ДНК запис за ДНК поезија

/, Критика, Блесок бр. 101-102/ДНК запис за ДНК поезија

ДНК запис за ДНК поезија

ДНК запис за ДНК поезија

Игор Исаковски (1970-2014) е поет, прозен писател, уредник и издавач, кој генерациски ѝ припаѓа на групата, не само локално и регионално, туку и меѓународно афирмирани и реномирани македонски автори, родени во 70-тите години (на која ѝ припаѓаат Лидија Димковска, Дејан Дуковски, Гоце Смилевски, Жанина Мирчевска, Никола Маџиров). Во своите рани 20-ти години, тој беше член на книжевниот клуб „Малиот принц“, заедно со Лидија Димковска, Јанко Нинов (денес, отец Давид), Борис Чавковски, Ана Пејчинова, Горан Божовиќ (денес, владика Климент) и др.
Неговото писмо и поетика се доследни во својот израз и препознатливи според жестокиот урбан сензибилитет. Тој е препознатлив по индивидуалната радикалност, бунтовничкиот ерос, контра-културниот порив, потребата од ескапизам во блуз, секс, алкохол. Градот е ултимативен лирски простор, во песните на Исаковски, привилегиран „сетинг“ на неотповикливата осаменост на лирскиот субјект. Градот е декор, но и патерица. Потресно сведоштво за бескомпромисната потрага и жедта по суштинската Љубов(ност), но и медитативна ноќна сцена на неизбежната осама.
Токму во последните 4 од вкупно 9 објавени поетски книги на Исаковски: „Стажирајќи за светец“, „Љубовна“, „Смртта има коса на морска трева“, заклучно со последната „Песни од големата соба“, како и во песните (засега) објавени само на Фејсбук – се случува „еротолошки“ пресврт, така што лирскиот субјект – од својата првобитна, и отпорано препознатлива, горчливо-нихилистичка настроеност – се преродува во љубовноста како онтолошка равенка на постоењето и единствено пожелна домовност.
Станува збор за посветена, самосвесна и автопоетички разлистана лирика, која опстојува во цврста прегратка меѓу навидум тешко споивите компоненти: елементот на исповедност, „конфесионалност“, нов („машки“ и „мажествен“) интимизам на лирскиот субјект, во доминантно „прво лице“ еднина – од една страна и елементот на авторефлексивност („излези бе, земи воздух, спој се со светот. најдобронамерно ти кажувам, Исаковски“) и сурово „лабораториско“ себе-испитување на сопствената, радикална поетика – од друга страна. „Еби се Исаковски“ е во таа смисла посебно индикативен пример за експлицитното (метајазично и автореференцијално) обраќање кон, и именување на, самиот себе (кое тој за првпат го воведе во македонската поезија – а коешто се протега во распон од строгоста кон себеси до духовитата авто-иронија, што лирскиот субјект ја искажува на сопствена сметка…. Овие впечатливи мета-јазични, мета-поетски, авто-поетски елементи говорат не само за интимниот процес на настанок на песната, за нејзиното контраверзно и болно раѓање, туку и за (најчесто) беспоштедниот и самоироничен однос на лирскиот субјект/автор кон самиот себеси. Небаре, самиот си здодеал со сопствената непокор, немир, невкалапеност.
Уште од своите први, младешки записи, денес веќе прекалениот автор Исаковски, останува доследен во својот бунтовнички настап, во своите изливи на непокор кон светот – таков каков што е – склон кон лаги, преправања, лицемерие, површност. Во тоа и такво конформистичко опкружување – лирскиот субјект секогаш ја одбира страната на независноста, огорчениот револт, соло позицијата на слободен стрелец… кој не плаче, не цимоли, не се лигави, туку гласно вика и повикува! Сѐ до последната (за жал) книга на Исаковски жестоко удира по (мало)граѓанските норми и стереотипи, по очекуваните животни сценарија и умртвеноста на конвенционалната, машко-женска заедница.
Како што впрочем и самиот сведочи во стиховите „Безмилосноста кон себе е најдобриот пат кон сомилоста за светот“.
