од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

/, Театар/Филм, Блесок бр. 33/од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

од 38-от Театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Јунакот го трча последниот круг
Непостоење во постоењето
Меги мачката. Помеѓу матните походи и чувствата
Лекот за болните места
„Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс, во режија на Красимир Спасов; костими и сценографија: Марина Раичинова; кореографија: Кренаре Невзати – Кери; музика: Вебстер-саксофон; светло: Кире Ставревски; тон-мајстор: Чедомир Младеновски

Современиот американски театар преку линијата на Јуџин О’Нил, Тенеси Вилијамс и Едвард Олби го зацврсти својот реалистички драматуршки принцип, воедно и отстапувајќи од таквата поетика, секој со спецификите на својата драматуршко-техничка креативност и опсесивна тематика. Тенеси Вилијамс (со неговите драми: „Стаклена менажерија“, „Трамвајот наречен желба“, „Мачка на вжештен лимен покрив“) внесува нова индивидуалност и психологија, со лирична боја. Она што влегува во акцентот на Тенесовата драматургија е отвореноста кон хомосексуалниот свет, инцестуозните пориви и лудачката сексуалност.
Што е тоа што се случува во „Мачка на вжештен лимен покрив“? Во џентлменската фамилија одамна е присутен црвот на смртта, која дополнително и до крај ги отвара психолошките превирања на ликовите, изродени од егзистенцијалната рамка на страдање. Неспокојниот грч од неизвесноста, со некаква очајна и привидна надеж, или немањето одговор за утрешните и секојдневни мачнини и нивната целосна извештаченост во името на материјалноста – е провалијата над која надвиснале јунаците на Тенеси. Боледувањето на таткото (Мето Јовановски) од карцином е само уште еден дополнителен синдром за владеењето на смртта во благородничкиот дом. И можеби неговата болест го прави уште потрезвен во своите наклонетости, во својата искреност, во своите манијакални желби (на пр. да издупи неколку млади пичиња). А околу него фрчи вештачката „рафинирана“ почит и љубов на мегаломанските желби и ниски страсти од своите најблиски започнувајќи од синот Гупер (Јовица Михајловски), Меј – неговата сопруга (Викторија Анѓушева) сè до однесувањето на слугата (Ѓорѓи Тодоровски), па и неколкуте знаци на пасторот Тукер (Анастас Тановски). Гласот и посебно миговите на размислувања на Таткото наликуваше на оние мачо вестерн типови кои ни дават сурова и комична боја, во комбинација со секвенци од нашите балкански профилирани филмови. Неговата појава ставена до светот на Меги (Ирена Ристиќ) и нејзиниот сопруг Брик (Драган Спасов) ја расветлува неговата наклонетост кон нив: синот алкохоличар и атрактивната снашка кои немаат пород, а на кои сака да им го остави имотот. Другиот паралелен свет кој пресекува во овие односи и желби е светот на другиот (несакан) син и неговата хиперпродуктивна жен(к)а. Нивната игра во овој очаен лавиринт беше симпатична, но сепак со доза на малку изнасилена лажовност, лицемерие и преигрување. Вакво преигрување следеше и во појавувањето на слугата, кој беше рецидив од класицистичката игра и повеќе од комедија дел арте – интригантството, па дури и со иронична извитопереност, што ја намалуваше сериозноста на сликите и појавите кога е на сцена. Ригидното беше однесувањето на Брик, а неговиот делириум тременс протекуваше со агресивност и смешни виења на месечина. Ваквиот поставен лик на Меги успеа до крај да го издржи товарот на бремето. Меги е жена желна за љубов, Меги е болната точка во блискиот, пријателски, свет на Брик и неговиот колега спортист. Таа дојдена сиромашна девојка на огромниот богат имот се бори да добие, да добијат наследство со Брик. Меги е обидот и надежта за заживување на животот, на куќата. Нејзината, веќе психотична, похотлива и набрекната желба за живот, за љубов, па и за егзистенцијална сигурност никогаш не згаснува. Покажувајќи го изворот на вистината за сите дупки и вистини во општеството, раскол е во нерасчистената хомосексуално-пријателска љубов. Костимите (на Марина Раичинова) во поголем дел ја освојуваа алузијата на времето и кај ликовите, нивниот статус и возраста. Кореографијата (на Кренаре Невзати – Кери) најмногу ја видовме преку танцовите движења и елементи, во складност со дијалошките игри. Светло ефектот – најавувач за следното што доаѓа и ударен фон како поткрепа на психолошките напнатости кај ликовите.
Музиката на група Чикаго и Вебстер-саксофон беше доследна лежерност на сета постановка, со психолошка нестабилност што врие во домот; взаемност во лажовните прослави и во надежните обиди за поинаков живот.

2018-08-21T17:21:41+00:00 август 1st, 2003|Categories: Осврти, Театар/Филм, Блесок бр. 33|