ИНТЕРВЈУ: ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ

/, Звук, Блесок бр. 118/ИНТЕРВЈУ: ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ

ИНТЕРВЈУ: ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ

Сакам да напишам уште некоја добра песна во животот!


(фотографии во галерија: Татјана Ранташа)

Сум имал искушенија во животот да одам во некакви екстреми, ама тоа не е мојот стил. Преголемо задоволство сум нашол во музиката. Голема сатисфакција … и лек… и спас од разни ситуации сум наоѓал во музиката за сега да ја напуштам. Нема потреба. Јас сè уште барам нешто во неа. Сè уште трагам по некакви решенија. Музички. Емоционални. Барам одговори на моите прашања. На дел од нив одговарам преку музика. А на дел од нив нема никогаш да најдам одговор – вели во интервјуто за БЛЕСОК Влатко Стефановски.

Влатко Стефановски поодамна не е само регионален гитарски херој. Тој дефинитивно е најангажираниот македонски музичар со интернационална кариера. Еден од ретките кои уште од адолесцентниот БРЕГ, преку мисионерите ЛЕБ И СОЛ, неговото трио… соработките со виртуози како Мирослав Тадиќ, Теодосиј Спасов, Јан Акерман, Томи Емануел, Стокело Розенберг… се етаблира во надалеку прочуен уметник, пожелуван музички сомисленик и творец кој влегува во тесниот круг на оние кои ја чинат реалната и со ништо неограничена звучна слика за ритмички колоритниот Балкан во глобални рамки.
Токму тој Влатко Стефановски, некогашниот тинејџер од скопската улица „Мексичка“ кој своевремено фанатично се нурнал во откривање на тајните на инструментот, наедно наоѓајќи се „распнат“ помеѓу рокенролот, фузиската музика и македонскиот музички јазик и традиција, е последниот добитник на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста, и авторот што го потпиша едно од своите најзрели досегашни остварувања – албумот со симболичен наслов „Мајчин јазик“. Разговорот со Стефановски е сниман на негов терен, во неговото Тафталиџе. Во ресторанот „14“, каде што и ѕидовите ја имаат позитивната енергија на неговата музика. На нашата музика.

Те имаше во публиката на перформансот на импровизаторот Фред Фрит во камерната сала на Македонска филхармонија. Потем, и на оној на групата ТОТО, на концертот на Скот Хендерсон, СОФТ МАШИН… а сме се погодиле на уште мал милион случувања каде со внимание го следиш она што го работат твоите колеги по инструмент. Што е она кај тебе што те тера и ден денес, по толку поминати години во оваа твоја музичка приказна, да бидеш љубопитен и со толку многу посветеност да ги следиш туѓите изведби?

СТЕФАНОВСКИ: Прво, сакам да видам до кај стигнале колегите во сопствениот развој. Второ, до кај е стигнат гитарскиот тренд, и трето, од секого можеш да симнеш по некој трик, по некоја финта. Да го видиш начинот на којшто свири. Да видиш што опрема користи. Како решава одредени музички предизвици и проблеми. Секој си има свој начин. Јас не сум единствениот таков гитарски фанатик. Ако Џеф Бек може на 70 и нешто години да вежба и да се интересира за тоа како свират други гитаристи, зошто не би можел и јас. Јас воопшто не мислам дека човек може за време на еден живот да ги совлада сите тајни на занаетот. Постојано постојат нови кои ќе мораш да ги откриеш и мораш да видиш до каде си. Пред некој ден бев на ТОТО… го гледав Стив Лукатер. Гледав тој до каде е. Тука сме некаде генерациски. Ван Хејлен е роден 1955, следната 1956 Стив Лукатер, 1957 сум јас. Без разлика што јас не сум од Калифорнија, имаме заеднички нешта. Работи што на сличен начин ги третираме затоа што целата таа моја генерација на гитаристи е хранета со иста музика. Со музика од крајот на 1960-те и почетокот на 1970-те. И ако го прашаш Лукатер која му е омилена плоча ќе ти каже „Бенд оф Џипсис“ од Џими Хендрикс. Со таа плоча сум и јас растен. И не само со неа, туку и на целиот фјужн од седумдесеттите, на Џон Меклафлин, на Јан Акерман, на сета таа интересна музика што се случуваше во тој период. Токму тогаш сме биле тинејџери и сме ја упивале како сунѓери. Сме го голтале она што било актуелно.

