„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

/, Литература, Блесок бр. 116/„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот

„Oтсуството на јазикот е причината за мојата вечна несоница“: Повикани сме да го воскреснеме зборот


јули, 2017 година

Книгата на Огнен Чемерски Триста ветрила! Или за преведувањето и за пребродувањето (Блесок, 2015), во која тој зборува за своите доживувања, авантури, предизвици и возбуди при преведувањето на романот Моби Дик на македонски јазик ја прочитав набргу по издавањето. Речиси од самиот почеток на ова читање, посакав да напишам нешто за книгата, а како што напредуваше читањето, ова чувство стануваше сè посилно и појасно. Зборував и со Огнен и му пишував во ноември и во декември 2015 година, да му ја најавам оваа своја намера. А сепак, еве ме дури сега, повеќе од година и пол подоцна, како конечно се зафаќам за овој текст. Причини за ова одложено пишување можам да најдам многу, но вистината е една – сето ова време, големата потреба да се пишува за ова дело во мене не успеа да го надвладее исто толку големиот отпор, токму кон пишувањето за него.
Можеби ова погоре кажаново се чини парадоксално, но во суштина се работи за тоа што првично посакав да напишав текст во кој ќе ја пофалам не само книгата, туку и мислата, трудот и посветеноста на Огнен. Сакав тој мој текст да биде критички осврт, т.е. Професионален, објективно и („)научно(“) напишан. Токму оваа моја желба одново и одново го раѓаше и отпорот кон ваков текст, зашто јас едноставно не можев така да пишувам за оваа книга. Триста ветрила! За мене не беше (и не е) само стручен труд кој ме воодушеви, туку и едно интимно, лично писмо, кое ме допре не само на ниво на интелектуална возбуда, туку (а можеби и многу повеќе) на ниво на некоја спонтана емотивна реакција. Затоа, конечно прифатив дека е неминовно во овој мој осврт на моменти да превагне токму тоа – личното. Така, го оставам текстов што следи, како и делото за кое зборува, да се оформува како слободен хибрид меѓу научното и лирското.

Триста ветрила! Е прва авторска книга на Огнен, издадена на негова четириесетгодишна возраст. Придавката авторска овде, се разбира, е употребена условно, зашто оваа книга од околу двесте страници распоредени во шест дела, заокружени со мал англиско-македонски поморјански поимник од 262 единици, доаѓа по цела плејада преводи, кои Огнен секако (и со право) исто така би ги сметал за свои авторски дела. Триста ветрила! Е и своевидно врамување на ситно и прецизно извезаното платно на преведувачкиот подвиг на Огнен, кој минал повеќе од десет години1F истражувајќи, патувајќи, читајќи и премислувајќи го преводот на една единствена, но голема (и по обем и по значење) книга – Моби Дик (Moby-Dick; or, The Whale, 1851) од американскиот писател Хеман Мелвил (Herman Melville, 1819-1891).2F Една деценија е период прекус за човештвото, но речиси предолг за творечкиот живот на преведувачот, особено во тековниов технолошки, општествен и политички миг во кој пролиферацијата на инстант-преводите ја овозможуваат компјутерите и интернетот, а ја налагаат и ја форсираат големите проекти нарачани и спроведени од носителите на политичката моќ. Деценијата посветена на Моби Дик наспроти ваквите преводи кои мораат да се завршат сега и веднаш се чини едновремено и луксуз и лудост. Меѓутоа, додека при првично споменатите брзопотезни преведувачки партии најчесто страда токму она што тие треба да го промовираат – нашиот убав, мајчин, македонски јазик, лезетскиот превод на Огнен, неговото долгорочно, непресметано, ненарачано, домаќинско домување во јазикот е еден особено голем патриотски чин. „Патриотски во најкосмополитска смисла. Јазикот да го отворам до максимум“, како што самиот преведувач ми напиша во приватната преписка спомената погоре.

АвторЕлизабета Баковска
2020-05-05T09:28:42+00:00 октомври 21st, 2017|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 116|