Два куси раскази

Два куси раскази

Aјде да слушаме радио
Не е чудо

Радиото беше посебно важно за време на вистинскиот социјализам. Тоа беше единствениот инструмент што овозможуваше директен контакт со Западот. За да се чувствуваш како дисидент, сè што требаше е да имаш добро радио свртено на фреквецијата на „Радио Слободна Европа“ или „Гласот на Америка“. Ако тројца се собереа околу радиото за заедно да испијат шише ракија, тогаш веќе стануваше збор за движење на отпор. Радиото беше прекрасна работа затоа што, за разлика од ракијата, сите ги правеше да се чувствуваат како херои. И сите го обожаваа.
И Сарко Кишев го сакаше, иако зад неговите чувства се криеше друга приказна. До 1987 радиото играше речиси безначајна улога во неговиот живот. Есента таа година сè се смени. Сарко замина за Пловдив да студира земјоделство и изнајми соба од пензиониран наставник од основно. Но ѕидовите од овој стан беа толку тенки, што Сарко во соседната соба можеше да ја слушне газдарицата не само кога прелистуваше низ своите фотоалбуми, туку и кога најтивко воздивнуваше. Ова немаше ништо да значи да не ја запознаеше Венета по две недели. Колку што стануваше поблизок со Венета, толку побитни стануваа ѕидовите околу него.
Еден ден и последниот невидлив ѕид меѓу нив падна, проследено со нивните алишта, и, како што и се плашеше, тоа се случи во неговата соба. Во соседната соба газдарицата на станот во тој миг си го мешаше кафето.
„Тука сè се слуша“, рече, без здив.
„Пушти го радиото“, прошепоти Венета.
Оттогаш радиото стана постојан придружник на нивниот љубовен живот. Ги знаеја речиси сите програми. Некогаш слушаа музика, некогаш вести, некогаш извештаи за нивото на водата на Дунав, но исто така и трактати за успесите на социјалистичките планови во полето на економијата заедно со пофалните зборови за сите бригади што предвремено ги исполниле задачите. Па така секојпат кога сакаа да спијат заедно, едниот само требаше да каже една единствена реченица: „Ајде да слушаме радио“.
Програмите влијаеја врз нивните љубовни игри на различни начини. Додека револуционерните и партизанските песни најмногу ја стимулираа Венета и ѝ побудуваа желба за експериментирање, ја правеа поинвентивна и страствена, Сарко најдолго издржуваше ако слушаше говори од високи партиски функционери, можеби бидејќи фантазиите му беа окупирани од комунизмот, чие пристигнување сè повеќе се одолговлекуваше. На овој начин Сарко ги спои полезното со пријатното, бидејќи и нешто друго се утврди заедно со неговата класна свесност. Никогаш не бил дисидент, но радиото некогаш му нудеше херојско чувство. За жал, идеа други времиња, а со нив некои други херои. По падот на комунизмот Венета му раскина на Сарко бидејќи нивниот љубовен живот веќе не можеше правилно да функционира. Па и како да функционира? Вистина, имаше многу нови станици, но партиските говори исчезнаа. На Сарко не му остана ништо цврсто и постојано. Немаше постојана врска, постојано вработување, постојано живеалиште, а камо ли постојана класна свесност. Па како многумина и тој замина за да си ја проба среќата на Запад. Судбината иронично си поигра со него кога го прошверцуваа во Австрија во камион натоварен со радија. Еве како, како што подоцна самиот објасни, почна најдолгиот прекин на програмата во неговиот живот. Сепак, во споредба со други иселеници, Сарко имаше среќа. Веќе по една година можеше да изнајми сопствен стан, а по три години имаше постојана работа. Едно од првите нешта што си ги купи беше радио. Но никогаш не го вклучи. Чекаше.
Иако веќе никому не пружеше херојско чувство, радиото продолжи да игра битна улога во животот на иселениците. Оние кои порано слушаа западни радио станици сега со иста жар во етерот бараа станици од нивните татковини. Речиси и не постоеше работилница или градилиште каде што не се слушаше радио. Не беше случајно тоа што првите реченици што иселениците можеа да ги изговорат без акцент беа од радио-рекламите. “Schau in die Krone”, често пееја полските колеги на Сарко додека мешаа цемент на градилиштето. За разлика од нив, Сарко никогаш не бараше радио станици, ниту пак го вклучуваше радиото. Повремено ќе ја избришеше прашината од него, чекајќи.
Еден ден чекањето му вроди плод. На крштевката на ќерката на еден српски колега, по четвртата шљивовица, се запозна со Јасминка.
„Ако сакаш, може да одиме кај мене“, ѝ рече кога забавата почна да се растура.
„И што ќе правиме таму?“ Прашањето како да ѝ ја исцеди бојата од усните, зашто веднаш извади кармин од чантата и се намачка.
Сарко зеде длабок здив, оти чекаше 7 години, 3 месеца и 12 дена за повторно да ја каже таа реченица.
„Ќе слушаме радио“, рече гласно.

АвторДимитар Динев
2018-08-21T17:20:51+00:00 декември 16th, 2012|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 87|