Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

/, Галерија, Блесок бр. 133 - 135/Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

Интервју со Мимоза Несторова-Томиќ, архитект

Интервјуто е направено од страна на Дијана Томиќ, по барање на „Блесок“.

„Блесок“ им се заблагодарува на ценетата архитектка и нејзината ќерка, уметничката Дијана Томиќ.

Мимоза Несторова-Томиќ е родена во Струга, во 1929 година, дипломирала на Архитектонскиот  факултет при Техничката висока школа во Белград. По дипломирањето се враќа во Македонија, за да му помогне на своето семејство, како и во изградбата на својата земја. Набргу по доаѓањето во 1953 година почнува со работа на Архитектонскиот факултет како асистент на Катедрата за домување. Таму работи 12 години, а потоа се вработува во Заводот за урбанизам на град Скопје во 1965 година, каде што работи до своето пензионирање. Веднаш по земјотресот во Скопје 1963, со циркуларно писмо Заводот за урбанизам на град Скопје бара стручна помош од сите проектантски фирми, како и од Архитектонскиот факултет. Тогаш Мимоза Томиќ се вклучува во работните тимови на Заводот за урбанизам. Целиот стручен тим имаше за задача да ја прегледа постојната урбанистичка документација, за веднаш да можат да пристапат кон работа кога ќе дојдат тимовите на Обединетите нации. Била на студиски престој на Универзитетот во Беркли 1964 година, 3 месеци, заедно со сопругот кој бил носител на стипендија на Фондацијата „Форд“, а тематски се вклучува на Катедрата за социологија на урбанизам. Потоа има едномесечен престој во Лондон и Ротердам. Продолжува со работа во Заводот за урбанизам, каде што веќе биле формирани тимовите на Обединетите нации. Таа е вклучена во социолошко-урбанистичкиот тим на Пол-сервис, тимот на ОН од Полска. Подоцна станува раководител на македонскиот тим. Преку оваа проблематика поврзана со студијата за домување и сообраќај и генералниот урбанистички план, таа се вклучува во главниот тим за изработка на Генералниот урбанистички план на Скопје, кој завршува во 1965 г. Учествува во проектирање на западната индустриска зона, заедно со Пол-сервис, а потоа со тимот од Заводот за урбанизам во изработката на Деталниот урбанистички план и ревитализација на Старата скопска чаршија. Во 1968 г. го изработува проектот за реконструкција на Сули-ан кој беше урнат до темел, комплексот на занаетчиски дуќани, проектот за ревитализација на комплексот Чифте амам кој не е реализиран, а во 1970 г. го изработува угостителскиот објект „Менада“. Во 1977 г. го изработува проектот за архитектура и ентериер на стоковната куќа ,,Беко“. Во 1977-78 г. изработува идеен и главен проект и реализација за Музеите на Македонија во Стара чаршија со арх. К. Муратовски, за која ќе ја добијат наградата ,,13 Ноември“. Во 1983 г. таа пристапува кон идеја и реализација на решението за ентериерот за Музеите на Македонија, во одделите за етнологија и археологија. Следната година го изработува проектот за станбениот комплекс на ЈНА во Капиштец. Учествува со тим архитекти на разработка на идеен и главен проект за бизнис центар  на комплексот ,,Градска порта“, конкурсно решение на арх. Кензо Танге (нереализиран). Во 1985 г. изработува проект за реконструкција, адаптација и акустична интервенција на објектот Универзална сала во Скопје со внатрешно уредување.

Во периодот од 1986г. па до пензионирањето 1989 извршува функција и должност на Директор на Заводот за урбанизам и проектирање на град Скопје.

Учествува во многу идејни решенија и на многу конкурси во Македонија и Југославија, во тим со сопругот Љ. Томиќ, или пак во архитектонски тимови. Добитник е на Првата награда на конкурс по покана, заедно со екипа млади архитекти во 1985 г. за проектот на Републичкиот секретаријат за внатрешни работи на ул. Партизанска, кој остана нереализиран. Добитник е на националната награда за животно дело „Андреја Дамјанов“ на Академијата на архитекти на Македонија. Учествува на изложбата „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia, 1948–1980“ во МОМА, Њујорк, во 2018 по иницијатива на тим архитекти. Добитник е на признанието ,,Опера омниа“ од Share Architects во 2019 година.


Д:        Дали беше лесно една млада жена да го напушти своето родно место и да отиде да студира професија што ја сака?

М:        Мојот вујко, кој живееше во Америка, во 1948 година, ме советуваше да го одберам Технолошкиот факултет, дека таму била иднината: технологијата била иднината на човештвото. Но мојот избор беше Архитектонскиот факултет.

