ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

/, Проза, Блесок бр. 118/ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

ДВЕ АВАНТУРИСТИЧКИ ПРИКАЗНИ ЗА ВРАЌАЊЕТО НА УКРАДЕНИТЕ ДЕЦА

ДОРА


Подоцна во ресторанот ќе дознам дека е професор по англиски јазик, дека има жена, балерина која работи во фабрика за чевли и седумгодишна ќерка, дека во Романија се живее тешко, но сето тоа ќе го каже на прекрасен, течен англиски јазик, мирно, со насмевка, доказ дека животот, добро, благодатно го наоѓа патот и таму каде што го уништуваат. Ни кажува дека до станицата нè носел по подолг пат, но по поубави улици, низ низа запуштени угарски убавици, меѓу дрворедите во некаква златна, циметна боја. На станицата во Арад ниеден отклучен тоалет, во ресторанот, нема да ми веруваш, ништо освен вотка во картонско пакување како детски сок, со сламка! Нема ниту вода, зашто нема чаши. Некое дете ни продаде неколку лименки Кока-кола. Седнавме. Чувствувам како на романскиот таксист му е срам и непријатно. Му кажав дека, неговиот роден крај засекогаш ќе го паметам по преубавата долга улица по која поминавме. Се смее и малку му е полесно. На заминување ја бакнува раката на Дора и мојата. И така нашиот таксист од Вршац, кого заборавив да го прашам за името, и тато, нè оставаат на перонот број еден, бидејќи не се знае колку ќе доцни возот, а и двајцата таксисти би сакале назад, дома. Го гледам тато, го гледам неговиот страв и не знам како да го смирам. Таксистот ќе го врати во Вршац, ми ветува дека тато, бидејќи веќе ќе биде ноќ кога ќе стигнат, ќе преноќи и ќе вечера кај него дома, па утредента ќе оди со автобус до Белград. „Додека ти стигнеш дома“, му кажувам, „ние веќе сме во Амстердам, не се секирај и чувај се.“ И така Дора и јас остануваме сами, збунети и исплашени, признавам. Во возот не смееме да заспиеме, таксистот од Вршац не предупреди зашто во тој воз крадците земаат и чевли од нозе. Панонија експрес, Букурешт – Будимпешта – Прага, во моментов е најопасниот воз во Европа. Тогаш покрај нас од никаде се создаде средовечен брачен пар, покрај нив барем дваесет кожни куфери и многу пакети книги. Им приоѓам и ги прашувам дали зборуваат англиски и дали би им пречело доколку Дора и јас им се придружиме. Зборуваат англиски бидејќи се Американци, немаат ништо против да им се придружиме. Велам, извинувајќи се, дека по малку се плашам, а човекот, ширејќи ги рацете и насмевнувајќи се, ми рече: „Вие? Па ангелот е над вас!“ Се воспостави дека и двајцата се мисионери на некоја црква која нема црква бидејќи не веруваат во црква, туку во добрината и луѓето, и дека веќе со години доаѓаат на неколку месеци во Романија; произлезе дека, иако тие одат за Прага, ќе делиме исто купе. Таа се вика Надежда, по потекло е полска еврејка. На романско-унгарската граница ни ги зедоа пасошите на Дора и мојот и нема да ни ги вратат саат и пол. Саат и пол! Тој мој страв не можам да го опишам. Од што толку се плашев не знам до ден денес, има нешто во таа земја, нешто страшно во начинот на кој се однесуваат кон тебе, или сè беше до мене. Што значеше судскиот документ дека децата ми припаѓаат мене таа 1995, кога човечкиот живот немаше никаква цена!

Сите државни служби – полиција, царина – ги вршеа жени. Намуртени, со стиснати усни, ладни. Од возот ќе ги изнесат сите странци освен Дора и мене. После тоа прво олеснување, прво олабавување. Па целиот ден не следат гладот, студот и жедта. Антонио, нашиот љубезен млад сопатник Романец, ја отвори својата торба и џентлменски, како што тоа во Романија го знаат, ни направи на нас двете највкусни сендвичи, во бела салфета, и лимонади. Дора и ден денес ги смета романските сендвичи за најдобри на светот. Дора си играше со оловното морско коњче, кое потоа ѝ падна од раце, сите заедно го прегледавме целото купе, ама исчезна. Тоа, баш во тој момент, беше необичен и добар знак.

Во Пешта стигнавме околу девет навечер и дури тука, на пештанската главна железничка станица, почнавме да се гушкаме, бацуваме и скокаме од среќа. Дури тука знаевме дека сме успеале. Мислев дали да се јавам на Варадиеви, чија адреса ми ја даде добриот Небојша, но не ми се прераскажуваше целата приказна. Во тоа време ни пријде таксист, овој пат унгарски, кој исто така зборуваше течно англиски, и не праша дали ни треба превоз. Превоз? кажувам и се смеам од среќа и олеснување. Ни треба превоз, туш, вечера, ноќевалиште и авионски билети за Амстердам. Тој убаво си отиде до колата, се врати со мобилен телефон, нешто зборува со некој на потполно неразбирлив унгарски. Неполн саат подоцна, Дора и јас се туширавме во пансионот на километар од аеродромот. На масата нè чекаше полна тацна со унгарски специјалитети и бокал полн со домашен сок од вишни. Пред тоа таксистот нè однесе до аеродромот каде купивме билети за првиот утрински лет за Амстердам, Малев, бидејќи тие, како што тој ќе потврди за нас, се триесет отсто поевтини од оние на КЛМ. Таа ноќ, прегрнати, залепени една до друга како две половинки од школка, Дора и јас го почнавме мачниот, бавен пат на враќање на меѓусебната доверба. Сè во тоа мое детенце беше испомешано – од ставот кон самата себе, од недовербата во себе до недовербата во мене. Сега, после три месеци, премерувам каде сме. Дора сè поретко мисли дека не е добро девојче, дека е глупава, дека е грда, дека е непослушна. Многу нешта излегоа од неа, многу нешта дури допрва ќе излезат. Шест месеци без мене, во куќа каде никој вистински не ја сакаше, освен, нормално, Нина, а и тоа го можеле само кога биле сами и кога им било тешко, па би се стуткале една крај друга и би плачеле. Дора секој ја мачеше како сакаше, децата во школо не ја сакаа, а учителката редовно ѝ се дерела: „Што мисли таа твоја мајка? Дали веќе еднаш ќе ги даде документите?“ Шест месеци систематско доведување во сомнеж на сè што до тогаш бил нејзин свет, шест месеци живот во лага, во стрес, во патологија зад затворени граѓански порти на фините луѓе, сето тоа остава трага. Но мојата Дора е создадена од цврст и добар материјал. Нејзината љубов кон вистината и љубов кон правдата, колку и да се разнишани за да се преживее, не се урнати и таа полека, повторно, станува своја и ѝ се враќа верата не само во самата себе или во мене, туку и сè што е свет околу неа, во вистината, во правдата, колку и да ти звучи патетично. Со нејзе навистина е напорно, таа ти е едноставно комплицирано дете, но кога еднаш е вратена во својот свет, детскиот свет, сè е многу полесно. Летото го поминавме во Амстердам – секој ден одевме некаде, во парк, на море во Зандфорт, на базен, во кино, во Кралскиот музеј кој Дора го обожува најмногу од сè и каде никогаш не ѝ е здодевно. И така полека се доближивме до дванаесетти септември и првиот ден на школо.

ПреводКалина Б. Исаковска
ПреводЕлизабета Баковска
2018-10-30T09:48:15+00:00 март 27th, 2018|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 118|