од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

/, Театар/Филм, Блесок бр. 33/од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Јунакот го трча последниот круг
Непостоење во постоењето
Меги мачката. Помеѓу матните походи и чувствата
Лекот за болните места
Награда за најдобро уметничко остварување на претстава во целина на „Војдан Чернодрински“ – 2003, за претставата „Куќа на граница“ на Славомир Мрожек, во режија на Јуџел Ертен, Турска драма – Скопје

Повеста „Куќа на граница“ на Славомир Мрожек е само рамка за инспиративната режија на Јуџел Ертен, којашто е исплетена од комичност, македонска реалност и своевидна идеја како одговор на третираните прашања. Ваква „Куќа на граница“, ако гледаме просторно и временски, малкумина држави ја имаат (редок пример ни е Кипар). Постановката на Ертен го отвора проблемот на мултиетничките идентитети, во нашиот случај, турскиот, македонскиот, албанскиот (па дури и европскиот, којшто има медијаторска улога). Целата претстава е гледана од агол на толеранција, со ироничност и смеа кон нискостите, со почитување на разликите и неминовно решение, од кое нема да има големи (соседски) повреди. Актуелната историска и политичка состојба е ставена во секојдневниот театар; драматика која е полесно и (дури!) најчесно да се преброди преку културата и уметноста. Кратката фабула на „Куќа на граница“ наизглед раскажува хиперреална, надреалистичка ситуација, кога во самата куќа се поставува граница, на среде соба. А ситуациите коишто (ќе) се случуваат во таа гранична куќа се само дополнителна, апсурдна фактичност. Бројни беа пронајдените режисерски ситуации и моменти, коишто всушност и ја раѓаа оваа претстава. На пример, кога треба да се јаде, а на самата маса се наоѓа граничната линија, за подавање на сол треба да се плати минување на царинска зона; или кога спиеш во твојот дом, некој тоа си ја преминува шверцерски границата, односно поминува низ твојата спална соба; или кога и на едно дете кога јаде му се наплаќа државно преминување. Дополнителен и постојан зачин на таквата состојба доаѓаа токму од креативните остварувања на актерите, со што овие наши херои заслужено и ги собраа наградите на овогодинешниот „Војдан Чернодрински“ (а, зборот ми е за Бедија Беговска за улогата на Свекрвата, за Атила Клинче, во улогата на Човекот и наградата за најдобар млад актер на Филиз Ахмет, за улогата на Девојчето). Комплетно одбраната екипа од страна на режисерот, неговите инвентивни, игриви и точни решенија, со нештедливоста покажана од актерската екипа, го добија заслуженото. Би сакала, во овој контекст, да посакам, вие што го читате ова, да можете да ја видите оваа претстава, без заморните процедури, од типот на: кризен регион, виза, граница и слично.
Проблемот со идентитетот, започнува со доаѓањето на тројцата учтиви војници, кои го ставаат знамето во кружна положба, да може тоа лесно да се врти и во секој момент да покажува нечија територија. Оттука, видлив е актуелниот политичко-државен момент, којшто овој режисер до детали го има искористено за севкупноста на неговиот концепт. Дури, по малку и брехтовски, „удирајќи“ нè потсетува за крајната иронично-цинична ситуација во постоечките трагички (етнички) конфликти. И дури нашиот обид да се обидеме да кажеме, за претставата, од чисто уметнички аспект, имаме чувство дека сето време, нè клукаат третираните прашања, што режисерот уметнички „ни ги подметна“.
Бедија Беговска, во улогата на Свекрвата, вистински ни ја покажа секојдневната иронија, која за да не биде толку болна, секогаш раѓаше невиден хумор. Нејзината игра, особено владеењето на нејзината фацијалност, даваше лик на жена која е снаодлива, неуморна и секогаш подготвена да се справи со какви било неприлики, реаѓирајќи во потребните моменти. Од неа може да се види и како жената „була“ знае да биде цврста, да покаже отпор, да докаже дека може да се носи со „машките“ ситуации, па дури и да управува со нив. Оттука, имаме побивање на и кон етничките (муслимански) стереотипи, во коишто секогаш жената е во мачоистичките-патријархални пранги. Згора на тоа, таа покажа дека и една Свекрва знае да биде симпатично привлечна, умно итра, па дури и заводлива. Жена – која знае да ја покаже својата способност, сето време, и посебно кога тоа е неодложно. Поврзувајќи се на оваа, Атила Клинче ја потврди фуриозноста на жената, покажувајќи (повторно со кршење на стереотипите) дека паметниот треба да се слуша, без разликата на родовата припадност. Од друга страна, тој ја одигра и изгубеноста на „граничниот“ човек, којшто е несигурен, пред сè во својот идентитет. Тој не е именуван, тој се вика Човекот, што е иницијална етикета за недефиниран идентитет. Неговите движења: напнати, збркани и непостојани ја дополнуваат неговата ненајденост во местото и просторот во којшто живее. Малите и повторно непостојани моменти на искра надеж, дека еве сега стои овде и ова е веројатно местото на кое му припаѓа, повторно добиваат кружна димензија. И двата лика умееја реалистички да ја покажат оваа апсурдна реална ситуација, заедно и со специфичните атрибути на својата (етничка) заедница, гледана културолошки.
Ахмет Филиз, преку нејзината игра на детскиот свет, покажа дека истиот знае да биде секогаш неизвалкан, игрив, наивен, непредвидлив, но вистинит! Тоа се моментите кога детето поставува прашања (од типот на „Малиот принц“) а кога зачудените погледи и снаодливи одговори на возрасните нема да ги исполнат детските очекувања, во однос на оваа гранична ситуација.
Целата постановка, гледано и во содржината и како таа е одиграна, го носи мултидимензионалниот концепт, на почитување на разликите, на инаквостите, а притоа да се биде во истата целина. Оттука, и преку јазиците на кои се зборуваше во претставата: турски, македонски, албански и англиски, очигледно се носеше најточната идеја за политичко-етничка рамноправност, за почитувањето на Другиот. Затоа крајот на претставата заврши со игра (=оро), која како бит ја имаат сите народи, соседи. Толку очигледна идеја за неминовна толеранција, за отфрлање на какви било вандалски (гранатни) подметнувања на Другиот, а за згрижување од кое може да има само човечка доблест и големина! Благодарна сум на оваа постановка на „Куќа на граница“.

2018-08-21T17:21:41+00:00 август 1st, 2003|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 33|