Давеник

Давеник

Никогаш пред тоа, во долгата низа на нивните години, дванаесетте старци што седеа пред своите куќи не виделе по мирните води на езерото да плови давеник и да се слизне на брегот, на чија влага ќе остане, како што им доликува на покојниците, издолжен и неподвижен, бос.
Веројатно заради горештината со која и јуни е дарежлив, доаѓањето на мртовецот не предизвика поголемо внимание во рибарското гратче. Повеќето луѓе и жени се наоѓаа зад ѕидовите на своите куќи. Деца немаше. Сепак, по малку време, неколцина млади луѓе со претчувство на можни незгоди – истрага, сослушување, сомненија – се собраа околу давеникот и веќе знаеја дека тој не е од овој крај, не е од нивната страна на езерото. Белата обвивка на него, лесна и ленена, изгледаше преголема. Давеникот имаше слаби коски и не беше надуен и модар. Чиниш спиел под дожд – ќе се разбуди.
Не без шубе дека сè што прави е незаконски, еден од рибарите клекна пред трупот и му го ослободи лицето од некакви треви или алги. Од недовршена рамки на веѓи во благ лак, во рибарите гледаа две очи. Но какви! Скоро живи! Спасени од мрак на лигави наслојки, зениците се собираа. Оној што клечеше над давеникот, се исправи. Отстапи чекор; меѓутоа, не рече ништо. И другите околу него молчеа. Како отсекогаш да знаеле како се постапува во вакви случаи, чиниш одредени обреди им биле дел од животот, го кренаа давеникот од влажниот песок. Лесно го легнаа во дрвен чун. Двајца побледи отколку пред тоа, завеслаа кон средината на езерото. Оние што ги гледаа од брегот, останаа и понатаму молчаливи. Чекаа згуснати во грозд, мошне слични еден на друг, исцибрени, со стиснати заби.
На стотина чекори од брегот, дванаесетте старци со чудесни апостолски лица седеа пред своите куќи, тек-тук по некоја под сенка на дрво. Се бранеа од муви и вдишуваа розев мириз на леандри. Неочекувано запееја со гласови на сипкави ангели.
Штотуку од некој сив олтар во шамакот објави будење барска птица, онаа од чиј крик дозреваат смоковите, дванаесетте старци со апостолски лица се извлекоа од своите куќи и повторно го видоа вчерашниот натрапник. На брегот на чија ноќна пена светкаа оклопи на школки лежеше давеникот во бела ленена облека. Таа слика ги надминуваше нивните утрени сили. Сега тие беа поастматични отколку во предвечерните часови во кои пееја набочно. Се прекрстија кон сонцето, кон својот бог со бела риба меѓу усните.
Веднаш по тоа, пред да замесат брашно, со празнична вода, и жените го забележаа давеникот за чие вчерашно доаѓање се молчеше. И без распрашување, тие знаеја што се случи ден порано. Пред кострецот и перкијата со бронзени личунки доброволно да им се доближат на видрите, жените го презедоа обредот што вчера го започна машкиот сој.
Сенките на двете тополи, меѓу кои лежеа дрвени рибарски чунови, се намалуваа, црцорците најавуваа омарнини. На еден од засушените врвови на тие тополи пееше гавран, тромаво и мамурливо, некако ѓаконски. И тогаш започна вториот дел на обредот во врска со повторениот закоп. Најстарата меѓу жените, збрчкана светица, стави земјано канче со палена свеќа крај главата на давеникот и се обиде со дланка да му ги затвори очите. Не успеа. Тоа не ја обесхраби. Со бавно движење извлече од под фута две метални парички и ги доближи до усните, потоа со нив му ги покри очите на мртовецот. Другите жени стоеја околу неа, а таа, потврда од камен, им рече дека овој млад човек доаѓа за да најде своја невеста. Ќе ѝ го вратат на водата неподвижен и бос и пак утре тој може да се најде на брегот.
Малку подалеку од давеникот стоеше ќерката на најстарата жена. Куца, иако не грда, праша како допливува тој до нивниот брег. Не ѝ одговорија. Симнуваа од себе низи со стари пари и ги редеа околу вратот на давеникот. Се надеваа дека нивната дарежливост ќе го смилостиви езерото, под тежината на низите, мртовецот ќе остане во водата.
Со куп старински пари на себе, давеникот изгледаше како голема риба со светкави личунки само на градите, на она место на кое рибите ги немаат. Без тажачки, иако со нив повторениот погреб ќе имаше поубав крај, жените го кренаа и го положија во најблискиот чун.
Досега тоа не било. Во два насоки се движеа пајаци. Едни се стремеа кон топлите води на езерото, други минуваа преку песок и одеа кон куќите на рибарите. Осмокраките чудовишта со ошиклени очи се вовлекуваа во срцата на старците. Смукаа делче по делче од нив. И од сите други.
Сонот, ваков или сличен, ’ртеше во пазувите на ноќта.

