ГНЕЗДО

ГНЕЗДО


И сега знам да си седам така и од нигде-никаде да ми вползи змијата. Кога ќе се сетам дека сум опуштен. За она чувство зборам. Ете ме, на клупа во парк, со луѓе. Или на гости. Некаде попладне или на самрак. Да, она чувство што ти доаѓа кога стоиш на тераса без ограда од која знаеш дека некој паднал и веќе го нема. Кога мислиш дека оној мал наклон што ја одлева водата ќе те однесе и тебе в пропаста, како измиен, полека влечен од тежата на тоа кобно место. Она чувство што те растрбушува, ти ја ниша утробата и од кое беспомошно ти залебдуваат цревата, па си ги собираш ножните прсти и стискаш со меѓуножјето, кога мислиш дека дишеш вода. Е тогаш ми доаѓа да брзам дома. Веднаш. А додека брзам – мрак, страв и бес.

Нормално било тоа. Читав во некои англиски брошури дека тоа било баш нормално. Имаат име за тоа. Неколку имиња имаат, зашто имало фази. Научив кога почна да ме плави тоа чувство и кога фатив да барам на „интернет сказал“, ко што вика една другарка, нешто за ограбени во провална кражба. Прво научив дека сум жртва. За жена ми, за син ми и за мене во брошурана пишува дека сме „жртви на провална кражба“.Чудно олеснување е кога ќе прочиташ дека си жртва. Чудна работа, ама ти олеснува. Сфаќаш дека тоа што ти се случува во главата и со телото било нормална работа. Ти олеснува што, изгледа, не си скривил ти што живееш во станче на високо приземје и што не си ставил решетки преку прозорци, или на тераса, што не си ги криел по разни скришни места лап-топот, фото-апаратот и драгите ситници што ти ги оставиле прабаба ти, покојната тетка, мајка ти и што си ги купил самиот. И толку трае олеснувањето.

Читав понатаму. Психолошки последици од провална кражба: постојан и несовладлив страв, вели. Имам. Гнев. Имам. Јад и тага поради украдените предмети, вели, и поради загубеното чувство на сигурност, безбедност и спокојство. Иам, иам, хи..хиииам, иам. Чувство на вина што не сте си го заштитиле домот. Иам – она со решетките. Хронична растревоженост. Иам. Депресија. Неам. Несоница. Неам. Како сликички од Светско. Опсесивно-компулсивно однесување. Хм… не знам… неам; не знам… мож’ иам. Тоа што кога ќе ме апне змијата, секој ден, веднаш морам да му избегам на секое друштво, кај и да сум, со кого и да сум, за да си дојдам и да проверам дали тоа некој ми провалува или ми провалил, да влезам во дворот, да видам да не е подотворена вратата, да стегнам тупаница и да влезам дома полека-полека и самиот ко крадец? Тоа ли е тоа? Не знам. А што потоа не ми се излегува?

АвторОгнен Чемерски
2018-10-30T11:26:25+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 116|