Со оглед на моите години и со оглед на искуството што го имам и километражата што сум ја поминал, знам дека проектите се случуваат само ако сакаат да се случат. Јас не можам да силувам сега некого – те молам, ние сега мора да соработуваме. Ако соработките не настанат спонтано, тогаш немаат смисла.

ЗА ОТСОНУВАЊЕТО НА СОНИШТАТА
Во годините во кои си, во тоа некое високо средно доба, реална ли е таа потреба за преиспитување: Кој сум? Што сум? Колку направив? Можам ли уште? Се будиш ли на сабајле со таквите прашања?

СТЕФАНОВСКИ: Не. Не сум незадоволен. Не сум фрустриран од тоа што сум го работел. Мислам дека доста сум направил. Имам снимено доста плочи, отсвирено бројни концерти, остварено многу соработки… реализирано многу различни проекти со различни оркестри, разни музичари… значајни музичари, големи имиња. Како човек од Скопје, од Македонија, се чувствувам прилично задоволен со она што е зад мене. А она што е пред мене, колку Господ ќе даде сила, ентузијазам, мотивација и здравје за да ги истерам работите што евентуално треба да се истераат. Пред малку му зборував на еден мој многу добар пријател што би било добро да направам. Нешто што досега не сум направил. Албум за деца. И тоа ќе го направам во некоја блиска иднина.

Низ времето наназад секогаш наоѓаше да раскажеш различна приказна. Веројатно си и единствениот кој однапред размислуваше што е она што треба понатаму да се развива. Од соработката со Мирослав Тадиќ зачната со „Крушево“, преку средбите со Теодосиј Спасов, со Џибони, Акерман, виолинистот Стефан Миленковиќ… биг-бендови, симфониски оркестри… Во еден разговор за еден белградски магазин пред многу години, кога засилено работеше на развивање на твојата солистичка кариера, те прашав дали размислуваш да заминеш или да останеш во тогаш разединетата заедничка држава. Ми рече дека немаш намера да заминеш за некаде денски да миеш чинии, а навечер да свириш и дека ќе се обидеш да го отсонуваш сонот одовде. Од Македонија.


СТЕФАНОВСКИ:
Тоа е многу тешко и за таа кариера од тука треба многу среќа, многу упорност и доста професионализам. Треба човек да научи нормално да комуницира со остатокот од светот. Јас сабајле станувам, свирам малку гитара и потоа долго одговарам на тие пораки што ме очекуваат да бидат одговорени. Не можеш да бидеш несериозен кон луѓето што имаат очекувања кон тебе. И мораш да одговориш на датуми, на понуди, на проекти, на разни предлози… Мораш да бидеш прецизен во комуникацијата, а тоа подразбира да си професионалец. А, второ – човек има многу опции. Можеш да одиш во манастир и да се посветиш на духовен живот. Можеш да одиш во Лас Вегас и да ги потрошиш сите пари на автомати за коцкање. А можеш да бидеш и некаде тука на средина – меѓу манастир и Лас Вегас, кадешто се наоѓам јас. Човек, ако се повлече од работата, ако влезе во некоја мистична фаза, да речам, тоа значи дека пресериозно го сфатил животот. А толку сериозно сфаќање на животот и не е добро. Овде сме сите привремено, и секој со својот крст. Колку што на човека му е дадено, толку ќе тера. Колку што има сила, толку ќе тера. Сум размислувал за разни опции. И за осама, за повлекување… и за големо друштво. И осама и голема забава – тука некаде е моето место. Конзумирам и осама, а не ми е туѓо да отидам и во поголемо друштво. Во мојот случај, јас како што го разбирам светот, човек треба да живее во некаков дијалектички баланс помеѓу празнина и исполнетост. Помеѓу осама и големо друштво. Јас го барам средниот пат. Сум имал искушенија во животот да одам во некакви екстреми, ама тоа не е мојот стил. Преголемо задоволство сум нашол во музиката. Голема сатисфакција… и лек… и спас од разни ситуации сум наоѓал во музиката за сега да ја напуштам. Нема потреба. Јас сè уште барам нешто во неа. Сè уште трагам по некакви решенија. Музички. Емоционални. Барам одговори на моите прашања. Дел од нив ги одговарам преку музика. А на дел од нив нема никогаш да најдам одговор.