Особено „Смртта има коса од морска трева“, oсмата по ред книга, како впрочем и целата лирика на Игор Исаковски, претставува потресно сведоштво за (сепак, прескапо платената, ама затоа мошне впечатлива) равенка меѓу поезијата и егзистенцијата, при тоа, и обете „тетовирани“ со неговиот – неоспорно автентичен, непогрешливо препознатлив, незаборавен Потпис.
Станува збор за жестоко поетско писмо, во кое опсесивно се проникнуваат силите на Ерос и Танатос – во вкрстено изобилие од љубовна, животворна страст и суицидални мотиви и радикални најави на сопствената смрт. Оти, само оној, што не догорувал со пепелот од горливите цигари на копнежот, кој се раѓа од неизлечивото искуство на самотијата – не знае колку умеат да здоболат и черечат волчјите канџи на љубовната тага.
Според својата концепциска доследност, како и својот отворен лирски мегдан со смртта – оваа поезија е споредлива можеби единствено со макабричната лирика на Славко Јаневски од „Астропеус“ и „Евангелие по Итар Пејо“ (кога лирскиот субјект ѝ се обраќа на својата сакана „дојди да играме покер, смртта, ти и јас“) – но, и со потресната, тестаментална книга „Црниот овен“ на Блаже Конески (во чиј пролог, авторот отворено се простува од своите читатели, преку метафората на ритуалниот „црн овен“). Книгата на Конески е објавена во годината на неговата смрт – 1994 г. и таа воедно хронолошки се случува точно 20 години пред прераната и ненадејна смрт на нашиот современик Игор Исаковски. Навидум случајни, а можеби и закономерни совпаѓања, којзнае… Онака, како што сега, после сѐ, ни изгледаат и неколкуте песни, во кои фигурира таткото како поетски лик – односно, сеќавањето за неговиот експлозивен крај и тагата на одложеното реагирaње на синот-поет. Овие стихови, од денешна перспектива, несомнено прозвучуваат како совршено луцидно (и морничаво) претскажување на сопствениот крај и фаталното окончување на немирниот животен пат – што самиот поет и нивен автор веќе извесно време очигледно го насетувал, претчувствувал и запишал во лирска форма.
Огромната предност и важност на оваа, сурово искрена и исповедна лирика се наоѓа токму во нејзиниот неконформизам и подготвеност, дури и за најрадикални решенија и исходи – каква што е смртта сама по себе. И, не оти е просто спомената како таква, туку дека е прегрната како ултимативен сојузник и како жена „со продорни очи“ од перото на лирскиот субјект, кој и самиот е еманација на страста, енергијата, благородната мажевност, со (не)вдомена или подобро (не)вдомлива природа…
Токму (не)вдоменоста е еден од водечките мотиви или принципи на оваа лирика, кои ја втемелуваат и гарантираат високо-октанската возбуда на читањето, како и драматичното соочување на сите нас, со темелното прашање во стихот, кој оддишува со прецизна и, не помалку, болна точност.
„Каде ми е домот? Каде ми е душата, каде сум јас, каде си ти?“
Егзистенцијалната поетика на отуѓеноста и тегобноста сугестивно одѕвонува и во стихот „затрупан од живот, кој не е мој“ – небаре беспоштеден егзистенцијален крик, што се „довикува“ со гласовите на Кафка, Сартр, Хандке – трите апостоли на фаталната осама, но и со дузина други, хронично неприлагодени или граѓански неприкладни поети и писатели.
Можеби, на прв поглед ќе делува парадоксално, дека оваа поезија на револтот и танатизмот, во својата базична природа, е всушност противник на малодушноста, млакоста, стерилноста, некрофилната константа, толку карактеристична за менталитетот на нашево поднебје, задушено од бројни конформизми. Токму опевањето на мртвото, немото – наместо прифаќањето на искричавото и го(во)рливото – како што ни сугерира Исаковски – е уште еден од горчливите показатели на некрофилниот карактер на нашето совремие.

