Има и полоши нешта

/, Театар/Филм, Блесок бр. 33/Има и полоши нешта

Има и полоши нешта

Лица
… 1. ..

Спална соба. На средина брачен кревет. Покрај него две ноќни орманчиња. На креветот лежат Луција и Бернард. Тој ја гушка. Таа се истргнува и станува.
Бернард: Што чекаш? Соблекувај се!
Луција: Ке се соблечам во бањата… (тргнува кон вратата)
Бернард: Во бањата? Веројатно нема таму?
Луција (се свртува): Секако дека нема. Одам да се туширам.
Бернард (разочарано): Гомна.
Луција: Веројатно можеш да се стрпиш за некоја минута!
Бернард: Тоа можеше и подоцна да го направиш.
Луција: Сакам да ја исперам оваа пот од мене. После мене ти си на ред. Не ја поднесувам миризбата на пот. Посебно туѓата!
Бернард: Кој ли ќе чека толку долго! Ќе се тушираме заедно!
Луција: Еднаш веќе пробавме. И ти беше нестрплив па таму и останавме…
Не таму, не сакам повеќе!
Бернард: Зошто? Жал ти е што потроши онолку вода?
Луција: На креветот е многу поудобно. (ја отвора вратата) Малку повеќе трпение нема да ти наштети. (ја затвора вратата зад себе).
Бернард: По ѓаволите!
Станува. Чекори лево и десно по собата.
Однадвор звук на кршење гранка. Крик. Тресок.
Бернард се тргнува. Брзо се вовлекува под креветот.
Во собата дотрчува Луција во фротирана наметка.

Луција (разгледува, довикува): Бернарде! Кај си, да му се невиди?!
Бернард (под креветот): Не викај.
Луција: Кај си, по ѓаволите?!
Бернард: Под креветот. Не викај. Не сум глув.
Луција (ѕирка под креветот): Што правиш тука?
Бернард: Изигрувам баксузен љубовник. Да не отидеше под туш, до сега ќе бевме готови!
Луција: Го слушна ли тресокот?
Бернард: Веќе ти кажав дека не сум глув. Сега не ми гине ќотекот за она што не го направив. Така и ми треба, кога сум нашол љубовница на спрат!
Луција: Мислиш ли дека тоа беше маж ми? (се смее) Дали ја турна вратата? Во тој случај веќе би бил овде.
Бернард: Можевме да го направиме тоа во приземјето. И таму има соба и кревет. Во случај да дојде волот, лесно можам да излезам. И тоа без падобран…
Луција: Не зборувај глупости. Тоа никако не можеше да биде тој. Знаеш дека се јавив на аеродромот. Ми кажаа дека неговиот авион полета.
Бернард: Со него или без него? Тоа не си прашала.
Луција: Ако не полетал, веќе одамна би слетал, ако веќе се посомневал дека имам љубовник… А, можеби, сепак е тој. Скокнал со падобранот точно во дворот! (се смее)
Бернард: Тебе сега ти е до шега!
Луција: Бернарде, излези и види што се случи надвор!
Бернард: Оди ти. Не е моја оваа куќа.
Луција: Кукавица!
Бернард: Замолчи!
Ѕвоно.
Луција се тргнува.

Бернард: Ти кажав ли дека е тој. Е, сега загазив!
Луција: Не е тој. Тој не ѕвони така. Всушност, тој никогаш не ѕвони.
Ѕвоно.

Бернард: Ама е нестрплив. А мене ми се потсмеваше.
Луција излегува. Вратата ја остава отворена. Се слушаат нејзините чекори додека се симнува по скалите.
Потоа и нејзините и уште едни чекори.
Влегуваат Луција и Ален којшто го носи Мартин на грб.

Ален: Каде да го спуштам, госпоѓо?
Луција: На креветот.
Бернард: Таман работа!
Ален (гледа изненадено во креветот): Молам?
Луција: Зарем сè уште си овде, Бернарде?
Бернард: А каде на друго место?
Луција: Можеше веќе да излезеш. Овој не е тој.
Бернард излегува. Зачудено го набљудува Ален, а овој него.
Ален го фрла Мартин на креветот.

Ален (на Мартин): Извини, стари, ама беше тежок. Се препотив како магаре додека те донесам!
Луција: Беше? Му зборувате како да е мртов.
Бернард: Кои ти се пак овие?
Луција: Минувачи.
Бернард: Само не ме прашувај што правев долу!
Кратка пауза.