Целата модерна музика може да се нарече музички експеримент. Тоа и не е музика. Си земал од тука звуци, од овде семплови… си ги уфрлил, си ги склепал во кју-бејс или во про-тулс… си направил нешто, некоја мучкалица… Ете, тоа може да се нарече „музички експеримент“, ама за да стигне тоа до музика има многу работа. Денешново време се занимава со обвивката. Не со содржината.

„МАЈЧИН ЈАЗИК“ – ИСЦЕЛИТЕЛЕН АЛБУМ

Слушајќи го „Мајчин јазик“ првичното нешто што го помислив е дека тоа е еден вид „исцелителен албум“… Плоча која блика од емоции, срцевина. Виртуозност. Слегување до сржта на македонскиот музички јазик.

СТЕФАНОВСКИ: Многу ми е драго ако е така, затоа што самиот поминував низ еден многу тежок период. Низ една емоционална бура со оглед на мојата приватна ситуација… И се обидов таа бура малку да ја скротам снимајќи го албумот. Ако ми веруваш, со исклучителна возбуда го снимав албумот затоа што на приватен план бев многу растревожен. И вознемирен. Поминував низ најтешкиот период од мојот живот. Барајќи утеха и лек за мојата душа, веројатно сум снимил нешто што можеби ќе им значи на други луѓе понатаму. Веројатно… дури и сигурно… тоа го знам… чепнав парче од нешто што е многу интимно и многу свето. И го снимив. Е, сега до некои луѓе ќе стигне тоа, до други и не мора. Тоа е наменето на оние луѓе кои имаат радар за мојот сензибилитет. Многу едноставно. Значи, јас им се обраќам на оние луѓе со сличен сензибилитет. Плус, минус – на мојата генерација. Без никаква непријатност да не се замерам на современата музика и современата публика. Ова го снимив со голема самодоверба затоа што си викам – ова е тоа, ова е времето во кое живеам, тоа сум јас во овој момент и ако успее оваа моја фреквенција што ја нудам да влезе во резонанца со јавноста, работата е завршена. Мисијата комплетирана. Притоа без големи амбиции тоа да го направам: аха, сега морам да успеам. Сум имал многу успешни проекти зад мене и не горам од желба за успех по секоја цена. Сакам да ги реализирам проектите како што ми доаѓаат. Од време на време да се обраќам кон јавноста. Да снимам некој албум, да отсвирам некој концерт, притоа со идеја да биде тоа нешто интересно и возбудливо. Тоа некојпат наидува на помал, некојпат на поголем интерес, ама многу е чудна, многу инверзна таа логика. Некојпат, кога си најмалку амбициозен, се случува најголемиот успех. И обратно. Ако пукаш на сите ѕвона, ако викаш „леле, сега ќе направам албум што ќе биде комерцијален и прифатен“ можеш да потфрлиш. Да направиш утка. Доказ за тоа ми се албумите „Крушево“ и „Мајчин јазик“. „Крушево“ го снимавме во тотална осама во 1997 година. Беше јуни месец и живо пиле немаше во Крушево. Немаше туристи, ниту параглајдери… ништо. Само неколку каубојски летни денови. Беспрекорно тивки. Надвор ливче не мрдаше. И ние со Мирослав Тадиќ влеговме во тој музеј, во Македониум и само за два дена го снимивме албумот кој после стана култна плоча.
„Мајчин јазик“ е снимен за четири дена кај мене во студиото. За среќа, имам добар микрофон, добро предпојачало, добра гитара, неколку педали кои ми помагаат да го раширам звукот… и овој албум настана како многу интимно обраќање. Веројатно тоа на луѓето им значи, па многу фино реагираат сега за сега.

Оттаму убави рецензии за снимената музика, три продадени концерти во Филхармонија…

СТЕФАНОВСКИ: Мене ме радува тој интерес што јавноста го покажува во моментов. Најискрено. Веројатно ја препознаа таа искреност што јас ја споделив.

