Блаже Конески како текстовен преведувач и заведувач

/, Критика, Блесок бр. 31/Блаже Конески како текстовен преведувач и заведувач

Блаже Конески како текстовен преведувач и заведувач

Група теоретичари, филозофи и лингвисти, базирајќи се врз учењето на Вилхелм Хуболт дека јазикот е израз на народниот дух и дека, воздејствувајќи и самиот врз процесот на мислење ги објективизира оние длабоки и суштествени разлики што се присутни во духовниот свет на одделните народи, застапуваат теорија дека преводот во принцип е невозможна работа. Навистина, ако се инсистира едно книжевно дело наполно адекватно, „невино“, да влезе во друго јазично руво, очевидно е дека станува збор за неостварливо барање. Преводот не е механички чин, преводот не подразбира само збир правила, туку тој во себе крие една моќна творечка проникнатост и само како креативност, со-творештво ќе го разгледуваме натаму. Сепак, ние не ја поддржуваме крајната теза за „подобрувачките“ преводи пласирана од, на пример, чешкиот теоретичар на преведувањето, Јиржи Леви.
Валтер Бенјамин во текстот од 1923 год., „Задачата на преведувачот“ ќе каже: „Преводот, наместо да биде сличен на смислата на оригиналот, напротив, мора во сопствениот јазик, со љубов и до детаљ, да го вгради начинот на мислење на оригиналот, на тој начин правејќи ги обата, и оригиналот и преводот, препознатливи“.
Не треба да го изгубиме од вид и она што го вели Жорж Мунен, францускиот теоретичар на преводот и лингвист од светско реноме: „Ниедна теорија на преведувањето не може да му даде талент на преведувачот. Таа може само да го научи да ја анализира егзактната лингвистичка природа на тешкотиите што ги среќава во лексиката, синтаксата, стилот“ („Теоријата на преводот овозможува појасно согледување на проблемите“ ин: „Огледало“, број 74-75, стр.4).
Името на Блаже Конески е на различни начини поврзано со преведувањето. Тој не само што работи врз конкретни текстови, што е и главен интерес на овој текст, туку во неколку наврати се јавува и како теоретски промислувач на таа дејност1F. Покрај тоа, значаен дел од неговата поетска оставнина е препеан на голем број светски јазици, што претставува еден од начините на меѓукултурна средба. „Преводот е една од инстанците преку која се остварува интерлитерарниот комуникациски чин на македонската со другите литератури и прв знак на излегување од полуанонимноста и од тесните национални рамки“ (Лидија Капушевска-Дракулевска, Поетика на несознајното, стр. 114).
Некаде во 1948 год., Блаже Конески ќе констатира дека „нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“. Оттука, јасно произлегува дека преведувањето не може да го разгледуваме самостојно, туку дека тоа е во тесна врска со прашањето за јазикот.
Веднаш по Втората светска војна и по кодификацијата на македонскиот јазик и азбуката, нашиот литературен јазик преку одредени функционални стилови (публицистички) се развива токму преку преведувањето. Со тоа само по себе се поставило и прашањето за усогласување на македонската терминологија во некои области. Преку тогашната преводна литература се постигнува голем напредок во примената на македонскиот литературен јазик во различните области на животот. Она што во нашиот контекст претставувало напор за создавање македонска проза и поезија, наоѓало аналогна поткрепа и во она што се присвојувало со преведувањето на другите народи. Главната тешкотија при тој процес било тоа што требало да се моделира лексиката на нашиот литературен јазик. Било потребно да се активира еден голем, богат, нов, лексички материјал, требало да се оди кон нови стилски синтези и во краток рок да се развие јазикот.
Блаже Конески се користи и владее со материјал од голем број јазици и во текот на својот живот преведува од различни јазици. Поради економичност на просторот/времето ние овде нема да се задржиме на сите негови преводи, зашто се во голем број, туку главно ќе ја разглобиме техниката и философската семема на неговата преведувачка активност, служејќи се со некои најиндикативни примери.