Бернард: Можам да правам сè што ќе посакам. Креветот е мој!
Луција: Бернард!
Бернард: И оваа соба…
Ален: Не ве интересира што му се случи на Мартин?
Бернард: Кој Мартин?
Ален: Ја скрши ногата.
Бернард: Значи, тоа беше причината за тресокот?
Ален: Беше на гранката.
Бернард: Зарем ја сечеше гранката под себе?
Ален: Не. Не мораше. Гранката веќе беше гнила… А можеби и не беше гнила, ами само сува…
Бернард: Што правел на гранката?
Ален: Веројатно нешто берел.
Бернард: Берел. Што ли можел да бере?
Ален: Зарем Вие не знаете какво дрво е тоа? Зарем не е и тоа дрво ваше?
Бернард: Зарем падна од дрвото во овој двор?
Ален: Падна од дабовото дрво под прозорецот.
Бернард: Дабот не дава никакви плодови. Барем не такви што се јадат.
Ален: Плодовите на дабот се желадите. Дивите свињи ги јадат. А ни домашните нема да ги заобиколат.
Бернард: Јас не одгледувам ниту домашни свињи, а камоли пак диви!
Ален: Ако немате пари за кафе, можете да го сварите од желадите.
Бернард: Тогаш тоа не би било кафе.
Луција: Доста со негодувања. Мора да превземеме нешто!
Ален: Имате ли телефон?
Луција: Во ходникот е.
Ален излегува.

Бернард: Кој ѓавол ги пушти овие да влезат. Можеа да стопираат. Секој унесреќен би го пренеле до болница.
Луција: Ѕвонеше. Помислив дека е тој… Знаеш веќе кој. Едвард.
Бернард се намуртува.

Луција: Се извинувам. Знам дека не сакаш да го споменувам неговото име. Ми се испушти.
Бернард; Не сакам воопшто да го спомнуваш. Ниту да асоцираш со било што на него!
Луција: Ја отворив вратата, а овој што носеше ми рече дека се вика Ален, а оној на грбот не беше во состојба да се претстави па го претстави Ален. Се вика Мартин… Всушност, така го именува самиот Ален, затоа што не му го знае името… Малиот од паѓањето постојано е во бесвест. Ален ме праша каде да го однесе Мартин…
Бернард: А ти, глупачке, му кажа да го однесе горе!
Луција: Прости, но бев збунета. Не ни стасав да размислам. Во потсвеста ми беше дека ти си горе и дека најдобро знаеш каде треба да оди Мартин. Односно каде треба да се испрати.
Бернард: На тоа и самата требаше да се сетиш. Сега Ален ќе повика брза помош. Се надевам дека нема да чекаме долго на нив.
Вратата се отвара. Влегува Ален.

Луција: Еве го!
Бернард: Долго те немаше. Доби ли врска?
Ален: Да, малку тешко, но да.
Луција: Зарем беше зафатено?
Ален: Не. Само беше потешко да се добие кога е меѓуградска.
Луција и Бернард: Меѓуградска?!
Ален: Да, јас не сум одовде.
Бернард: Зарем мислиш дека брзата помош од твојот град би дошла порано од нашата?
Ален: Каква брза помош. Се јавив на мама.
Луција и Бернард: На мама?!
Ален: Морав да ѝ јавам дека среќно допатував. Сега веќе не мора да се грижи.
Луција: Вие не сте нормален!
Ален (се фаќа за џебот): Колку должам за телефонот?
Луција (приоѓа до креветот. го набљудува Мартин): Овој сè уште е во бесвест…
Бернард: И подобро. Неговото кукање би ми одело на нерви.
Луција: Веднаш треба да се повика брза помош.
Бернард (го погледнува Ален): А не мама?!
Ален стемнето го погледнува Бернард.

Луција: Кој ќе ја повика брзата?
Бернард: Нека ја повика Мартин кога ќе се освести. Нему му е потребна, а не мене.
Луција: Многу духовито.
Ален: Јас ќе повикам, кој е бројот на брзата помош?
Бернард: Немам поим. Никогаш и не ми требала, и се надевам дека никогаш нема да ми затреба.
Луција: Ни јас не го знам напамет. Треба да се види во именикот.
Бернард (на Луција): Пронајди го бројот и повикај. Поздрави го докторот во мое име…
Бернард тргнува кон вратата. Пред вратата се свртува и на Луција во воздухот ѝ праќа бакнеж.
Бернард (ја фаќа рачката): Чао, кукличке!
Луција: Бернарде, што треба ова да значи?
Бернард: Тоа што гледаш. Заминувам…
Луција: Каде?
Бернард: Кај својата жена и дечињата.
Ален (кон Бернард): Извинете, но зарем пред малку не рековте дека оваа е…
Бернард: Тебе никој ништо не те праша.
Ален: Ако не сте во Вашата куќа, немате право да ми се дерете!
Бернард замавнува со раката кон Ален. Ален клекнува на подот штитејќи се со рацете во очекување на удар. Но раката на Бернард останува да виси во воздухот.

Бернард: Ти си крив за сè. Зарем мораше да дојдеш во нашиот град? Да поминуваш покрај оваа куќа? Да видиш мајмун на дрвото. И да го собереш! Па со него на грб да влезеш и да ни пречиш! Зарем мораше?
Ален е сè уште клекнат. Бернард ја спушта раката. Луција гледа ту во Ален ту во Мартин.

Бернард: Ма, што ми е гајле. Ова не ме интересира. (ја зграпчува рачката) Збогум на сите!
Луција: Бернард!
Бернард (застанува, се свртува): Што сакаш сега?
Ален станува. Ги гледа нив двајцата.