Живееме во време на искривени вредности, во време кога престанавме да комуницираме едни со други, кога човек се цени по џебот а не по духот што го носи со себе…


СТЕФАНОВСКИ:
Премногу има изместени вредности и чудни математики. За жал, младиве генерации се под една голема пресија од невкус, површност… од продукти за една употреба. Тука зборувам и за медиуми и за сè што се нуди. Малку има работи за кои можеш да се закачиш и да кажеш: а ова ќе го ставам на полица, може ќе ми се најде за во иднина. Малку. Малку работи. За жал, затоа и нашиве млади луѓе бегаат во странство. Си бараат смисла во својот живот. Си бараат потврда на својот талент, младост и убавина. Си бараат да им се врати квалитетен живот. Просто.

Ако влезам во политика, ќе ја закачам гитарата на клин и ќе се бавам само со политика. Не можам да носам две лубеници под една мишка. Не сакам да ме паметат по изјавите за политика. Сакам да ме паметат по моите песни.

ПЕСНИ КАКО ОДВОЕНИ ОД КАРПА

Ја знаеме потребата за снимање на „Мајчин јазик“, сторијата за неговата реализација… Може ли да се говори дека дури и неговиот наслов е резултат на твојата лична заложба за искреност кон себе и кон светот што те опкружува?

СТЕФАНОВСКИ: Имам силна потреба за искреност кон секој еден во публиката. Конечно си го давам тоа право. Дрско. Да бидам близок со сите. Да бидам блиску со секој оној што е во публиката. Тоа значи да му се обратам на увце на секој еден. Тоа е сепак некоја привилегија. Не можат баш сите на тој начин да се обратат. Мислам дека сум го заслужил тоа. Сум ги изработил своите дела. Сум го изодел патот за да стигнам до ова.
Веројатно на 19-20 години сум немал абер за вакво нешто. Ниту сум имал храброст, одлучност, ниту искуства за да направам вакво нешто. Многу е конфорна зоната кога си во бенд. Во група, одговорноста ја делиш најмалку на четири. Ако не свириш ти, ќе свири басистот, тапанарот… клавијатуристот ќе има соло. Ако не пееш ти, ќе те покрие некој придружен вокал. Можеш да се потпреш на некого. Кога си сам на сцена, не можеш да се потпреш на никого. Многу е лизгав теренот, а притоа секој тон е значаен. Секој тон се слуша. Не можеш да фатиш кривина. Нема кај да избегаш. Сè е јавно. Сè се слуша. Сè на кантар се става. Е токму таа одговорност те тера да влезеш во некаква подлабока концентрација и да копаш по самиот себе и по инструментот.

Ама, ако ја немаш километражата и сè она што си го сторил претходно, тоа не би можел да го направиш. Од БРЕГ, преку ЛЕБ И СОЛ… па сè до денес. Пред некој ден ја слушав снимката на која сте заедно со Мики Петковски и Лаза Ристовски, потоа се сетив и на Ајдучка чешма – на тој историски концерт… И мислите ми се префрлија на „мајчин јазик“ каде на исто рамниште ги ставаш Јонче Христовски, Есма Реџепова… со еден Горан Бреговиќ.


СТЕФАНОВСКИ:
Тие се апсолутно на исто рамниште. Јонче Христовски можеби на некои им делуваше како комичен лик со тоа мустаќите, со вртењето на палтото… со некакви естрадни финти, меѓутоа ако му ги анализираш композициите – тие се ремек дела. Од „Македонско девојче“, „Ако умрам, ил’ загинам“… па и другите патриотски песни – секому е јасно дека тие се ремек дела. Тој често доаѓаше овде во „14-ка“. Јас имав голем респект кон него. Стално го поздравував… си седеше овде секое сабајле со друштво, си потпивнуваа… Големо име. Големо име беше Јонче Христовски. Има песни што како да се одвоени од брег. Одвоени од карпа. Има песни коишто се хитови, симпатични хитови. Но, има песни кои се така заокружени… како брусен дијамант. Не можеш ништо да им додадеш, ниту да им одземеш. Ако им додадеш, ќе се срушат. Ако им одземеш, исто така ќе се срушат. Значи, совршено направени. И малку се такви композитори и луѓе кои можат такви песни да напишат. За „Македонско девојче“, надалеку позната песна, сите мислат дека е народна, а всушност е компонирана. Таа е на Јонче Христовски. Камо среќа нашиве новокомпонирани фестивали да имаат по едно пет песни како што е „Македонско девојче“.

