„Маклабас“, или – во Македонија нешто ново

/, Галерија, Блесок бр. 04/„Маклабас“, или – во Македонија нешто ново

„Маклабас“, или – во Македонија нешто ново

Проектот наречен Маклабас, кој, на крајот на краиштата, испадна целовечерен филм со траење од еден час и педесет и три минути произлезе од една сосем друга идеја: како што кажуваат режисерот Александар Станковски – Рембрант и продуцентот Влатко Галевски, тоа требаше да биде фикционален еколошки документарен филм со играна ориентација. Но, ако ги парафразираме зборовите на еден од авторите на филмот – „Маклабас“, едноставно, се истргна од контрола и прерасна, најпосле, во она што некои веќе го видоа на денот на отворањето на годинашниот Фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола. А тоа е долгометражен игран филм со – нема да претераме ако речеме – некои сосем нови, смели чекори надвор од досегашната пракса на македонскиот филм.
Што е она што е интересно за еден текст од ваков тип, текст којшто не претендира да анализира и да валоризира, туку само да презентира и да најавува?
Пред сè, тоа се условите во кои е сработен филмот (како куриозитет и потсетување дека ако се биде упорен и ако се сака!!! – сè е можно! Бидејќи, сепак, со пиење скопско никој не снимил филм). А тие услови за кои зборуваме, накратко, ќе ги раскажеме вака: најголемиот дел од работата на филмот е изведен исклучиво со упорната и искрена желба и работа – односно ентузијазмот на сите оние (а тоа се многумина) што работеа на, за и околу филмот, а и на оние што помагаа (тие се уште повеќе). И од страна на финансирањето – и тоа им успеа…
А како второ, но не и помалку значајно (јас ќе речам и позначајно) е тоа што, можеби, токму поради тоа што овој филм од почеток не е планиран како игран филм, и поради кинематографското искуство на режисерот во видео-артот, како и поради специфичната, да речеме – филозофска настроеност – на онаа група луѓе што го осмислуваа филмот, самиот филм е со многу интересна природа сам по себе…
Да не должиме многу или, пак, да не кажуваме многу, најдобро ќе биде да почнеме со личната карта на самиот филм:

1. Кој е кој во филмот:

Независна продукција; Копродукција за Македонија: А1 телевизија
сценарио, режија: Александар Станковски
продуцент, директор на фотографија: Влатко Галевски
монтажа: Војо Живојновиќ
директор на продукција, видео-ефекти: Игор Андреевски
улоги: Мирче Доневски, Владо Манчевски, Илија Даскалов; потоа Картер, Путица, Џабир Дерала, Милчо Манчевски, Маја Лапе, Бубо Каров, Никола Гелевски – Коља, Диме Игњатов – Б’гм, Владо Петрески, Башким Адеми, Жанета Вангели, Јован Манасиевски, итн., итн., итн. …
останати соработници: Митко Панов, Златко Трајковски – Хинки, Христо Поп Дучев, Роби Пашовски, Тони Аџиниколов; потоа, Бранд Ферро, Ирина Романова, Саша Зајков, Драган Абјаниќ, Љубиша Ивановски, Нехру Хоџа; па Влатко Киборг, Антонио Ансаров, Зак, Цане Фантом, итн., итн., итн. …

Како што се гледа, вакво нешто не сте виделе, барем кај нас. Најголемиот број актери не се тоа по професија, туку можеме да ги наречеме „натуршчици“, како што ги окарактеризира Влатко Галевски, наспомнувајќи дека, од друга страна, тие, сепак, се – секој за себе, во најмала рака, љубители на уметноста, сите воедно харизматични фигури во своите области на дејствување во конкретните социо-културни простори… Интересно, мислите? Тогаш, да продолжиме на следната точка – сигурно нема да се премислите:

2. Што е филмот:

– трилер: криминалистички, детективски, шпионски, политички
– драма: психолошка, еколошка
– акционен
– научно-фантастичен
– нео-митолошки
– видео арт: видео арт

Тука можеби лежи и најголемата вредност на филмот, не сметајќи ја самата негова содржина и семантика: токму во експериментот, во мултимедијалната и мултижанровската спрега, а посебно видео-арт елементите кои можат да бидат адекватна замена (дури и подобра) како за регуларните специјални ефекти, така и за значенската содржина што тие елементи ја носат.
Е сега, ваков „микс“ во еден филм – тоа може да доведе само до два резултати: или филмот е одличен, или е многу лош! Трето нема. Така е со секој експеримент. Но, имајќи ја предвид целокупната „постава“ која го работеше овој филм, имаме многу надеж и позитивни очекувања во однос на него, чекајќи ја скопската премиера, некаде пред средината на месец ноември…

