ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


Беше тоа Маруша Клемен. Кликна распарувајќи ја тишината и веќе го фати бокалот со вода за, со гест на најчисто милосрдие, да го напои тој патник намерник.

„Хааа…“, гракна старецот, покажувајќи й на Маруша и сите нам рогови, „да ви ебе мајката кој ве доведе тука!“

„Just a crazy old man, you know…“ Лела го заврти показалецот кај слепоочницата што во целиот свет е знак дека некому му фали некоја штица.

Странците со разбирање кимаа како да сакаат да кажат – ах, што се може, го има тоа и кај нас, луди па живеат. Додека старецот, мрморејќи си налутено под носот, полека исчезнуваше по патеката кон населбата, во коските ми се вовлече некаков немир. Човекот со прачки си го протолкував себеси како предупредување, како знак едноставно да се поздравам со сите и мирно да се вратам таму од каде што дојдов – во цивилизацијата. Еби го сега, си помислив, нема смисла да се враќам. Никој не ми стави пиштол в чело, можев убаво да речам: Благодарам, но не, благо¬дарам. Драга Тања, тебе и на планинарско-писателското друштво ви посакувам пријатен престој на Велебит, јас сепак ќе останам, не е тоа за мене.
Доцна е за премислување, заклучив. Со целата таа планина која седи тука веќе милион години спречувајќи и ние во Загреб да имаме медитеранска клима, не можев веќе назад, туку само напред – угоре, високо, во пресрет на небото. Кога барем некој, онака на половина, би се затрул од сурутката, дури да трепнеш би се јавил за придружба до најблиската болница и веќе ни би морал да се вратам.

Роговите што така безобѕирно ни ги покажа носачот на гранки ја нагризаа мојата и онака кревка самодоверба. Типот фрли клетва врз нас – нешто ќе тргне лошо.

Нешто ќе тргне лошо, повторував во себе, нешто сосема сигурно ќе тргне наопаку.

И тргна, но не веднаш.

„Со нагнетени желудници нема да стигнете далеку. Не мислевте на тоа, а? Тања, тебе најмногу ти замерувам. Ако некој ми заостанува, ќе го носиш на грб, разбра?“

„Залаче к’снавме и пивнавме по чаша вино, ништо страшно, само толку за да не ги зашеметит планинскиот воздух.“

Блаж, човекот кој сигурноста на градот ја заменил со нескротливата планина, се појави како дух. Никој не виде од каде изнурка.

„Да ги прескокнеме формалностите, ќе се запознаеме по пат, а сега слушнете ме: мобилните, лаптопите, ајфони, ајпади и останати слични апаратчиња ќе ги оставите овде! Капирате?

Има ли некој кој неколку дена не може да се раздели од својот миленик?“

Тоа беше поволен момент. Можев да истапам или да кренам рака и да речам – еве, јас сум тој, не можам да се одвојам од мобилниот. Шансата се нудеше, но одмолчав како и сите останати.

„Ок, Лела и Јан ќе ги причуваат вашите скапоцености. На враќање ќе ги соберете, одиме, хоп, хоп, хоп“, заплеска за да нè забрза.

Четириесетина минути потоа сосема загубив поим каде се наоѓаме. Велс се интересираше како ќе пишува во случај да го фати инспирација – а ќе го фати сто проценти.

„Ќе добиеш хартија и молив“, дофрли Блаж преку рамото.

Велс го погледна Керет како да сакаше да каже: Хартија и молив, кој кур?

„Не мора секој ден да пишуваш, размислувај“, Израелецот го чукна Американецот по рамото.

„За што?“, рече Велс.

„Размислувај за својот суперлаптоп кој мораше да го оста¬виш кај хипиците, размислувај за пиле на ражен, како среде оваа убавина можеш да кмекаш? Погледни го ова!“, Маруша ги рашири рацете покажувајќи го велебитскиот пејзаж.

„Воопшто не кмекам“.

„Кмеее-кмеее“, се кикотеше Керет.

„Кмее-кмеее, you fuckin’ crybaby”, се придружи и Маруша.

„I’m not a fuckin’ crybaby!“

Тања го прегрна Велс околу половината: „Абе што те заебавет овие тебе, ќе ојме ли да бериме цвеќе ние двајца после, а?“
„What?“

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 110|