Луција: Кога ќе дојдеш пак?
Бернард: Никогаш (ја зграпчува рачката)!
Луција: Бернард, застани!
Бернард (се свртува): Застанав, но ова е последен пат.
Луција: Бернарде, можеме да продолжиме таму каде што застанавме…
Бернард: Зарем пред овој воајер? (го погледнува Ален) Зарем пред овие воајери? (го погледнува Мартин)
Луција: Не мислев на тоа…
Бернард: На што мислеше?
Луција: Не мислев само на тоа… Мислев на нашата врска во целина…
Бернард: Вистина? Не трае ли предолго ова меѓу нас?
Кратка пауза.

Луција: Добро, овие двајца ќе ги истерам. Ќе продолжиме таму каде што застанавме, не мораш да се тушираш…
Бернард: Сепак сакам да се истуширам. Но во својата куќа.
Луција здрвено го гледа.

Бернард: Најди друг. Денес тоа не е некаков проблем. Особено за тебе, имајќи го предвид твојот изглед. (ја зграпчува рачката)
Луција (плачливо): Бернарде, како ќе издражам без тебе?!
Бернард: Како Скарлет без Рет. Почекај на другиот ден. (ја отвара вратата)
Луција истрчува. Застанува пред Бернард. Ја затвора вратата.

Бернард: Што треба ова да значи?
Луција: Дека засега не можеш да излезеш.
Бернард: А кога ќе можам?
Луција: Кога ќе расчистиме со некои работи!
Ален: Ве молам, пуштете ме да излезам, а потоа расчистувајте што сакате и колку сакате.
Бернард: Пушти го човекот да излезе, кога веќе те моли!
Луција: Ма ајде, па да ја искористиш приликата и да побегнеш заедно со него! Не сум толку луда!
Бернард: Што сакаш од мене?
Луција: Најпрво седни.
Бернард: Можам и да стојам.
Луција: Ти препорачувам да седнеш. Може да те заболат нозете.
Бернард: Има и полоши нешта. (го погледнува Мартин) Барем нема ниедна да скршам.
Ален почнува вештачки да се смее.

Бернард (го пресекува Ален со поглед): Што ти е смешно?
Ален (престанува да се смее): Ништо, ништо. Тоа е само мојата нервоза…
Бернард: Некоја смешна нервоза… (кон Луција) Што сакаш? Немам многу време…
Луција: Ма, немој. А мислеше да останеш овде преку целиот викенд!
Бернард: Се премислив.
Луција (радосно): Се премисли?
Бернард се насмевнува.

Ален (на Бернард): И Вас Ве фати нервозата?
Луција: Зарем вистина мислеше да ме оставиш?
Бернард: Нема да те оставам сè додека не се тргнеш од вратата.
Луција: Бернарде, тоа нема да оди така лесно. Знаеш ли колку сме заедно ние двајцата?
Бернард: Не сакам да се исповедам пред сведоци.
Луција (кон Ален): Ве молам, оддалечете се додека разговараме.
Ален: Со задоволство, но не знам каде?
Луција (му покажува): Пикнете се во овој орман.
Ален ја послушува, откако прво го отклучува орманот. Луција заклучува по него.

Луција: Не можеш да одиш туку-така.
Бернард: А зошто да не? Ништо не ти должам, како ни ти мене. Не мораме да се разведуваме, фала му на Бога.
Луција: Кога Едвард би побарал развод, не би трепнала. Веднаш би се согласила. Би била мртва ладна. Не, подобро кажано – би била пресреќна!…
Бернард: Јас не ти забранувам да бидеш среќна, а уште помалку да бидеш пресреќна!
Луција:… Но ти… Тоа е нешто друго. Со тебе не би ми било сеедно. Со тебе не е исто. Разбираш? Тебе те сакав и сега те сакам (заплакува). Не, тоа не би можела да го поднесам!
Бернард: Претстани да цимолиш!
Луција: Тебе не ти давам развод…
Бернард: Развод? Каков развод?
Луција: Не сакам да ме оставиш. Разбираш ли? Никогаш!
Бернард: Разбирам што значи никогаш. Никогаш не кажувај никогаш… Но, мене ми се брза!
Ја тргнува Луција, ја отвара вратата и јурнува нанадвор.
Се слушаат неговите чекори. Луција зјапа во отворената врата.

Луција (погледнува во орманот): Сега ќе се врати тој. (го вади клучот од џебот, ја затвора вратата и ја заклучува) Утре сабајле ќе го примам назад!
Ален (од орманот): Може ли сега да излезам?
Луција (зјапа во вратата): Ќе ме моли на колена. Не е тој единствен на светот. Доста бев јас негова будала!
Чекори
.

Превод од хрватски: Емилија Матаничкова

прочитај ја целата драма на
[хрватски] [англиски]

АвторЖарко Милениќ
2018-08-21T17:21:41+00:00 август 1st, 2003|Categories: Текст, Театар/Филм, Блесок бр. 33|