Балкан за деца

Балкан за деца

Доаѓањето на кино „Балкан“ во Бобово сите го доживуваа како голема свеченост. Уште во мугрите се капеа децата, се затвораа магарињата за да не рикаат за време на расплетот а со изворска вода се освежуваа дворот и улиците околу културниот дом „Ано Балабанов“. Речиси цел час пред почетокот на проекцијата народот тивко се собираше во дворот пред зградата, носејќи со себе најразлични столчиња, клупи и перници. Салат каде што се прикажуваа филмовите, беше празна па затоа секој сам мораше да си донесе нешто на што ќе седи за време на проекцијата. Штом ќе влезеа, оние што имаа пониски столови седнуваа напред а другите, според висината, се редеа од бината до вратата, па често дури и зад вратата, во тремот. Оттаму гледаа само парче од платното, но и тоа беше доволно за да се сфати пораката.
Филмовите што доаѓаа во Бобово најчесто беа многу стари, исечени, издупчени и нагорени а текстот речиси за цело време на проекцијата шеташе по платното и ѕидот, па гледачите мораа постојано да ги бараат зборовите дури и на таванот. Пред полноќ молчејќи сите се враќаа дома а столовите уште долго во ноќта удираа во оградите, темните порти и сокаците. Народот се враќаше во реалноста, иако, и во мракот, многумина, легнати на грб, ги вртеа главите барајќи го текстот што бегаше по ѕидиштата.
Тоа беа таканаречените обични проекции. Меѓутоа, имаше и специјални проекции. Кино „Балкан“, еднаш месечно, доѓаше ненајавено – исклучиво по заслуга и желба на Ноно Бесонов, стариот кино-оператор и пијаница. Доаѓаше уште в зори и штом ќе дојдеше Ноно веднаш ќе го потпреше со камења службениот џип и веднаш на него ќе закачеше картон на кој пишуваше: „Балкан – за деца“. Тоа, со други зборови кажано значеше дека филмот можат да го гледаат деца и само деца. Подоцна дознав дека тој тоа го правеше само за да може слободно да пие и да ги фрла шишињата по салата. Можеше и да спие, ако сака. Можеше да ги измеша лентите, ако сака. Децата се забавуваа дури и тогаш кога наместо филм на платното ги гледаа само своите рачиња и ушите.
Специјалните проекции почнуваа попладне и завршуваа негде пред мракот. Имаше филмови што ни ги прикажуваше по неколкупати, но имаше и филмови кои ни изгледаа како нови само затоа што Ноно Бесонов ги пушташе од крајот кон почетокот, или свртени наопаку. Впрочем тој никогаш не гледаше што се врти во машината. Два часа, со искривени шии гледавме како луѓето одат по таванот и слушавме како Ноно крека распласнат врз празните шишиња од ракија. Тој најчесто беше толку пијан што не знаеше дури ниту на кој ѕид е платното! Тие проекции мене ми беа најинтересни. Во нив силните се враќаа назад, слабите со грч на лицето доаѓаа напред а стравот исчезнуваше. Дури кога силниот ќе седнеше а слабиот ќе влезеше во некоја дупка, Ноно набрзина ја свртуваше приказната и пак сè беше како во сите обични филмови. Притоа во темнината ќе плуснеше со рацете и силно ќе викнеше да не се плашиме од пукањето. „Сите филмови со пукање ги прават победници! Си ќе заврши добро! – велеше држејќи мало шишенце како луле во устата.
Филмовите во кои сè беше измешано, превртено наопаку и ништо не личеше на вистина, секогаш му ги раскажував на дедо а тој веднаш по нив измислуваше приказни за Бобово и пукаше од смеење. Вадејќи ја својата вештачка вилица велеше дека животот е многу поубав ако помине низ машината на Ноно Бесонов! Ништо не мора да се сфати како вистина а пак е живот. „Замисли – велеше дедо, нашата историја да му дојде в раце на Ноно Бесонов! Уф, колку тоа би било убаво и смешно!“ – велеше качен на смоквата која еднаш годишно ја береше за да свари црно слатко за нас и за гостите. Копнееше да може да измисли таква машина во која ќе го стави целиот Балкан и потем седнат во темница да ужива гледајќи збунети војски и заталкани зборови по ридиштата. Сите војни за дедо беа смешни.

