Вистински вљубеник во книжевноста

/, Критика, Блесок бр. 46/Вистински вљубеник во книжевноста

Вистински вљубеник во книжевноста

(On Literature, Vintage, превод на англиски: Мартин Меклафлин)

Умберто Еко покажува жестока љубов кон пишаниот збор во својата збирка есеи „За книжевноста“

#1 Книгава ќе ве окупира. За почеток, насловот е мала замка. Се работи за ншто повеќе од книжевноста – иако и неа ја има многу, на што подоцна ќе се навратам. Пред нас се 18 есеи, чии теми се движат од влијанието на Аристотеловата „Поетика“, преку „Рајот“ на Данте, преку историјата на италијанскиот анти-американизам, до „Како да се пишува“. Дури и ако вашето познавање на делото на Еко сопрело (и започнало) со „Името на розата“, последното поглавје сигурно ќе ви биде интересно. Но во што, можеби се прашувате, е предизвикот на есејот за „Рајот“, кој, длабоко се сомневам, сте го дочитале. (Ни јас не сум го дочитал.) „За да се поттикне мечтата кај младите читатели“, го заклучува Еко своето „Читање на Рајот“, „или на оние кои не се особено заинтересирани за Бога или за интелигенцијата,“ (ова е добар удар) „’Рајот’ на Данте е апотеоза на виртуелниот свет, на нематеријалните нешта, на чистиот софтвер … [тој] е повеќе од модерен; може да стане, за читателот кој ја заборавил историјата, неверојатно реален елемент на иднината. Тој го претставува триумфот на чистата енергија, која лавиринтот на вебот ни го ветува но која никогаш нема да може да ни ја даде…“, и така натаму, во интерес на просторот цитатот завршува овде, но ова е возбудливо критичко дело кое можеби ќе ве натера (или мене) да го прочитаме.
Доколку го немав прочитано Нервал, не ќе можев да кажам колку е добар есејот на Еко за него (самиот Еко ни советува да се запознаеме со делото на Нервал), но Еко, кој е секако образован, на други места пишува за нешта кои не би требало да му се познати на просечно образован Британец. Има многу за Борхес, како што верувам очекувавте, и за Џојс, кому Еко му е потполно посветен; има и едно поглавје за Вајлд, за кого се сомнева дека е преценет – „за да биде доследен на своите принципи, требало да го пратат в затвор не за тоа што го љубел лордот Алфред Даглас, туку затоа што му праќал писма со зборови какви што се овие: ’Чудо е што твоите розово-црвени лиснати усни требало да бидат создадени не само за музиката на песната туку и за лудилото на бакнежите [sic]’.“ Мора да признаете дека има право.
„Моќта на измамата“ е екстра-книжевно дело. Во него, Еко го испитува влијанието кое лагите и измамите го имаат врз историјата, било измамите да се Дарувањето на Константин, Протоколите на Старите од Цион, Крстоносците, Презвитер Јован, или лудачките научни теории кои ги обожувал Хитлер – како на пример теоријата за Шуплива Земја, сè уште прифатена од многу лудаци (ве молам, не допишувајте имиња): „дури се вели и дека некои истрели со ракетите V1 ги промашиле своите цели токму поради тоа што нивната траекторија била пресметана врз основа на хипотезата за конкавноста, а не за конвексноста на површината на Земјата“. Не ми се верува, но сепак, како што Еко итро прашува, „зошто сторијата за Дарувањето на Константин треба да се разоткрие? … Сите овие [лажни стории] нешто создале“.
Но, неговата најголема љубов е книжевноста. „За книжевноста“ можеби не е најпривлечен наслов, но во вториот збор е содржан универзумот на Еко, и штета за оние кои од него се исклучени. „Клетниците кои бесцелно скитаат наоколу собрани во банди и убиваат луѓе фрлајќи камења од мостови на автопат или палат деца – кои и да се овие луѓе – такви се не затоа што ги расипал компјутерскиот ново-говор … туку бидејќи биле исклучени од светот на книжевноста и од оние места каде, преку образование и дискусија, до нив можел да допре сјајот од светот на вредностите кои потекнуваат од и нè враќаат назад кон книгите“. Ова плаче за ужасно голем број прашања – но тие се веројатно, во суштина, нападни. Конечно, за секоја звучна изјава како цитираната пред малку, постојат десетина детално прочитани и образложени примери кои изјавата би ја поддржале.
Единстветната моја забелешка се однесува на недостатокот на индекс на зборови. Во збирка есеи која се осврнува на времињата како на единство, или барем како на мрежа од меѓусебни поврзувања, каде една мисла или референца од некој од есеите се сретнува во друг, понекогаш и изменета, ова е рамно на скандал. Издавачите веројатно би рекле дека тоа би ги зголемило трошоците за издавање, но, навистина, некој денар повеќе не би имал многу значење. Книгава содржи толку многу мисли што никој нема да се пожали дека таа има лоша вредност.

Објавено во The Guardian, 24 декември 2005.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторНиколас Лезард
2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 46|