ВЛАДА УРОШЕВИЌ И НАДРЕАЛИЗМОТ

/, Критика, Блесок бр. 114-115/ВЛАДА УРОШЕВИЌ И НАДРЕАЛИЗМОТ

ВЛАДА УРОШЕВИЌ И НАДРЕАЛИЗМОТ

ВЛАДА УРОШЕВИЌ И НАДРЕАЛИЗМОТ

Влада Урошевиќ (1934) е еден од најреномираните современи македонски автори. Поетички, неговиот дискурс се доведува во врска со наследството на европската авангарда, со чии искуства тој, несомнено, пројавува длабока сродност. Во поезијата е претставник на генерацијата македонски поети која на книжевен план се јавува по Втората светска војна, онаа најинвентивната во поглед на поетскиот јазик и израз. Генерација која трајно ја определи физиономијата на македонската поезија како „европска појава“.
Во досегашното шестдецениско перманентно присуство на македонската книжевна сцена, освен како поет, Урошевиќ, со подеднаков успех, се остварува и како: романсиер, раскажувач, препејувач, антологичар, патописец, есеист, книжевен и ликовен критичар. И во секоја од споменатите сфери успева да понуди нова, возбудлива, впечатлива и непредвидлива авантура. На мисловен план, делото на овој автор крие палимпсестни траги од древните културни (пред сè митски) слоеви (видливи во расказот и романот), потем, матрици (звуковни перцепции) од некои магиски зборовни формули (доминантни во поетското писмо), сè до некои симболи со архетипско значење во јунговска смисла на зборот (особено присутни во книжевната критика и есеистика, но и во поезијата и во прозата). Делото на Урошевиќ интелектуално кореспондира и со некои други уметнички (сликарство) и вонуметнички, пред сè научни (археологија, астрономија, физика, психоанализа), но и псевдонаучни сфери (езотерични учења), а како константна опсесија на духовен план треба да се спомене и дијалогот со други писма (од Гилгамеш до Борхес), како и „изборот по сродност“ со цела една плејада книжевни претходници кои минале низ неговата преведувачка лабораторија (Жерар де Нервал, Шарл Бодлер, Артур Рембо, Гијом Аполинер, Блез Сандрар, Пол Елијар, Андре Бретон, Анри Мишо, Ален Боске…).
Како човек од перо, Влада Урошевиќ е еден нестивнат дух со огромна моќ да проникне зад појавното, да зачекори отаде возможното и, кажано со речникот на еден Вилијам Блејк, „да ги отвори вратите на перцепцијата“ кон некои нови и непознати светови; дури и во добро познатата реалност „овде“ и „сега“ да открие некаква магија и некоја таинствена, несекојдневна убавина. Така стигнува, меѓу другото, и до портите на надреализмот.
„Надреализмот е моја голема љубов“ – изјавува Влада Урошевиќ во книгата разговори со мошне инвентивниот млад писател, критичар, преведувач и компаратист – Владимир Јанковски – Огледало за загатката (2003) и додава: „Надреализмот беше една голема школа за мене. (…) Токму поради тоа што ме научи да ја гледам магијата на секојдневието, како што велеа надреалистите т.е. да го откривам чудото на животот околу себе во секој миг на живеењето. Мислам дека е тоа најголемата поука што ја извлеков од надреализмот – да се открива чудото на животот и тогаш кога тој изгледа сив и банален и кога навидум не дава некакви големи возбуди.“
Нуркањето кон „подводните карпи на надреализмот“ (како што гласи едно поглавје во книгата Астролаб на Влада Урошевиќ) има своја предисторија веќе во раното детство на нашиот автор: „Не знаев, не можев да знам дека некаде постои нешто што се вика надреализам, но предметите, сликите, претставите кои ќе им послужат на надреалистите како појдовни точки за нивните хуморни, зашеметувачки, провокативни вивнувања во новото и неоткриеното, веќе ме опкружуваа“ – пишува тој во текстот „Сентиментална панорама на надреализмот“ (Мапи со дамки од овошје, 2005) и продолжува: „Препознаени, по многу години, на сликите на Де Кирико, тие предмети што беа дел од секојдневното опкружување на моето детство направија за мене од надреализмот нешто препознатливо, веќе насетувано, блиско.“
Следниот чекор кон надреализмот, Влада Урошевиќ го прави во периодот кога започнува да ја исцртува својата уметничка (поетска) траекторија, некаде во почетокот на педесеттите години на минатиот век. Во тоа време надреализмот како движење сѐ уште официјално постои, но податоците за него се оскудни и не ретко подбивно-критички настроени. Токму со негативна конотација се и некои од првичните определби на македонската критика за книжевните почетоци на Урошевиќ: Димитар Митрев, врвниот арбитер во тоа време, во серија текстови објавени во списанието Современост (1954-55) го „обвинува“ Урошевиќ дека е „дадаист“, а за Георги Старделов – Урошевиќ е „надреалист“, што, според него, било крајно „опасно“ за младата македонска поезија („Едно предупредување на естетиката ad hoc“, Млада литература, 1955).
