Кротките

Кротките

Во густата февруарска магла, збогатена со миризба на јаглен, млад маж стоеше на мостот до Јучбунарската бања, кинеше страници од тетратката што ја држеше во раката и ги фрлаше во реката. Кога буицата ги однесе и последните страници, небаре се поколеба за миг, па со ненадејна решителност ги скина кориците и ги фрли во темната вода, во која на места светкаа танки ливчиња мраз. Без да погледне надолу, човекот се заврти и брзо зачекори во правец на центарот на градот. Во тоа доба од ноќта немаше други минувачи: улиците беа снежни и пусти. Овде-онде од дворовите се слушаше лавеж на кучиња. Светлината од електричните ламби по „Пиротска“ не успеваше да ја пробие маглата и, како парталав ореол, остануваше да виси околу столбовите. Стапките на мажот крцкаа во разгазениот снег, поцрнет од саѓи и од згура. Не сретна никој, но и да сретнеше, неговите комшии веројатно во прв момент немаше да го препознаат.

Тоа беше ти.

Ние те познававме, Емил Стрезов, месеци и години го следевме секој твој чекор; да не те видевме тогаш на мостот, дури и во сон ќе знаевме дека си таму. Далдисани од брзото превртување, и покрај спуштените капаци, очите сè забележуваа: сивата ветва облека, стапките во снегот на осамениот маж. Гледавме, слушавме. Помневме кога се насели во маалото. Кога дојде од ближното гратче, толку безначајно, што не вреди ни името да му се спомене, со свои очи видовме како од зачуден гимназијалец стана непризнаен поет, а после, дарежливата есен во  четириесет и четвртата, веднаш во рацете ти даде власт да решаваш човечки судбини. Се мајтапевме дека еден ден нашите деца, кога ќе влезат во оној твој универзитет, кој и онака не го заврши, ќе набасаат на некоја твоја песна од дебелите антологии, ќе почнат да читаат и ќе си велат: е, не е лоша. А ние ќе им велиме: Емил Стрезов ли, тој едно време живееше спроти нас. Да знаеш каква шлаканица еднаш му залепив. А тој? – ќе прашаат децата. Што тој. Тој не беше како нас мангуп. Каков беше? Каков… Љубимец на жените. Беше учтивиот станар на чичко Петар, кој брзаше наваму-натаму, до онаа есен со книги под мишка, а потоа со пиштол на коланот, но секогаш имаше време да поздрави и да потфрли една-две думи за големите дела што се случуваа и за уште поголемите што претстоеја. Но ако некој од нас се беше разминал со тебе онаа ноќ, сигурно ќе забележеше дека има нешто чудно во твојот начин на чекорење, во погледот, во ненадејно вдлабените брчки на челото, со кои изгледаше зрел и гневен; па и тој ќе го збрчкаше челото чудејќи се да не се препознал и дали тоа момче што ита е истиот човек, кој стрвно и со пламена насмевка на лицето ги обиколуваше софиските улици во почетокот на септември.

Емил Стрезов одамна живееше во маалото па дури и ние, староседелците, речиси го сметавме за свој. Кога дојде, беше никој и ништо, детиште – се појави ниоткаде во едно правливо летно утро на прагот на чевларот чичко Петар, кој критички му ги погледна искинатите чевли, го поттупна по рамото и го прибра дома. Го беше прибрал, се шушкаше по ќошињата, да живее со неговиот син, со неговиот син-единец, пелтекот. Со возот, се шушкаше по ќошињата, со возот дошол некаде од север. Татко му умрел, се шушкаше по ќошињата, а мајката – и таа болна, тука сакал да живее и да помага во дуќанот. Не обрнавме многу внимание, но дојде есента и ве видовме со пелтекот во дворот на гимназијата – двајца зајаци во униформи. Бевте на иста возраст и се движевте стално заедно, чекоревте по неодамна поплочената главна улица, облеката ви се смалуваше пред нашите очи, бевте сè пожедни за живот и сè поотракани, а всушност сè постресени од шарениот виор на градот, особено во оние таинствени предели надвор од границите на маалото, каде се перчеа убавите и богатите.

Сите живеевме на улицата. Дури и ти, во времето кога не учеше и не работеше. Во Јучбунар беше така. А после дојде последната есен и веќе сè изгледаше безначајно пред она, што се случуваше на улицата. По цел ден сите бевме надвор, збунети физиономии пливаа во меката светлина на залезот, се поздравувавме како во сон, ти минуваше со онаа црвена лента и со пиштол на коланот, сјаен и црн како скапа чоколада, но иако носеше црвена лента и пиштол, исто како и ние сè уште не можеше да го сфатиш сопственото учество во сето тоа наоколу, знаеше дека си дел од него, но не ти беше јасно како точно, небаре еден дел од мозокот постојано ти го надминуваше другиот. Беше див и врел септември, во приградските овоштарници плодовите со експлозија пукаа и собраниот сок продираше во оморнината; а ти ги обиколуваше урнатините, внимателно ги разгледуваше од бомбардирање срушените згради, раскошот претворен во непотребни камења, безредно расфрлани остатоци од таинствено потекло – клавири, софи, комоди – го гледаше сето тоа и во тупаниците чувствуваше насобрани безброј можности. Се разбира, Коста беше до тебе. Обајцата крстосувавте низ центарот на градот и ненаситно со очите го впивавте опустошеното. Некогашната улица Трговска со нејзините грижливо средени излози беше срамнета со земја; само овде-онде стрчеа срушени столбови, навалени стреи, гладно зинати ѕидови без прозорци. Коста те фаќаше за рака и восхитено зборуваше. Овде, велеше тој, над овие урнатини, над овие к-к-камења, ние со тебе ќе ј изградиме иднината на к-к-комунизмот. На следниот агол застанувавте да се одушевувате на остатоците од некоја адвокатска канцеларија. Ти го прегрнуваше пријателот и ги изговараше сосема истите зборови, само без да пелтечиш.

АвторАнгел Игов
ПреводКатица Гароска Ацевска
2021-04-03T19:08:49+00:00 март 31st, 2021|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 136|