Извршувајќи ја функцијата на лектор во Македонскиот народен театар, веднаш по завршувањето на Втората светска војна, Конески добива задача да ја преведе од руски јазик драмата Платон Кречет, со која на трети април 1945 год. е отворен Македонскиот народен театар. Бидејќи во тоа време „на мода“ биле некои руски пиеси, Блаже Конески работи уште на некоку текстови како што е и Зоја Космодемјанскаја од Маргарита Алигер (Конески ги преведува стиховите, а Киро Хаџивасилев останатиот дел). Подоцна, за потребите на МНТ (во 1951, односно 1954 год.) Блаже Конески се зафаќа со превод на Ноќ спроти Водици и Отело од Вилијам Шекспир (користејќи руски превод, но истовремено и бугарски, хрватски, германски, а во наредните печатени изданија ги консултира и оригиналите од англиски јазик).
Во преведувачкото „досие“ на Блаже Конески, покрај преводите од црковнословенски јазик (Тиквешкиот зборник), се запишани и други преводи на пократки драмски четива, прозни дела (Иво Андриќ – Нови раскази, Вјекослав Калеб – Бригадата) и публицистика, но сепак основната негова преведувачка окупација е поезијата.
Тој преведува поезија од германски јазик (песни од Фридрих Готлиб Клопшток, Јохан Волфганг Гете, Фридрих Шилер, Фридрих Хелдерлин, Хајнрих Хајне), од руски јазик (песни од Александар Блок, Владимир Брјусов, Владимир Мајаковски, Едуард Багрицки, Леонид Мартинов, Сурков), од српско-хрватски јазик (Горски венец и други текстови од Петар Петровиќ-Његош, потоа песни од Десанка Максимовиќ), од чешки (Карел Јаромир Ербен, Карел Хинек Маха, Јан Неруда, Петар Безруч, Јиржи Волкер, Витеслав Незвал), од полски (Адам Мицкијевич, Јулиуш Словацки, Зигмунт Крашињски, Казимјеж Пшерва-Тетмаер, Леополд Стаф, Јулијан Тувим, Тадеуш Ружевич), словенечки (Франце Прешерн) и бугарски јазик (Лазар Поп Трајков, Н.Ј. Вапцаров).
Некои од овие преводи претставуваат ремек-дела и трајни урнеци за преведувачите на македонски јазик. Тука посебно место зазема „Лирското интермецо“ на Хајне, Горскиот венец на Његош, потоа делата на Шекспир, Блок, Прешерн…
Интересно е што во неколку збирки поезија на Блаже Конески, покрај авторските стихови, рамноправно се подредени и неговите препеви. Во Небесна река во циклусот „Тажачка“ се поместени пет песни од петмина германски класици. Во неговата последна стихозбирка Црн овен, под името „Пораки од исток“ може да прочитаме наслови на четири песни кои потекнуваат од просторите на Далечниот Исток. Во Собраните дела песните и препевите на Конески имаат ист третман со другите негови стихови.
Одговорот на прашањето зошто е тоа така, ќе разлачи многу недоразбирања што настануваат во врска не само со темата на овој есеј, ами и со феноменот на препевот, воопшто.
Поради прозодиските ограничувања што му се поставуваат на поетскиот говор, препевот се чини невозможен. Во почетокот веќе ја истакнавме тезата која вели дека преводот е речиси невозможна работа. Меѓутоа, има уште една работа што не смееме да ја заобиколиме а тоа е што при целокупниот човечки опит секогаш била присутна потребата и желбата да се искаже со свои зборови (читај: на свој јазик) некоја важна уметничка порака, примарно изнесена на туѓ јазик.
При тоа, освен трансмисијата на содржините од јазик во јазик, преводот влече и една толкувачка, херменевтичка нота. И Ролан Барт ќе каже дека преводот е креација на нов текст и со самото тоа подразбира чин на толкување. Оттаму, идејата за „чист“ превод одамна е испратена на буниште.
Блаже Конески е заговорник на еден послободен пристап кон преводната активност. Очигледно е дека при секој негов превод тој се трудел да создаде текст што во нашиот јазик ќе зазвучи валидно. Затоа препејувачкото гесло на „генијот од Небрегово“ е следниов: еквивалент на поезијата може да биде само поезијата!

#b
1. „За поетскиот превод“, „Коментар кон преводот на поемата на Лазар Поп Трајков“, поранешни непрепечатувани статии, осврти на некои од првите преводи на литературни текстови на македонски, објавувани во „Нов ден“…

2018-08-21T17:21:43+00:00 март 1st, 2003|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 31|