ Штајнер за комплексноста на трагедијата и на трагичното, вели:

„Трагичната драма ни кажува дека окружјата на разумот, на поредокот и на правдата стравотно се ограничени и дека никаков напредок на нашите научни или технички извори нема да ја зголеми нивната релевантност. Внатре и надвор од човекот постои l’autre, ’другоста‘ на светот. Наречете го со кое било име: скриен или злонамерен Бог, слепа судбина, премрежиња на пеколот, животински бес на нашата анимална крв. Тоа чека на нас во заседа на крстопатите. Нè исмејува и нè уништува. Во поодделни ретки случаи, по пропаѓањето нè води кон неразбирлив одмор.

Ништо од ова, знам, не е дефиниција на трагедијата. Но ниту една уредна и апстрактна дефиниција не би значела ништо. Кога велиме ’трагична драма‘, знаеме за што зборуваме; не сосем, но достатно за да го препознаеме она востинското. (…)

Оттаму, постои во завршните моменти на големата трагедија – грчката, шекспировата или неокласичната – спој на страдање и на радост, тажаленки врз падот на човекот и веселби поради воскреснувањето на неговиот дух. Ниеден друг поетски облик не го достигнува тој таинствен учинок; благодарејќи му нему, Едип, Кралот Лир и Федра се вредуваат помеѓу она најблагородното што досега го создал човечкиот дух“ (Steiner, 1979: 16-17).

Оттаму, постои во завршните моменти на големата трагедија – грчката, шекспировата или неокласичната – спој на страдање и на радост, тажаленки врз падот на човекот и веселби поради воскреснувањето на неговиот дух. Ниеден друг поетски облик не го достигнува тој таинствен учинок; благодарејќи му нему, Едип, Кралот Лир и Федра се вредуваат помеѓу она најблагородното што досега го создал човечкиот дух“ (Steiner, 1979: 16-17).

Од друга страна, ако кон трагичното се тргнува од филозофска и од естетичка гледна точка, како што веќе видовме претходно, трагичното е онаа ситуација во која објектот во целина го надвладува субјектот, зашто трагичниот херој (Јас) секогаш ја губи битката со објектот (Светот). Така, трагичното и комичното секогаш се на различни страни а меѓу нив се наоѓа убавото кое претставува помирување на трагичното со комичното, на сетилното со разумското, а тоа е онаа хармонија која претставува рамновесие меѓу оддалечените различности.

Помеѓу убавото и трагичното, пак, на половина пат се наоѓа категоријата возвишено кадешто објектот (Светот) доминира со субјектот (Јас), но не до толку за него да го разурне во целина (како во случајот со трагичното). Возвишеното затоа во себеси содржи и елементи на убавото, но и на трагичното, за што мнозина естетичари во минатото суптилно пишувале, особено Едмунд Берк и Имануел Кант, чии пристапи пообемно ги толкував во својата книга „Естетика на возвишеното“  (Џепароски, 2008: 28-45).      Од друга страна, како што укажуваше и Шелинг, „битниот елемент на трагедијата е вистинскиот судир помеѓу слободата на субјектот и нужноста како нешто објективно; тој судир не завршува со тоа што подлегнува едното или другото, туку со тоа што и двете се покажуваат наедно како победоносни и како победени, во целосна индиференција“ (Šeling, 1989: 338).

Но, кога станува збор за трагичното, треба постојано да се истакнува дека во трагичното Објектот, односно Светот, секогаш излегува како победник во битката со Субјектот, односно Јас, и како што велеше унгарскиот филозоф и естетичар Ѓерѓ Лукач (1885-1971) во својот есеј „Метафизика на трагедијата“ (1911), трaгичниот херој нужно ја губи битката со светот и затоа  „јунаците на трагедијата – така некако напишал некој млад трагичар – веќе одамна се мртви пред да почнат да умираат“ (Lukač, 1973: 237). Затоа симболски тие се мртви веќе во оној миг кога ќе се појават на сцената, додека духовната или физичката смрт обично настапуваат на крајот.

Се разбира, клучната дистинкција што секогаш треба да се има на ум во рамките на овој краток вовед кон трагичното, разликата што ја знаел уште Аристотел, е дека трагичното во животот, односно во стварноста, и трагичното во книжевноста или во уметноста се две сосем спротивни нешта. Во однос на првото нас постојано нè обземаат жалоста и тагата а во однос на второто среќата и радоста. Но и при среќата и радоста произлезени од уметничкото и естетското доживување на трагедијата, чувството на нелагодност во однос на „неправедната вина“ на трагичните херои, сепак, парадоксално, етички нè води кон своевидна ослободеност и слобода, зашто како што вели Шелинг: „Најголемата можна несреќа, како што рековме, е кога некој што е невин, судбински, неизбежно стане виновен. Но тоа што тој виновник без вина доброволно ја прифаќа казната, тоа е оној возвишен елемент на трагедијата, и дури со ова слободата се издигнува до највисокиот идентитет со нужноста“ (Šeling, 1989: 342).

Тешко е да се живее со оваа противречност на трагичното во уметноста и во книжевноста, но уште потешко е да се живее без оваа противречност!


Библиографија:

Аристотел (1979) За поетиката (прев. М.Д.Петрушевски), Скопје: Македонска книга.

Бего, Жак-Оливие (2012) „Трагично“, Моризо, Ж. – Пуиве, Р. (ред.) (2012) Речник по естетика и философия на Изкуството, София: Рива,  стр. 538-539.

Моризо, Жак – Пуиве, Роже (ред.) (2012) Речник по естетика и философия на Изкуството, София: Рива.

Lukač, G. (1973 [1911]) Duša i oblici, Beograd: Nolit.

Павлов, Тодор (1949) Основни въпроси на естетиката. Том 1, София: БАН.

Регенбоген, А. –  Мајер, У. (2004) Речник филозофских појмова, Београд: БИГЗ Publishing.

Steiner, George (1979 [1961]) Smrt tragedije, Zagreb: CKD.

Szondi, P. (2003) Essai sur le tragique, Belval: Circé.

Šeling, F.V.J. (1989) Filozofija umetnosti, Beograd: BIGZ.

Šešić, Bogdan (1958) Estetičke studije: Tragično kao tip estetske realnosti, Beograd: Kosmos.

Volkelt, Johannes (1923 [1897]) Die Aesthetik des Tragischen, 4 Aufl., München: Beck.

Hegel, G.V.F. (1975) Estetika I-III, Bograd: BIGZ.

АвторИван Џепароски
2020-12-23T17:43:13+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Есеи, Литература, Блесок бр. 133 - 135|