Во филмовите на Ноно Бесонов понекогаш влегуваа и децата – некои од едната а некои од другата страна на платното. Дури тој спиеше тие трчаа по темнината, ја голтаа прашината што трепкаше раширена како инка од платното на ѕидот до дупката во црната машина од каде што извираше. Низ таа инка од шарена светлина се преточуваа многу рачиња кои се обидуваа да ги дофатат зајаците, мачките, борците, мајмуните и коњите што трчаа по ѕидиштата. Притоа дечињата гласно врискаа а сликите зборуваа како да се живи.
Најмалите ги кривеа и ги истегнуваа вратчињата за да го следат филмот што шеташе по сите ѕидишта и по таванот дури Ноно Бесонов спиеше навален на машината што шуштејќи ја буричкаше сета прашина во салата. Но ништо не пречеше. Децата уживаа во тоа што во филмовите, кои Ноно ги носеше во Бобово само за нив, мртвите веднаш оживуваа! Имаше убиства колку што сакаш, но ниедно убиство не беше конечно. Затоа смртта беше смешна и постојано се повторуваше. Веројатно за да го направи животот поинтересен.
Иако Ноно Бесонов, држејќи го шишето како луле во устата, велеше дека сè што гледаме е нацртано, ние, се разбира, не му верувавме. „Кој може да нацрта нешто што не е живо?!“ – му велевме и се смеевме. Тој, исто така, се смееше, тропајќи со забите по шишето.
Во темницата, дури на ѕидот сите умираа од забава, на клупа што дедо ја наследил од својот дедо за време на младотурската револуција, седевме јас и Елена. На десната страна од штицата имаше лажна мапа за некое закопано богатство. Токму на таа мапа седеше таа и, гледајќи во филмот, ги боледуваше своите први женски болести. Веројатно мислеше на Борис, кој, веќе цела година, не доаѓаше во Бобово ниту за викендите. Толку многу го сакаше што многупати најискрено се колнеше дека ќе се убие ако Борис престане престане да ја сака. Во темнината, божем случајно, ја допрев нејзината рака и таа се стресе, затрепери како да ја допрел некој непознат човек од филмот. Сакав да ја гушнам за да не се плаши, но веќе беше преголема за мене. Раката не ми стигна ниту до нејзиниот врат. Таа се потргна и продолжи да трепери загледана во филмот. Знаеше дека во овие филмови на Ноно Бесонов никогаш не се умира конечно а сепак се плашеше за сите што ги дебнеше смртта.
– Кога би можела да ги вратам сите мртви што ги сакав… – шепоти таа.
– Може! – велам јас.
– Кога би можело си да се врати назад! Сè да почне од почеток! – вели таа.
– Може! Но дали тогаш јас би бил овде? – велам.
– Гледај! Казната никогаш не ја спречува трагедијата! Казната секогаш доаѓа отпосле! – шепоти таа.
– Утре ќе го оживеам дедо! – реков јас.
– Како? Ќе нацрташ дека смртта не важи? – праша таа.
– Ќе видиш! Смртта може да се обнови, исто како што се обновува животот! – завршив а заврши и филмот, иако Ноно Бесонов сè уште се мачеше да го исправи квадратот што трепкаше залепен на таванот. Којзнае како го собра филмот во машината кога си заминавме! На сокакот, меѓу улицата на липите и улицата на дивите костени, од темнината на столетните дрвја како сениште пред нас падна долга женска коса. Косата падна веднаш пред Елена и таа писна туткајќи се во мене. Ја пуштив клупата со мапа. Таа тресна на калдрмата, потскокнувајќи неколкупати како жаба.
– Не плашете се, пилци! Јас сум – тета Есена Варварска! Зар не ме познавате по мирисот?! Ја миев со сок од лимон и темјанушки! Мириса? – рече собирајќи ја својата коса од калдрмата. – Морав да ве најдам! Мајка ти умре! – рече, фаќајќи ја Елена за раката. Елена писна и се спружи на калдрмата. Врз нас паднаа десетина диви костени.
– Чекај! – викна Есена Варварска.
– Вештерко! – пискаше Елена влечејќи се по калдрмата.
– Зошто не ти кажа? Рече Есена збивтајќи зад нас како кучка. – Требаше да ти каже!
– Што да ѝ каже? – реков јас и уште еднаш ја треснав клупата на камењата.
– Да ѝ каже дека Александар Белибиков ѝ е татко! – рече Есена. – Дека Борис ѝ е брат! – рече. – И Борис ќе дознае! Еден ден мора да го добие моето писмо со црвен печат! – рече Есена и се изгуби во сенката на црквата.
Таа ноќ безуспешно се обидувавме да ја извадиме мајка ѝ на Елена од дупката во костенот. Изутрината се лизна сама. Ние само ја качивме на масата и ја облековме во најубавиот фустан што сè уште не беше подјаден од глувците. Кога отидов да го викнам попчето, Елена го искинала фустанот. Попладнето мајка ѝ Марија ја закопаа во сивиот мантил на нејзиниот покоен сопруг. Само неколку дена подоцна на багремот во дворот на Белибикови се обеси Елена. Во устата го стискаше писмото со црвен печат. Не почека да ѝ кажам дека смртта се обновува, исто како што се обновува животот. Одлучи да ме остави сам да го оживеам дедо и сам да ја препливам темната река.

АвторБлаже Миневски
2018-08-21T17:22:10+00:00 април 1st, 1999|Categories: Литература, Проза, Блесок бр. 08|