За моето семејство одењето на факултетот во Белград претставуваше голем стрес. Беше време на патријархално воспитување и мислење дека девојките треба да се борат за описменување на својот народ и да бидат учителки.

По војната, полека започна еманципацијата со едукација на жените. Младите покажаа желба за професионална едукација, таму каде што би можеле да си дозволат да се едуцираат, а тоа беше поблискиот регион. И за мене беше стресно одвојувањето од семејството, но кога некој сон ти се појавува во мислите, постојано се бориш да го оствариш. Тоа беа тешки ситуации, но одиш со оптимизам и ентузијазам да учиш повеќе. Таму, во Белград, атмосферата беше многу интересна, имаше студенти од цела Југославија, сите сакаа да се дружат, таа состојба по војната беше оптимистичка и немаше разлика меѓу републиките. Моето семејство беше во финансиска криза, во трета година конкурирав да добијам стипендија и така дипломирав во 1953 година во најкус можен рок. Се вратив во Македонија желна да му помогнам на семејството, но и да се вклучам професионално во тогашната изградба на мојата земја.

Д:        Каков впечаток ти остави културниот живот во Белград?

М:        За првпат отидов во Народниот театар и го гледав балетот ,,Охридска легенда“, потоа одев во Југословенско драмско позориште секогаш кога ќе успеев да најдам карта, а за студентите имаше и попуст. Имаше прекрасни книжарници, ретка литература, одевме на добри концерти во Коларац со моите колешки, посетувавме изложби. Тоа беше еден културен шок за мене. Кога се вратив во Скопје, не бев разочарана, Македонскиот народен театар пулсираше со полн капацитет, со избрана и квалитетна програма. Тоа беше време на појавата на модерната, посетувавме изложби, концерти, едноставно се чувствуваше духот на новото време.

Д:        Започна со работа на Архитектонскиот факултет како асистент во 1953, но се префрли во Заводот за урбанизам на град Скопје, 1963/65. Како се случи тоа?

М:        На Факултетот се запознав со мојот сопруг Љубомир Томиќ, двајцата се согласивме дека не би било етички брачен пар да биде на ист факултет, така што во првата прилика јас заминав на друго работно место. На факултет има педагошка работа, бев многу задоволна, убаво комунициравме на релација асистент-студент, но таму нема проектантска работа, ми недостасуваше практиката, како и на секој архитект чијшто сон е да проектира.

По земјотресот на 26 јули, на 27 јули дојде Тито во Скопје и изјави дека Скопје ќе биде поубаво и помодерно, со солидарност на цела Југославија, но побара помош и од Обединетите нации, со што ќе стане град на солидарноста од целиот свет. И со указ на Џ.Ф. Кенеди, дел од американската војска од полската болница во Берлин помогна во Скопје и неа ја сместија во Куманово. Имаше 18 хирурзи од скандинавските земји, од Германија и од Франција, добро и ефикасно соработуваа со нашите доктори. По една недела за помош се јави и Хрушчов и испрати од СССР опрема за спасување и експерти по сеизмологија. Одеднаш во Скопје, на тој размрдан терен дојдоа две спротивставени војски кои почнаа заедно да функционираат без проблем. Беше време на Студената војна. Целата операција за повторна изградба на Скопје ја водеше архитектот Вајсман, кој дипломирал во Белград, а беше тогашен директор на УНЕСКО. Тој најави дека во Скопје ќе дојдат три светски ѕвезди – експерти: Морис Ротивал од Франција, кој предаваше на Јејл и беше урбанист на два континента, Доксијадес од Грција, кој се занимаваше со теорија на екистика и третиот Кензо Танге од Јапонија, таткото на теоријата на метаболизмот. Како проект-менаџер на ОН, дојде и познатиот архитект кој ја крена Варшава од руини, Адолф Циборовски. Од југословенска, т.е. македонска страна беше арх. Ристо Галиќ, директор на Заводот за урбанизам на град Скопје. Од повеќето проекти, меѓународното жири составено од значајни урбанисти го одбра проектот на Танге, затоа што имаше извонредна организација на градот. Имаше повик од Заводот за урбанизам до неколку градежни фирми и до Факултетот за вклучување во изградбата на разурнатото Скопје, се пријавив и јас и добив задачи. Подоцна, во 1965 година, официјално бев вработена во Заводот за урбанизам.

АвторМимоза Несторова-Томиќ
2020-12-23T18:21:03+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Осврти, Галерија, Блесок бр. 133 - 135|