Пост-скриптум или пост-мортем

Никојпат не знаеме која песна ќе (ни) биде последна, заветна – и која песна (или книга) ќе ја втисне неизбежната есхатолошка точка на нечие творештво и, уште поважно, Живот.
Кога станува збор за близок и драгоцен човек, одличен и посветен поет, бескомпромисен и огнен маж – граматиката одеднаш станува мошне сурова дисциплина. Како (одеднаш) да се говори за некого во минато време, како веќе еднаш да бил и никојпат повеќе нема да биде? Ова (студено граматичко време) особено паѓа тешко, кога тој заминал ненадејно, во својата полна – животна и, уште повеќе, творечка сила, кога немал ниту едно бело влакно во бујната долга коса, ниту еден траг од толку блиската конечност…
Оти, премногу енергија, премногу супстанција, премногу живот, премногу „музики“, премногу прашања, што живот значат „полн сум сокови и стихови“ – му останале несподелени, недокажани, незаобиколни – да ги сподели со своите читатели-сојузници, од онаа страна на баналното, од онаа страна на рамнодушноста, од онаа страна на темницата и на Небитието…
Иако сега е можеби најмалку важно, во мене како читател и критичар, и не помалку, како негов пријател, сепак, останува горчливото чувство, предизвикано од небрежноста на македонската книжевна средина кон творештвото и исклучителноста на Игор Исаковски.
Сè што (успеа) да создаде во текот на својот интензивен, плоден и сестрано ангажиран живот – Игор го направи сосема сам, без помош од ниедна политича партија, моќен спонзор, влијателно или богато семејство. Неговото чувство за личен интегритет и одговорноста, што ја чувствуваше кон литературата (не само кон својата, туку и литературата на другите автори, со кои соработуваше и здушно ги преведуваше), беше евидентно и будеше респект кај сите, дури и повозрасните колеги и автори, кои со задоволство го прифаќаа како рамен на себе. Ѓерѓ Конрад, Миле Стојиќ, Изет Сарајлиќ, Рони Сомек, Амир Ор, Алеш Дебељак, Сибила Петлевски, Бењамин Штајн, Звонко Карановиќ, Младен Ломпар, Инго Шулце, Бранко Чегец, Предраг Луциќ – се само некои од имињата, кои први ми доаѓаат на ум – чии дела ги преведе и објави во своето електронско списание (и прво од тој вид во Македонија, отпочнато во 1998 година) и-ли издавачката куќа со исто име „Блесок“.
Токму тоа, можеби, и беше главната причина – зошто во неговото полнокрвно, самопрегорно, полнокрвно творештво „успешно“ го заобиколија домашните книжевни ордени, официјални награди и јавни признанија. Изгледа дека сосема е во право мудриот Борис Буден, кога иронично ќе констатира: „Ко год и кад год те сахранио – држава ќе те похранити“ („Вовед во минатото“, 2013) – имајќи го предвид токму лицемерниот феномен на постхумната канонизација, својствен не само за нашите средини.
Во случајот со Игор Исаковски, кај нас, единствено интернет порталот за култура „Окно“ и тоа постхумно – објави серија прилози – избрани песни и проза од авторот, како и статии, песни и согледби по повод неговата смрт. Главниот уредник на „Окно“, Никола Гелевски на 24 декмври 2014 г. организираше и трибина за делото на Исаковски, која може да се проследи во живо, преку каналот You Tube, каде говореа Елизабета Шелева, Ана Мартиновска, Ѓоко Здравески.
Отаде, тажно непобитен останува фактот, дека во својата сопствена кутурна и книжевна средина – писателите и воопшто уметниците, особено оние, кои духовно, творечки, според својот животен стил и непокор квалитативно отскокнуваат од неа – честопати, за „возврат“ остануваат и од неа си заминуваат – непрочитани и недочитани!
Кај нас, после ненадејната смрт на еден значаен автор и културен аниматор како Игор Исаковски, чиешто повеќекратно дејствување и значење (не само како писател, туку и како уредник, преведувач, издавач) уште долго време нема да можеме да го надоместиме – ваквите настани значат повеќе од само индивидуална загуба! Тие се, всушност, колективна загуба за целата книжевна и културна средина или „сцена“ (како што во поново време се вели).
Со оглед на сето тоа, за крајот на овој мал омаж за бескомпромисниот поет и човек, самиот за себе, кој велеше дека осцилира и се дво-уми помеѓу двете крајности – монахот и боемот, би сакала од свое лично име најискрено – и во името на сите (негови) сегашни и идни читатели – да му порачам:
Страва си, Исаковски“ – кој и да си , каде и да си при тоа!

– монахот или боемот, поетот или урбаниот скитник, страотно вљубениот маж
– или на смрт проколнатиот (Б)лузер, само на неколку чекори- песни пред сопственото ритуално (само)уништување!

2018-08-21T17:20:40+00:00 ноември 12th, 2015|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 101-102|