„Не се малкумина критичари кои, со леснотија, го определуваат Влада Урошевиќ како надреалист“ – пишува од денешна перспектива современиот бугарски поет, сликар и критичар Роман Кисјов и со право констатира дека „и покрај тоа што надреализмот имал силно влијание врз неговата поезија, тоа определување всушност ја ограничува оваа поезија, ја упростува и, во крајна линија, ја клишетира, зашто таа е многу побогата, покомплексна и помногуслојна, и на неа ѝ е туѓо и неприродно секое клише. Поезијата на Влада Урошевиќ ѝ се измолкнува на секоја дефиниција, како што сонот ѝ се измолкнува на фатката на логиката“ – заклучува Кисјов во предговорот кон бугарскиот избор од поезијата на Урошевиќ насловен Митологија на сонот (2013). Се разбира, Урошевиќ, како и секој друг автентичен и оригинален автор, во своето дело води еден креативен дијалог, меѓу другото, и со надреалистичката поетика.
Може да се рече дека на творечки план, афинитетите на Урошевиќ кон поетиката на надреализмот, „таа најголема уметничка авантура на XX-от век“, најнапред се интуитивни, не секогаш свесни, а поттикнувани од некои одвај насетливи траги и речиси случајно најдени патокази. Според авторовите сведоштва, првите прочитани вистински надреалистички текстови се примероците од некои надреалистички белградски изданија пронајдени во Народната и во факултетската библиотека, вон од официјалната академска лектира: „И покрај моите симпатии спрема белградската надреалистичка група, морам да признам дека могу повеќе афинитети чувствував спрема парискиот надреализам (…) и неговата свртеност кон сонот, кон загатката на потсвеста, кон тајните на случајот“ – читаме во „Сентиментална панорама на надреализмот“.
И навистина: Влада Урошевиќ е еден љубопитен и пасиониран поклоник на сонот како „единствен живот во нас“ (според верувањето на Андре Бретон) или еден непоправлив сонувач. Во веќе споменатите разговори со Јанковски, по повод сонот како суштинска одредница на неговиот творечки ерос, тој ќе истакне: „Мене сонот ме фасцинира како еден од начините на кои нашето психичко битие се обидува од стварноста да создаде една друга стварност. И таа фасцинација, секако е поттикната од една страна од фантастиката, од друга страна од надреализмот.“ Можностите на сонот за „проширување на границите на реалноста“ и за „освојување на слободата на духот“, сфаќањето на сонот како „крај” на познатата реалност и „почеток” на некоја друга, фантастична или надреална реалност, потчинета на поинакви закони и логика, но подеднакво вистинита и клучна за нашето суштествување, неслучајно, авторот ги доведува во корелација со сопствените афинитети кон фантастичното и надреалното како парадигми на имагинарното и ониричко искуство кои му се иманентни на целокупното негово творештво.
Уште од збирката првенец со парадигматичен наслов – Еден друг град – објавена во далечната 1959 година, Урошевиќ хронотопски ги вкрстува во едно хармонично созвучје: реалното и имагинарното, јавето и сонот, блиското и далечното, искуството и сеќавањето, Редот и Авантурата, животот и креацијата… Спонтано препуштајќи ѝ се „уметноста на прошетките“ (според синтагмата на Гијом Аполинер), Урошевиќ мошне луцидно и од позиција на необичност, ја гради сопствената очудувачка визура на градот-лавиринт. Реалниот топос – градот Скопје – со извесни отстапки се разбира, е дизајниран според надреалистичката перцепција на градот: во добро познатиот град, авторот открива „еден друг град“, град „за кој не сум сосема сигурен / дека е означен на географските карти“ – како што вели лирскиот субјект во истоимената песна.
Ново поглавје во личната историја на Урошевиќ за врските со надреализмот се отвора по неговиот прв престој во Париз (октомври 1967 – јуни 1968): „И бев присутен кога на ѕидовите на Сорбона осамнаа, во мај 1968 година, пароли небаре излезени од под перото на надреалистите: ’Да ја донесеме имагинацијата на власт!’“ Веќе од следната, 1969 година, Урошевиќ објавува низа преводи на надреалистите во Разгледи. Од неговата преведувачка лабораторија ќе произлезат бројни антологии на француската поезија во кои надреалистите заземаат клучно место1F , а оваа благородна мисија кулминира со, сега веќе култната книга во Македонија, Големата авантура: францускиот надреализам (1993).
