ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

/, Критика, Блесок бр. 119/ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕВОД: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

Препорака за превод: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН


(Arundhati Roy: The Ministry of Utmost Happiness, Knopf, London 2017),

Препорака за превод: РОМАН СО БОЈА НА ШАФРАН

„Ако тоа ти е важно, можеш да го промениш секое мое ретче.
Јас сум само приказна.“[1]

1.
Есента 1997 година, од Саемот на книгата во Франкфурт дома ми дојде романот „The God of Small Things“ од Арундати Рој, тогаш сосем непозната авторка за мене. Книгата беше издание на лондонскиот издавач „Фламинго“, инаку прво надвор од Индија каде што романот ја имал својата првообјава претходната, 1996 година. На задната корица имаше широка налепница на која пишуваше 23,00 DM. Беше и сѐ уште е мала, смерна книга која убаво лежина дланка; дебела, но мошне лесна, отпечатена на жолтеникава волуминозна хартија. Романот само што ја беше добил престижната Букерова награда за таа година и набрзо насекаде се зборуваше само за него.Неполни две години подоцна, пролетта 1999 година, требаше да го лекторирам преводот на македонски јазик на Катица Гаровска како службена обврска во „Детска радост“, каде што работев. Преводот беше повеќе од добар, книгата повеќе од омајна, така што моето прво читање беше чиста фасцинација. Она што требаше да се стори, го работевме заедно со преведувачката во наредните неколку читања. Со Катица Гаровска се запознавме тогаш, над бескрајните шпалти од избезумувачкиот текст на Арундати Рој. Кога ја завршивме книгата, непосредно пред предавањето во печат, и таа и јас имавме несовладлива потреба да напишеме нешто за емоционалното, книжевно и јазично сражение со ова ретко писмо, различно од сѐ што бевме прочитале дотогаш и двете. Првото издание на „Детска радост“ на „Богот на малите нешта“ од 1999 има два опсежни поговора: „Леснотија на имагинацијата и тежина на фамилијарната историја“ од преведувачката и „Окталсонлоб: окак итанево ижур ан цертев“ од лекторката. Мојот текст е објавуван како поговор и во повеќето наредни изданија на македонски јазик на Издавачкиот центар Три (секако со преводот на Катица Гаровска), а објавен е и во мојата есеистичка книга „Отвораат ли сништата работа“[2].

Дваесет години подоцна, 2017, светот објави дека Арундати Рој има нов, втор роман – „The Ministry of Utmost Happiness“. Тоа беше голема возбуда која некако одново нѐ спои со Катица и со сите други кои страсно го сакавме „Богот на малите нешта“. Не бевме малкумина. Романот во претпродажба можеше да се купи на англиски и на германски јазик, правата за превод на германски јазик беа откупени уште во манускрипт, пред да се отпечати романот(„Das Ministerium des äußersten Glücks“). Речиси во исто време, светот можеше да ја чита Арундати Рој на два јазика.

Најбрзи во нашиот регион беа Босанците, тие само по неколку месеци го објавија преводот на Данко Јешиќ во издание на Buybook, Библиотека Фарах – „Ministarstvo potpune sreće“. Младиот македонски писател Петар Андоновски во тој период беше во Подгорица и со сериозни лични заложби успеа да го донесе сараевскиот превод во Скопје кон крајот на есента 2017. Се чувствувавме крајно возбудени на еден сосем анахрон начин. Организиравме набавка на книга, небаре не е 21 век, небаре не е 2017, туку според ретро-теркот од раните деведесетти (или порано) од минатиот век, кога наоѓањето книги претставуваше сериозен проект. Петар Андоновски џентлменски ми ја отстапи книгата да ја читам прва. Имав толку големи очекувања повторно да се сретнам со писмото на Арундати Рој, што пребрзо го прочитав романот без да ме допре. Изгледа не бев подготвена за нов, друг роман од Рој, туку повторно сакав да се сретнам со „Богот на малите нешта“… Малку подоцна за роденден од мојата другарка од детството, Билјана Јакимовска, го добив српскиот превод на Маја Трифуновиќ на „Лагуна“–„Ministarstvo neizmerne sreće“. Како новогодишен подарок, истиов роман, истово издание, го добив и од мојата некогашна колешка од студиите по литература, Марица Милошевиќ,која сега живее во Параќин. Бев трогната што повеќемина мои блиски кои не се познаваат меѓу себе знаат дека Рој е писателот на мојот живот. Не велам писателка, зашто со истородноста ми се чини дека би ја омекнала страста што ја чувствувам кон нејзиното писмо. Едно е како жена да кажам: мажот/писателот на мојот живот, а сосем друго:жената/писателката на мојот живот. Родовиот флерт остварен со отстапка, со намерно откажување од феминативот (писателка),во контекстов е нешто што дополнително го прецизира и го сензибилизира мојот однос кон Рој. Почнав да не кажувам дека сум го прочитала романот на босански и дека не ме допрел, чекајќи го мигот кога повторно ќе го ставам на маса. На маса, зашто Арундати Рој не се чита в кревет. Со молив в рака, зашто Арундати Рој не се чита ни без да се пишува.

2.
„Министерство за неизмерна среќа“ (или како и да го преведе идниот македонски преведувач) не е „Богот на малите нешта“. Раката е таа, стилот, емоциите меки како пердув и асоцијациите остри како жилет се тие, но романите се различни. Приказните им се различни, структурите им прилегаат една на друга само многу оддалеку. Треба стрпливо да се прочитаат точно 385 страници од „Министерство…“, Ројза да ни го „напише“ / да ни го „даде“ токму она што го помниме и го дозамислувавме 20 години по „Богот…“. Она што го сакаме и го сметаме за најнејзино – неповторливите описи, впрегнатата лирика во широк епски огламник, плотната тишина меѓу љубовниците, сцените со болка и со страст, дијалозите и особено допирите кои, иако остварени само со зборови, оставаат видливи траги на нас. Дискретно црвенило, бледи модринки, дури и прокрвени модрици…


1. Слободен превод, овде и во целиот текст О.Ќ
2. „Отвораат ли сништата работа“, Детска радост, Скопје 1999

АвторОливера Ќорвезироска
ПреводКалина Малеска
2018-09-25T09:22:02+00:00 мај 12th, 2018|Categories: Литература, Критика, Блесок бр. 119|