Денес речиси и не се пишуваат песни. На компјутер се прави некоја музика која и не е музика.


СТЕФАНОВСКИ:
Целата модерна музика може да се нарече музички експеримент. Тоа и не е музика. Си земал од тука звуци, од овде семплови… си ги уфрлил, си ги склепал во кју-бејс или во про-тулс… си направил нешто, некоја мучкалица… Ете, тоа може да се нарече „музички експеримент“, ама за да стигне тоа до музика има многу работа. Денешново време се занимава со обвивката. Не со содржината. Главно шоу-бизнисот и музичкиот бизнис, музичката продукција, се бави со целофанот, со обвивката… а не со чоколадото. Колку какао ќе има внатре. Туку дај да ја врземе во ваков станиол, во таков станиол… значи, маркетингот станува поважен од самиот производ. Во такво време живееме. Имаше, се разбира, такво нешто и во времето на БИТЛСИ, ама производот беше многу позначаен отколку маркетингот за него. И пази, не е тоа сега дека јас живеам заробен во своето време. Напротив. Еве, на син ми Јан главен хит во моментов му е „Hey Jude!“ од БИТЛСИ. Не знам што му е. Опседнат е со Ленон, Макартни, Харисон, Стар… Неверојатно. ЛЕД ЦЕПЕЛИН, БИТЛСИ… тоа слуша. Му викам ова е моја музика, не е твоја… а тој вели дека нему му се допаѓа токму тоа.

Дел од твоите песни, како оние на Христовски… се свират и пеат во кафеани. Се обнародуваат. Како се чувствуваш поради тоа?


СТЕФАНОСКИ:
Тоа ми причинува големо задоволство. Како ќе влезам во Белград во некоја кафеана веднаш ја свират „Gipsy Song“… верувај ми… и тоа е голем комплимент за мене. „Џипси сонг“ е свирена по сите балкански кафеани. Ете, тоа е најголем комплимент за мене како автор. Тоа е една од тие песни за кои ти зборам дека се како одвоени од карпа. Ниту можеш нешто да ѝ додадеш, ниту да ѝ одземеш… вклучувајќи го и текстот. Така се случи.


Не сум фрустриран од тоа што сум го работел. Мислам дека доста сум направил. Имам снимено доста плочи, отсвирено бројни концерти, остварено многу соработки… реализирано многу различни проекти со различни оркестри, разни музичари… значајни музичари, големи имиња. Како човек од Скопје, од Македонија, се чувствувам прилично задоволен со она што е зад мене. А она што е пред мене колку Господ ќе даде сила, ентузијазам, мотивација и здравје за да ги истерам работите што евентуално треба да се истераат.

ЗА ДИСЦИПЛИНАТА НА СЛОЖУВАЊЕ МИСЛИ

Те знаеме како вонсериски гитарист, како ненадминат свирач, како композитор… ама од себе извади и еден куп одлични текстови. Се гледаше ли себе како текстописец? Ја имаше и ја имаш ли сè уште таа потреба да пишуваш стихови?


СТЕФАНОВСКИ:
Ја имав и сè уште ја имам. Во телефонот имам еден куп фрази кои ми доаѓаат и кои се како иницијација за некакви песни што ќе настанат во иднина… да сме здрави и живи. Уживам пишувајќи текстови. Многу ми се допаѓа таа дисциплина на сложување мисли и рими. Го научив тој занает. Едно време го гњавев брат ми Горан за првите албуми на ЛЕБ И СОЛ, а подоцна сам ја совладав таа дисциплина на пишување. Имам многу убави текстови. Пред некој ден Јан ми ја пушти „Носталгија“ од албумот „Кула од карти“… и се изненадив самиот колку е добар текстот. Знам да убодам по некој стих. Види, ако смеам да се пофалам сега ќе ти кажам кај лежи мојот најголем квалитет. Во исто време сум ги слушал и Алан Холдсворт, Боб Дилан, БИТЛСИ, Џими Хендрикс… и Џеф Бек. Значи, во исто време сум слушал и фјужн музика, а сум ги обожувал Дилан, Џони Мичел… луѓето коишто се кантавтори… кои пишувале убави текстови, убави песни. Сум сакал само да направам баланс помеѓу тие два света. Јас сум сигурен дека Алан Холдсворт не напишал ниту еден текст во животот… или можеби само еден, два во групата ТЕМПЕСТ… Себе си се гледам како еден од подобрите текстописци меѓу гитаристите. Како и еден од најдобрите гитаристи кај авторите на песни. Тоа е тоа. Но, постојано се обидувам да бидам флексибилен и да црпам од сите тие сфери.