„Влада Урошевиќ, токму тој“2F , не го крие своето духовно општење ни со надреалистичкото сликарство, неретко и како извор на неговата поетска инспирација: „Надреалистичкото сликарство несомнено влијаело во значителна мера врз мојата поезија (во некои случаи и повеќе од самата надреалистичка поезија, можеби)“ – изјавува тој. „Таинствените плоштади на Де Кирико, сомнамбулните перспективи на Дали, загадочните ситуации од колажите на Макс Ернст, ведрите соништа на Ѓуан Миро, заканувачките светови на Ив Танги и херметичните настани од платната на Рене Магрит и на Пол Делво (…), ја потхрануваа мошне често мојата имагинација со нови односи и нови замисли.“ Споменатиот „избор по сродност“ ќе резултира со прекрасната интермедијална студија Измислени светови: за надреализмот во сликарството (2003).
Влада Урошевиќ е одличен познавач на надреалистичкиот дух, тој „врвен чин на уметничка слобода“, и негов најголем и најмоќен афирматор и толкувач во нашата средина. Неговиот восхит од и сенс за надреализмот не само како уметничко движење, туку, многу повеќе, како филозофија на животот и поглед на свет, континуирано трае од првичното споменување на поимот надреализам во предговорот на Француската поезија – XX век (1972), до научната елаборација во Поимникот на книжевната теорија (Скопје, 2007); од поставените „прецизни сонди во длабочината на несвесното“ како заеднички именител со фантастиката во Демони и галаксии (1988), до фасцинацијата од „сомнението во сетилната реалност“ како творечка постапка во истоимениот есеј во книгата Астролаб (2000). Овој „чудотворец од скопско Козле“3F ги знае сите возбудливи анегдоти врзани за надреалистите и истите ги раскажува со многу шарм и мистичност, за тоа „како да се пресече зрното грав а да се сочува тајната“ (Подземна палата, 1987), или за изненадувањето што ќе го дочека „едно попладне во кабинетот на Бретон“ (Алдебаран, 1991), или за ликовите од надреалистичката „митологија на секојдневието“, или за „преобразбите на надреализмот“ низ таинствениот Париз кој ги открива знаците на „еден итинерер што надреалистите го предлагаат како своја Аријаднина нишка – но не кон излезот туку кон средиштето на лавиринтот“ (Париски приказни, 1997), итн…
Таа перманентна фасцинација на Влада Урошевиќ од поетиката на надреализмот, многу често, се манифестира и во неговите автопоетички ставови, без оглед дали се експлицитно нагласени или имплицитно присутни. Така, во една од неговите најнови книги со мошне инвентивен наслов – Седмата страна на коцката: 121 кратка проза (2010), во автореференцијалниот текст “Ars poetica” напишан во куса форма – по углед и во хармонија со кратките прози, читаме: „Премногу рационалност ѝ штети на поезијата. За песната да стане и да остане поезија потребна е извесна доза на непромисленост – постигната низ игра, низ препуштање на случајноста, низ скоковитата асоцијативност, низ некаков вид зборовен транс, низ хумор – за да се стигне во пределите во кои низ рационален пристап не би можело да се навлезе.“ Созвучјето со некои од врвните начела на некогашните надреалисти, особено со оние на Андре Бретон, се повеќе од очигледни во овие ставови!
Врз мапата на сродности со надреализмот се надоврзува и раскошната сценографија на дигиталните колажи на Влада Урошевиќ (претставени на самостојна изложба во Македонската академија на науките и уметностите во ноември 2013 година), како вистински „празник на слободата на имагинацијата“. Навистина, би можеле да кажеме дека „надреализмот не е мртов“ сѐ уште, исто како што и секоја средба со Влада Урошевиќ е – надреалистичка!
#b
1. Француска поезија – XX век (1972), Модерна француска поезија (1981), Андре Бретон: Рајот не е наполно загубен (1989), Шуми под море: антологија на кратката прозна форма во француската литература (1994), Седум француски поети (2001).
2. Алузија на поглавјето „Надреализмот, токму тој“ во книгата на Влада Урошевиќ: Пловноста на светот (Избрани дела, книга 9, Скопје, Магор, 2005).
3. По аналогија на предговорот на В. Урошевиќ „Чудотворец од Болвјо пазариште“ во македонското книжевно списание СУМ, број посветен на Андре Бретон (2006). Козле е населба во Скопје каде што живее Урошевиќ.

2018-08-21T17:20:35+00:00 август 10th, 2017|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 114-115|