Такси

#1 Пред некој месец му се восхитувавме на извонредниот италијански филм „Животот е убав“, а еве, денес, пред нас е суптилниот, во вид на крими-комедија, француски филм „Такси“. Одличен дистрибутерски потег за да се донесе едно толку софистицирано дело низ чии пори ги откриваме вибрациите на некои дамнешни француски филмови кои со многу деликатни потези ги обликуваа секојдневните амбиенти и обичните луѓе во нив. Впрочем, галскиот дух е таков – деликатен, суптилен, па таков е и филмот „Такси“. Негов режисер е Жерар Пирес, но сценариото го потпишува големиот француски маг Жан Лик Бесон, кој воедно е и продуцент на овој филм.
Младиот француски филм, кој очигледно ја победи неколкугодишната креативна криза на оваа кинематографија, повторно го враќа блесокот на стариот добар француски филм. Во ново руво, се разбира. Младите синеасти успеваат со своите филмови, преку свежи режисерски потези и со една современа драматургија да го промовираат својот поглед на животот, но притоа не одбегнувајќи го познатиот француски суптилен дух. И тука некаде е и Бесон (се сеќаваме, нели, на „Никита“, „Големото синило“…). Во случајов со „Такси“, Бесон промовира еден млад режисер Пирес, но очигледно е, барем според резултатите, дека не ја испуштил ситуацијата од своите раце. Бесоновски филм на Жерар Пирес.
Филмот „Такси“ ја продолжува француската традиција на вреднување на човековиот морал во која нема место за црно-белото сликање на ликовите. И негативецот е позитивец, а и позитивецот е негативец. Француските синеасти многу често се занимаваа со моралните кодекси; и многу често тие кодекси ги сместуваа во иронично-хуморни рамки, со што добивааа несекојдневни резултати (несекојдневни за преостанатиот свет, но не и за Французите). Значи ја имаме следнава ситуација – приказна за тоа како се раѓа пријателство меѓу еден момок споулавен по луди возења низ улиците и уличките на Марсеј и еден млад „смотан“ полицаец.
Двајцата се упатени еден на друг. „Лудиот“ возач на такси редовно ги прекршува сите сообраќајни правила. „Смотаниот“ полицаец не може да се снајде во најобичните животни ситуации, а има луда желба да ја улови бандата на германските крадци кои ги ограбуваат марсејските банки. А Французите и Германците беа на различни страни во последната светска војна. Од ова Бесон прави исклучително иронични ситуации за односот на официјалната француска власт спрема германската банда. Но тука ниту почнува, ниту завршува хумористично-ироничната игра на тандемот Бесон-Пирер. Од музичката подлога во почетните секвенци, па преку динамичните и луди возења на моторџиите (разнесувачи на пици) и нивното учество во фаќањето на бандата (вечните прекршители на сообраќајните правила соработуваат со полицијата!), па сè до завршната секвенца кога полицијата, одликувајќи го лудиот возач, го сместува во тркачка кола и навива за него на едно рели (ем да вози брзо, ем тие да имаат свој јунак, ем да не прави прекршоци низ улиците), Бесон и Пирес со многу хумор и со лежерен и едноставен филмски манир (но многу суптилно) им го предаваат на гледачите својот поглед на секојдневието. Гледачите да уживаат во динамичното дејство, да се релаксираат со непресушниот хумор, но и да ги откриваат загадочните кодови на овој француски синеастички тандем (за луѓето, за дојденците, за пријателствата, за љубовта, за херојствата, за довербата). Во севкупноста на доживувањето свое значајно место имаат и одличните актери Семи Накери (возачот) и Фредерик Дифантел (полицаецот).
Со еден збор, пред нас е еден несекојдневен филм, со одлично сценарио и со добра режисерска постапка.

2018-08-21T17:22:07+00:00 јануари 1st, 2000|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 12|