А, ти пречат ли понекогаш епитетите како „гитарски господ“ и слично?

СТЕФАНОВСКИ: Не, не. Тоа не ми е ништо сериозно. Сега добив информација дека наводно Ерик Клептон ме пофалил на Реј Дорсет од МАНГО ЏЕРИ… бла, бла, бла… Тоа е уште еден прилог кон митологијата за мене. Тоа се митологии. Јас не земам ништо од тоа за сериозно. Сите тие рангирања, комплименти… овој рекол, оној… Пет Метини рекол за мене, Марк Нофлер што ти јас знам… ништо тоа не ми е важно. Додека некој лично не ми го каже тоа, сè е лук и вода. Не ме интересира. А ако некој како Џон Меклафлин ти го каже тоа, како што го стори, тогаш молам. Ова другово го земам за митологија и ништо повеќе. Дали рекле или не… сèедно ми е. Народот си сака да ги извртува работите и дур дојдат до тебе – станува чудо.

Од друга страна, ти се случија концерти со мајстори како Томи Емануел, Стокело Розанберг… со Јан Акерман…

СТЕФАНОВСКИ: Е, тоа е голем комплимент и голема привилегија за мене… Јас „Kings of Strings“ уште го сметам за еден експлозивен и голем проект. Томи Емануел ми има дадено сериозни компименти, а јас притоа не сум штедел убави зборови за него, затоа што мислам дека тој е најдобриот акустичен, стил-стринг гитарист на денешнината. Томи е врвот. Нема подобар од него. Човекот знае 12000 песни на памет. Со него не можеш да се бориш. Тој е жива енциклопедија. Жив џубокс. Ги знае сите акорди. И тешките и лесните. Сите песни од Реј Чарлс, од БИТЛСИ… од Нет Кинг Кол, од Џанго Рејнарт… и сега како со него? Човекот е далеку, далеку…

Има ли некој, остана ли уште некој од гитаристите со кој би сакал да се најдеш на иста сцена? Да свирите заедно. Ете, ти бил желба ама поради сплет на околности не си успеал да го уловиш, да се случи таквата средба?

СТЕФАНОВСКИ: Со оглед на моите години и со оглед на искуството што го имам и километражата што сум ја поминал, знам дека проектите се случуваат само ако сакаат да се случат. Јас не можам да силувам сега некого – те молам, ние сега мора да соработуваме. Ако соработките не настанат спонтано, тогаш немаат смисла. Да малтретирам некого, да му пишувам пораки дека сакам да соработувам со него – мене ми е тоа без врска. Сакам кога работите ќе си дојдат природно. А ова со Томи Емануел и со Стокело Росенберг дојде природно. Со Јан Акерман исто така. Со Лондонскиот симфониски оркестар дојде природно… Јас не ги силував нив да свират со мене. Се случија. И само тогаш работите имаат смисла. И само тогаш не се чувствуваш како вишок на сцена.

Како го доживеа неодамнешното добивање на наградата „11 октомври“? Ти си првиот од рок музичарите кој добива највисоко државно признание.

СТЕФАНОВСКИ: Се разбира, тоа е голема чест. И многу ми е драго што ми ја доделија наградата „11 октомври“. Веќе не можам да се жалам дека не сум признат дома. Немам аргументи за тоа. Не можам да кажам дека надвор имам признанија, а дома никој не ме ферма. Ми ја затворија устата. А, како ја доживеав наградата? Мислам дека одамна ја заслужив. Верувај ми. Точно знам што правам за Македонија. За тој наш идентитет за кој толку многу се зборува во последно време. Го знам ефектот, затоа што јас свирам музика која е дел од нашата култура. Ја свирам на еден друг, современ начин, но се потпирам врз нашата традиција. Нашата култура. Ако имаш своја култура не можат да ти оспорат ништо. Затоа што културата го прави твојот национален идентитет.

