ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


„Ќе го покриеме со камења за да не го изедат птици или некои други животни“, предложи Керет.
„И гробот ќе го обележиме со неговиот стап, за оние од Планинската служба полесно да го пронајдат“.
Ја зедовме Блажовата матарка со вода и се фрливме на работа. Многу бргу го покривме со камења и му го заглавивме стапот над главата.
„Баш добро изгледа овој привремен гроб“.
„Навистина“, потврдив, „како во вестерните“.
Израелецот извади некаде од елекот веќе завиткан џоинт и предложи да запалиме еден пред да ја продолжиме потерата. Седнавме малку погоре од гробот и зачадивме.
„Ти баш и не си некој голем љубител на природата?“
„Не сум, а ова со волкојарецот е последен скапоцен камен во круната на недовербата која ја негувам кон дивите предели“.
„Волкојарецот е шлаг на тортата. Мислиш дека е сам или ги има уште?“
„Мислам дека е тоа единствениот волкојарец во светот.“
„Тогаш е проклето осамен.“
„Богами да, тоа чудовиште е осамено овде во планинава.“
„Можеби затоа и ја грабна Маруша.“
„Сто отсто, копнежот го тера да прави такви работи.“
Некое време гледавме молкум пред себе издишувајќи чадови. Опкружени сме од дивина, си мислев, и еднаш кога ќе нè нема, таа ќе доползи и ќе ги покрие остатоците од цивилизацијата. Повторно сè ќе биде како некогаш. Уништуваме прашуми, убиваме китови, ја дупчиме земјата, но сето тоа е ништо. Битката одамна е изгубена. Живееме во илузии.
„Мислиш ли дека ќе се вратиме живи оттука?“, прашав.
„Може само да нагаѓаме. Клучно е да останеме прибрани и да не избрзуваме“.
„Волкојарецот е на домашен терен. Ние сме тука само натрапници. Местото ни е во градовите, еве ти го Блаж. Живееше тука некое време мислејќи дека припаѓа овде. Човекот мора да се држи за градовите и селата, а дивината да им ја препушти на дивјаците, на дивите суштества кои тука си се дома“.
„Има вистина во тоа што го зборуваш. Се оддалечивме од природата и сè послабо ја разбираме“.
„Ех, да ни се овде два митралеза и неколку бомби, ќе те прашам тогаш, волкојарецу…“
„Што ќе го прашаш?“
„Тоа само така се вели. Туку слушај, Израелецу, ти не ја познаваше онаа Маруша отпорано?“
„Не, не ја познавав“.
„Ниту јас. Значи, не ни е ни род, ни напомош бог. Вистинското прашање е зошто тогаш воопшто се изложуваме на опасност, обидувајќи се да ја избавиме? Еве, покажавме добра волја, патем изгубивме еден човек, а таа најверојатно веќе и не е меѓу живите. Зошто убаво не си се спуштиме долу и не го почекаме засилувањето?“
„Хех, прашањето е на место. За жал, ова од почетокот е прашање на честа, а по пропаста на Блаж ние фактички немаме избор. Неговата жртва не смее да биде залудна. Ако сега се откажеме од потрагата по поетесата Клемен, тоа би било како да сме се измочале на неговиот гроб. Ѕирни си длабоко во срцето и ќе видиш дека имам право“.
Послушав и ѕирнав. Во моето срце имаше сенешто, копав и копав, и факт е – длабоко долу, под наслагите на сиот тој смет, пронајдов малечка грутка одговорност и чест која значи живот. Ме изненади тоа откритие, ме изненади и малку ме растажи. Не знаев дека во одредени околности сум склон да гинам залудно.
„Да одиме да го завршиме овој случај“.
„Од тука, молам“, Керет тргна прв.
Чекор по чекор, камен по камен, и веќе се качивме на првиот врв. Не беше тоа којзнае каква височина, но кога конечно се осмелив да погледнам надолу, морав да проголтам кнедла. Израе¬лецот даде знак да бидеме тивки и почна со нож да го остри стапот.
„За секој случај“, шепна.
Го наострив и јас својот стап. Ги имавме тие две кутри копја и двајцата по еден нож во случај на блиска борба. Гради в гради со волкојарецот – не сакав ни да мислам како би си поминале во тој случај.
„Ти остани овде, јас ќе одам да извидам“.
„Договорено“, шепнав.

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 110|