ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ

ВОЛКОЈАРЕЦ


Мудро кажа, помислив. И умот и срцето беа апсолутно за тоа да го оставам, бидејќи друго и не беше можно, но тогаш однекаде се јави совеста: кретенски е да се остави несреќникот да лежи тука како некаков пешкир за плажа кој некој го оставил да се суши на сонцето. Погледнав нагоре. Се разбира, волкојарецот елегантно се спушташе кон нас.
„Ене го, волкојарецот, бегај“, списка Керет.
„Ма, нека го.“
Ми стана сеедно. И онака бев при крај со силите.
Волкојарецот се сврти кон нас и заурла: „Гроаааррр!!!“
Како да сакаше да порача: „Е сега ќе ви ја ебам мајката“.
Мислев дека ме фаќа вртоглавица од несвестица, но нешто навистина бревташе зад нас. Звукот стануваше сè помоќен.
Од хеликоптерот на Планинската служба за спасување го истурија првиот рафал. Волкојарецот вресна. Сфаќајќи дека ѓаволот не се шегува, зачас се испентари до испакнатата карпа и исчезна некаде во гребените на Велебит.
Беа преземени три големи потраги по Маруша Клемен и ниедна не вроди плод. Над онаа карпа навистина има пештера и волкојарецот, несомнено, престојуваше во неа. Меѓутоа, не е пронајден доказ дека воопшто ја довлечкал поетесата горе. Единствената трага беше делче од портокаловата кошула. Ништо повеќе.
Посмртните останки на Блаж Перковиќ беа закопани во семејната гробница во Мирогој. Дождот пригодно лееше за време на целиот обред. Тања, Велс и јас се простивме од човекот кој своите последни овоземски часови ги помина со нас. Дојде и израелскиот амбасадор придружен од сопругата. Керет, се разбира, не можеше. Во тоа време и идните шест месеци лежеше во воена болница во Тел Авив, каде што закрепнуваше од големиот број скршеници на коските.
Одвреме-навреме стигнуваа несигурни сведоштва за средби со велебитскиот волкојарец. Го видовме овде. Го видовме онде. Луѓето сакаат да видат чудесни суштества и појави, сакаат барем еднаш во животот да видат нешто што ја надминува фантазијата: НЛО-и, чудовиштето од Лох Нес, Јети и неговиот роднина Бигфут, самовили и џуџиња или осаменото чудовиште волкојарец.
Ние кои навистина го видовме не сме желни за нова средба. Волкојарецу, нека ти е убавата куќа далеку во планината.

АвторЗоран Пилиќ
2018-12-13T12:05:30+00:00 ноември 10th, 2016|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 110|