Точно знам што правам за Македонија. За тој наш идентитет за кој толку многу се зборува во последно време. Го знам ефектот затоа што јас свирам музика која е дел од нашата култура. Ја свирам на еден друг, современ начин, но се потпирам врз нашата традиција. Нашата култура. Ако имаш своја култура не можат да ти оспорат ништо. Затоа што културата го прави твојот национален идентитет.


НЕ НОСАМ ДВЕ ЛУБЕНИЦИ ПО ЕДНА МИШКА


И кога сме веќе на ова поле, во годиниве наназад вешто ја избегна стапицата да влезеш во ситните катадневни меѓупартиски препукувања, во бистрењето политика на овдешен начин. Беше ли тешко да се остане настрана, да се биде свој по секоја цена?

СТЕФАНОВСКИ: Ние сите по кафеани многу галамиме на тема политика. Јас сум многу внимателен со своите изјави во јавност. Нема тука ситно – крупно. Ако влезам во политика, ќе ја закачам гитарата на клин и ќе се бавам само со политика. Не можам да носам две лубеници под една мишка. Не сакам да ме паметат по изјавите за политика. Сакам да ме паметат по моите песни. Многу е лесно да кажеш нешто, ама треба да знаеш дека сите се фаќаат за таа јадица. Лично, сакам да напишам уште некоја добра песна во животот. И тоа е тоа. Е, сега дал ќе пофалам некого или ќе искритикувам нешто е неважно. Јас сум од времето на Тито. Воспитуван сум во друго време. И во друг политички контекст. Целата транзиција, распадот на Југославија, сето ова што ни се случува, оваа демократија – вистинска или под знак на наводници, ја доживувам како чудо. Јас само се чудам. Се чудам на јавноста и на реалноста. Се чудам на тие брзоплети и невешти потези кои ни се случуваат во таа наша демократија којашто сè уште ја учиме. И во која има многу грешки.

Да се вратиме кон проектите за во иднина. Што по оваа серија концерти во Македонската филхармонија, во регионот… Ќе го започнеш ли снимањето на албумот за деца? И ден-денес „Бушавата азбука“ е најзрелиот и најквалитетен, и не само телевизиски проект. Ти беше дел од екипата што го потпиша ова остварување, кое за жал како нематеријално богатство не е документирано онака како што треба, а камоли да им биде достапно на денешните генерации.

СТЕФАНОВСКИ: Покрај она што сум го работел, а е јавно познато, имам една колекција на „приватни“ песни. Песни кои сум ги создавал кога растеа моите деца – ќерка ми Ана и син ми Јан. Имаме снимено куп такви приватни песни. Имаме на тема зима, пролет… на тема Нова година, 8 Март… Домашна мануфактура песни. Тие сè уште не ги знае никој… а прекрасни се. Кога ми беа мали децава, со тенки гласчиња, сум ги снимил тие песни и стојат во нашата архива. Притоа имам и некои други како „Кирилица“, една мене многу драга песна… Ќе направам една компилација на она што сум го работел и нешто ново што ќе дојде допрва. Почнувам да мислам сериозно за тоа. Веќе ја гледам обвивката… со некој детски цртеж и… не велам дека тоа ќе биде утре, ама имам голема желба и длабоко размислувам за еден таков проект. Нема ништо поблагородно отколку да им се обратиш на децата.

Барајќи утеха и лек за мојата душа веројатно сум снимил нешто што можеби ќе им значи на други луѓе понатаму. Веројатно… дури и сигурно… тоа го знам… чепнав парче од нешто што е многу интимно и многу свето. И го снимив. Е, сега до некои луѓе ќе стигне тоа, до други и не мора. Тоа е наменето на оние луѓе кои имаат радар за мојот сензибилитет. Многу едноставно.

ПреводКалина Малеска
ФотографијаТатјана Ранташа
2018-09-25T09:41:12+00:00 март 27th, 2018|Categories: Осврти, Звук, Блесок бр. 118|