Блесокот и падот на другарот Зило

/, Проза, Блесок бр. 125/Блесокот и падот на другарот Зило

Блесокот и падот на другарот Зило

Превод од албански: Јетмире Малиќи

II

Го завршив извештајот и го предадов во Бирото за култура и наука во нашето Министерство, за што бев задолжен. Ова биро се занимаваше и со книжевност и со уметност. Во канцеларијата покрај другарот Шемседин, кој управуваше со овој сектор, беше и другарот Зило, кој го раководеше музејскиот сектор. Другарот Шемседин го зеде извештајот и му го предаде на другарот Ч., кој беше надвор од Бирото за култура и наука и надвор од Министерството, на едно друго, поважно ниво. Кај другарот Ч. заминаа двајца директори и јас заедно со нив. Седев во канцеларијата и слушав како се коментираше извештајот. Тој ќе се презентира на еден голем настан, настан на кој ќе учествуваат доста истакнати личности.

Другарот Ч. наеднаш излезе од канцеларијата и нѐ остави, земајќи го со себе извештајот.

– Извештајот ќе го презентирам јас – рече другарот Шемседин.

Другиот со тенки усни го слушаше, но го гледаше иронично.

– Може и јас да го презентирам, рече вториот, другарот Зило.

„И двајцата веруваат дека извештајот е добро напишан“, си помислив јас. Ако не веруваа дека е така, немаше да сака да го презентира ниту едниот ниту другиот.

– Зошто да го презентираш ти? – се приклучи Шемседин. На Демка јас му ги дадов тезите. За тие тези работев десет дена непрекинато. Ова го знае и другарот Ч.

Јас се намуртив. Другарот Шемседин ми немаше дадено ниту една теза. Тој разговараше со мене само за содржината на извештајот. Но, и овој разговор беше општ и за тоа време не разговаравме за никаква теза.

– Извештајот ќе го презентирам јас. За ова разговарав со другарот Ч. Другарот Ч. се согласи со ова – рече другарот Зило кратко и категорично. Другарот Шемседин стана од масата.

– Се чудам со тебе Зило, да го подготвам јас извештајот и да го презентираш ти! Сакаш да блескаш на настанот. Не одговара – рече другарот Шемседин.

– Извештајот не го подготви само ти, помогнавме сите. Јас помогнав, тој помогна… – другарот Зило покажа со рака накај мене.

Чудно! Јас сум помогнал? Не го напишав јас извештајот од почеток до крај со овие мои раце?… си помислив.

– Извештајот е мој – викна другарот Шемседин со висок тон. Што бараш ти? Ти раководиш друг сектор, без разлика што сме во истото Министерство, во иста област на општествена дејност! – реагираше другарот Шемседин.

АвторДритреро Аголи
2019-06-14T20:21:43+00:00 мај 30th, 2019|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 125|Tags: |