ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


Не се бунев. Нека оди човекот, мислев, извидувањето е мајка на успехот. Се засолнив во сенката на грамадната карпа и седнав. Сонцето веќе ја достигна највисоката точка и почна полека да се спушта кон запад. Да не има тука планински змии отровници, се прашав нервозно, или големи пајаци? Веќе не ми беше до седење. Се тргнав од сенката сè така исчекувајќи дали од некоја од милионите пукнатини ќе доползи нешто. Животот во градот има свои недостатоци: воздухот е загаден, бучно е, луѓето седат во зградите и гледаат телевизија за да не полудат, а и покрај тоа честопати некој полудува, по улиците лазат илјадници автомобили, ѓубрето труе на тротоарите, налето е неподносливо жешко, а во зима студот се вовлекува во коски, деца врескаат во парковите, родителите врескаат по нив, кучиња мочаат и серат наоколу, а сопствениците одат по нив и ги собираат срањата, или не ги собираат, и кога сето тоа ќе го собереш – ги разбирам луѓето кои како Блаж во еден миг ќе пукнат и се иселуваат некаде.
Но не овде, аман, не среде ништо. Да се живее во планина не е решение.
Чув нешто и се повлеков два-три чекора. Во едната рака го стискав ножот, а во другата малечкото копје. Израелецот. Воздивнав.
„Пронајдов траги, мислам дека знам каде живее чудовиштето.“
„Каде?“
„Ајде по мене.“
Со тешко срце исчекорив на тесното плато на кое се издигаше нова, уште пострмна карпа. Некако се надевав дека нема да го најдеме дувлото на волкојарецот. За моја несреќа, Керет навистина ги читаше трагите како некој вешт Шајен. Го следев. Чекореше не произведувајќи ни најмал шум. Мене тоа не ми успеваше – крцкав и шушкав за двајцата. Шеесетина метри понатаму застана и покажа со раката нагоре.
„Не гледам ништо“, шепнав најтивко што можев.
„Погледни подобро“.
Замижав обидувајќи се да повлечам замислена линија од неговиот показалец. Закачено на една остра карпа, не големо парче портокалова ткаенина се вееше на ветрот.
„На Маруша е?“
Кимна. „Околу половината имаше заврзана портокалова кошула, се сеќаваш?“
„За жал не, но да, може да е нејзино“.
„Одиме“, ми мавна и тргна.
„Чекај малку… а јас да почекам овде, за секој случај?“
„Нема потреба“.
Не ми се одеше по тоа стрмно, тесно патче погодно за дви¬жење на дивојарци, диви мачки и брзи чудовишта. Сепак, се охрабрив некако и почнав да го следам Израелецот. Тоа сè уште не беше стрмнина која просечен аматер планинар не би можел да ја совлада без клинци, јажиња и друга опрема, но не беше ни далеку од тоа. Четвртина час подоцна дојдовме под плочеста, испакната карпа.
„Ќе се прикрадам под самата плоча“, шепна Керет. „Кога ќе ти дадам знак, земи камен и фрли го горе. Гаѓај над мене, така што да падне на испакнатината“.
„И после?“
„Во случај да е тука волкојарецот, ако имаме среќа ќе дојде до работ“.
„И?“
„Ќе го прободам со ножов и со малку среќа – ќе се стрмоглави долу.“
„Етгар, брат“, шепнав.
„Молам?“
„Не лути се, но ова не е баш најпаметниот план што сум го слушнал во животот“.
„Имаш ли ти нешто подобро?“
„Имам, да се спуштиме долу и да ги почекаме Тања, Велс и Планинската служба“.
Одмавна и се испентари точно таму каде што планираше – под карпата. Чекав. Се сврти кон мене давајќи знак да го фрлам првиот камен. Ги имаше насекаде. Избрав еден, нанишанив и го фрлив. Падна на вистинското место. Чекавме. Керет подготвено го држеше ножот, потпирајќи се со другата рака на некакво закржлавено дрво кое растеше накриво меѓу карпите. Покажа да фрлам уште еден. Фрлив и погодив скоро на истото место. Попрво одошто очекувавме, волкојарецот навистина се појави на работ од карпата, погледна во далечината и тогаш веројатно ја надуши присутноста на натрапникот, се фрли на стомак врз карпата и со шепата го погоди Керет директно во темето. За миг изгледаше дека израелскиот прозаист ќе остане на местото, а потоа само клапна, го испушти закржлавеното дрво и со раширени раце летна во амбисот. Волкојарецот се поткрена, погледна уште еднаш кон хоризонтот и замина. Мојата маленкост не ја виде. Веројатно не ни можеше. Силно сакав да верувам во тоа. Почекав срцето да престане да ми бие со брзина од двесте отчукувања во минута и почнав да се спуштам. Не осмелувајќи се да погледнам под себе, потамина ја спуштав едната па другата нога, барајќи цврста потпора. Чувствував како снагата полека ме предава.
Боже, ако те има, сега е вистинскиот момент мене кутриот да ме увериш во своето постоење. Демонстрирај ја својата несогледливо голема моќ и спаси го овој беден неверник. Нема врска ако не сум заслужил – спаси ме од чиста заебанција. Од инает. Не сакам да загинам во оваа Недојдија. Господе, ете, дозволи пропаст на двајца писатели во ист ден. Нема потреба сега и јас да гинам. Ако ја сметаме и Маруша – тоа се веќе тројца. Многу е тоа, Боже, толку писатели не загинале во еден ден уште од онаа војна. Втората светска. Прашање е дали некогаш во историјата се случил таков помор меѓу литератите. О, велик Јахве, кој си на небото каде што седиш во бел костум како Морган Фриман и одозгора ја гледаш оваа наша мака и јадот земски, направи да се доберам до цивилизацијата, па не мора веќе никогаш ништо да направиш за мене. Или можеш – твоја волја е. Но сега, тоа среди ми го, зашто сега ми треба. Искрено те молам!
Спуштајќи се наслепо низ карстот, во еден миг згазнав на нешто што не беше камен. Се свртив и го видов Керет како изудрен лежи врз некаква грмушка.
„Тргни ја ногата“, заофка.
Го мрднав стапалото од неговото колено.
„Жив си?“
„Подобро да не сум…“
„Слушај, не знам како да те спуштам, да ме убиеш, не знам.“
„Колку има до долу?“
„Околу петнаесет-дваесет метри.“
„Остави ме тука, бегај…“

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 110|