3. Кој е кој во филмот:

Агентот Ансаров, еден од главните ликови во филмот, е вовлечен во чудна истрага за серија убиства. Жртвите се агенти на разни странски разузнавачки служби. Дознава, со помош на своите врски и контакти, дека тие луѓе се вмешани во некаква замрсена игра која се концентрира околу испитувањето и експлоатацијата на еден многу редок минерал, дотолку поскап и поскапоцен заради фактот дека од него се произведува некаков ексклузивен наркотик. Истовремено, елитните научници во тој минерал гледаат можност да навлезат во хибернираните димензии на антиматеријата. Утврдено е дека минералот (Зелениот дијамант) е свесен за себе, односно дека поседува некаков вид на свест (аспект на космичкиот ум). Ансаров одеднаш се наоѓа себеси во брутална и беспоштедна војна меѓу двете мултинационални корпорации што сакаат да остварат стратегиска предност во регионот каде што се наоѓа минералот и да остварат слободна експлоатација. Сите нивни обиди завршуваат трагично заради средбите со примитивниот и исконски (митолошки обликуван) шумски човек Маклабас. Тој е митолошкиот заштитник на планините (а со нив и на самиот минерал), и тој не ја дозволува експлоатацијата на минералот, сметајќи го тоа за сквернавење на исконската невиност на природата…

4. За музиката во филмот:

Soundtrack од три жанровски различни музички целости, работен од дел од оние наброените погоре, и снимен во dolby stereo surround систем. Музичкиот дел варира од техно, преку амбиент, до тврд рок, а и плус по нешто друго…

* * *

Самиот филм е работен цели четири години, бавно и полека, но сигурно… Целосната финансиска конструкција е независна, со широка помош на А1 Телевизија, освен префрлувањето на филмот на целулоид (вистинска, еј, филмска лента), што ја финансираше Министерството за култура на Република Македонија – благодарение на добрата волја и помош на самиот Министер за култура, Слободан Унковски, како што вели авторот Станковски во едно свое интервју, и тоа е многу значајно, бидејќи без таа помош, филмот ќе останеше на нивото на телевизиски или видео формат.
Но, нешто друго е интересно: во еден наш разговор со продуцентот и директор на фотографија Влатко Галевски, тој укажа на еден – сега засега интерен – но мислам дека набргу ќе биде нашироко прифатен термин што ќе го означува ваквиот начин на снимање и продуцирање филм… Тоа е терминот Арт-тероризам
Арт-тероризам… кога, затоа што немате доволно финансиски средства за снимање масовни сцени, или пак немате доволно финансии за добра костимографија (знаете, униформи… полиција, војска и сл.), или пак од тие исти причини не можете да го закупите просторот каде што сакате да снимате една сцена, итн., тогаш прибегнувате кон овој метод: ја земате камерата в раце (на рамо), актерите по вас (веќе подготвени, од гардероба и шминка па сè до реквизити, ако се потребни), па фино си доаѓате на местото каде што сакате да снимате, и без оглед на сите случајни минувачи, љубопитни кибицери и сл., почнувате да снимате…
А, да! Нешто заборавив: ако сакате да снимате масовни сцени, тогаш ќе мора да почекате да се одржуваат некакви (какви – не е битно) протести, демонстрации, народни веселби. На пример, протести на студентите од Универзитетот, политички митинзи, концерти, дури и фрлањето на Крстот во Вардар, сосе Владиката во филмот како статист! А кај нас и онака не е некој проблем – како што кажува (од искуство?) Влатко Галевски – да се почека на такви некои собири… Во Македонија не морате многу да чекате на такви настани: Мека за арт-терористите! И, така: само се втурнувате во гужвата со камерата и екипата, и снимај! Нема два исти кадри, нема повторување на истата сцена, таа секогаш е различна во овој случај, па имате поголем избор на сцени (избор којшто ќе ве измачи доста при пост-продукцијата)… Според зборовите на Александар Станковски, целокупниот – сиров материјал траел повеќе од 70-тина часа! Можете да си замислите колку само часови требаат тоа да се доведе до траење од 1 час и 53 минути.
И за на крај, да ве информирам за скопската премиера: На, или некаде околу 13ти ноември, 1998 година, во Скопје, на репертоарот на Градски Кина, ќе биде „Маклабас“.

Видете го. А ние ветуваме дека во некој од наредните броеви на Блесок ќе пишуваме повторно за овој филм, но a posteriori, со анализа и некои размисли околу медиумските, жанровските и значенско-структурни вредности на овој филм…

Музика од филмот
друг осврт за „Маклабас“

2018-08-21T17:22:15+00:00 август 1st, 1998|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 04|