СРЦЕТО НА ТОЈ НАСТАН

Некоја тајна сила на водата го однесе давеникот на спротивниот брег на кој луѓето од рибарското гратче никогаш не стапнале. Давеникот лежеше на точка на која се крстосуваа стотици врвици, чиниш не знае по која да заплива.Самиот беше центар на часовник што не ги одбројува ни деновите ни ноќите. Неговото време не се мереше со часови: згрутчено беше во еден, само еден скаменет миг пред чие мртвило немаше предвреме: го немаше ни она што се означуваше со зборот потоа: очите му беа отворени: во нив лежеа две недозреани вишни: на градите имаше сребрени пари во неколку низи, на врв јазик неискажан збор.
Помеѓу два крика на був, птица што го колка од облаци семето на молњите, по давеникот дојде неговата татковина вода и го опфати со топли раце. Го привлече, го однесе со себе. Тој им се препушти на кротките бранови и на алгите да му го покријат младото лице на кое немаше отпечаток на женски усни… Струјата на водата го влечеше од јужниот брег на кој пукаат смоквини плодови кон северниот, кон гратчето на рибарите. Над покривите без чад висеше на своја лента како сребрен медал месечината. Ѝ се доближи танко облаче; да имаше раце, ќе ја излупеше како портокал.
Ноќта се приготвуваше да го потера од поило своето вечно стадо – сенките. Наскоро денот ќе пушти од своите пазуви дванаесет пчелини роеви да го разнесат на четири страни поленот на сонцето. 22 јуни е, средина помеѓу две рамноденици, како што пресметаа старците.

ЕПИЛОГ СО ПРИЧИНА

Се случи. Еве што и како…
По рид на кој лежеа под снег остатоци од номадско бачило се спушташе трага на боси нозе. Со палец в уста, така најубаво размислуваше, чуварот на шумите се најде пред загатка: доколку непознатиот човек (на ѓавол не можеше да се помисли) е некој за чии постапки или намери во врска со шумата законот има свој избор, кој е тој и зошто е бос? Од палецот не се исцицуваше одговор. Истражувајќи ја со поглед далечината, чуварот на шумата реши да ја следи трагата на босите нозе. Непознатиот одел лево и десно, и пак, враќајќи се во лак, ја наоѓал насоката.
Кристалните ѕвончиња во снегот се огласуваа тивко во чест на некој свој празничен миг. Чуварот на шумата не ги слушна. Не го почувствува ни вкусот на млакото ветре што му доаѓаше во пресрет од југ, од колепката на пролетта.
Сè подлабоки и веќе со вод на дното, отпечатените стапала завршија на остра граница помеѓу снег и копно и помеѓу ден и ноќ. Значи, од оваа страна зима и сончева ведрина, од онаа топла летна ноќ!
Со студена светлост на грбот и со очи нурнати во темна модрина, обземен од чувство дека првпат во животот сонува, чуварот на шумите продолжи да чекори и стаса до две тополи крај езеро на чиј брег лежеа дрвени чунови. Трагата на босите нозе во песокот, за чудо видлива и ноќе, се изгуби, можеби ја најде својата цел во водата. Во тој час без звуци и движења, човекот што дојде од снег и од ден седна изморен на песок. Од тоа место можеше да го набљудува езерото, во исто време да гледа и кон гратчето на стотина метри од брегот.
Она што се одигра по еден час, по половина година, по цело столетие, тој го виде притулен во сенката на двете тополи, на тие ноќни вдовици со воздишки во коренот.
Од неголема куќа во една димензија излезе сенка и со куцање се упати кон езерото. Не можеше да биде друго, или жена или девојка. Нечујно стигна до брегот и остана неподвижна, со лице свртена кон водата без бранови, без одраз на животот или на смртта за која шумарот никогаш не размислувал. Потоа… На површината на водата изнурна од неопределена длабочина нешто што можеше да е и голема мртва риба и човек во бело. Сенката што се спушти до брегот загази во водата. Тоа го стори без двоумење, со занес на месечар. Се оддалечи. Кон големата риба или кон човекот во бело сега се доближуваше темно торзо. Наскоро во водата немаше ништо. Актерите на призрачната сцена се нурнаа во безбојниот мрак на водата, слично на две бубачки што се губат во срце на голем цвет.
Веќе на нозе, не наоѓајќи логично објаснување на она што се случи пред неговите очи, шумарот стоеше беспомошно. Не знаеше на која страна да појде, како да ѝ се врати на планината, на ридовите, на снежните рамнини. Појде да ја бара вратата за излез од еден непознат свет. Дишеше тешко, со мака. Околу него имаше повеќе темница отколку воздух. Со инстинкт следеше трага. Не на босите нозе. Својата. Со малку моќ во себе, мина во ден и во снег. Ја издиши таа ноќ. Здивот од него развеа депресивно лилав облак и, оддалечувајќи се, ги однесе неговите сеќавања.

POSTSCRIPTUM

Со надмоќ на мешлест бог во чиј оган не се гледа без ризик, сонцето, со векови дел на мали и големи раскажувања, му го отвори со болскот срцето на езерото. Очите на рибарското гратче видоа помеѓу еден и уште еден ѕид од вода младоженец во бела ленена облека и девојка. Уста до уста, скоро и недопирајќи се со раце, си го пиеја заемно своето молчење. Околу нив се креваа синкави гласови на невидливи свадбари, можеби на оние дванаесетмина заслужни и отслужени рибари, вчерашни пејачи пред своите куќи.
Тој миг во кој се соединуваше убавината на некој друг свет со ужасот на реалноста мина од еден во друг век и се скамени во око на чапја. За цело време трските во шамакот свиреа низ своите шупливи ’рбетници. Го збунуваа ветрот запишан на пајакова мрежа помеѓу двете одамна остарени тополи на песочниот брег. Од едното до другото стебло лежеа чунови слични на зборови во заграда. Звукот од шамакот ветрот го сфати како носталгичен повик на помалите и постарите браќа. И појде да ги бара.
Двете страни на отвореното езеро се склопија како корици на прочитана книга.

АвторСлавко Јаневски
2018-08-21T17:22:03+00:00 јуни 1st, 2000|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 15|