Ѓавол знае

Ѓавол знае

Ѓавол знае


Превод од хрватски: Елизабета Баковска

Крештењето на папагалите го прекинува само полно грло. А нивната непослушност? Потсекување на врвот на клунот со ножички за нокти. Кога бесно го зграпчив Пилко и му ја осакатив папагалската муцка, со денови беше навреден. Не сакаше ни да ме погледне. Ама добро јадеше. Замисли: сакав да му дадам бакнеж, сакав да ја отвори устата и како обично да ми чукне со клунот по забите, а тој со сета сила ме штипна за меката ’рскавица меѓу носниците. Како во мене бликна толкава нагонска срџба и како во близина се најдоа ножичките, ѓавол знае.

Пилко го добив од бившата девојка пред неколку месеци, уште ткивото над клунот му беше розово од младост. Тања, мојата бивша, секој ден стоеше покрај кафезот и чурликаше, ги пучеше усните и произведуваше некои звуци кои требаше да му објаснат дека е добредојден и дека ни е мил. Го учеше и некои зборови, ама никогаш не зуцна. Жолт како пиле, замаено зјапаше во нејзините усни, ја кривеше главата и шеташе лево-десно по својата пречка. Потоа дознавме дека Пилко е всушност женка и затоа не е добар за брборење. Повторував колку е тоа смешно иронично, а Тања веднаш почна да бара зет и да смислува опции за гнездо. Таа работа нагло е прекината оти ние, заради немоќта да изведеме наши сопствени младенчиња, одлучивме да се откажеме од животот во пар. Тоа што Пилко остана со мене е чиста случајност. Всушност, мислам дека Тања, кога излегуваше од станот влечејќи ги оние два тешки куфери, целосно заборави дека би требало да ја земе птицата.

„Чувај се“, рече пред вратата да тресне зад неа. Слушнав како тркалцата на куферот прескокнуваат по скалите. Беше доцна попладне, луѓето се враќаа од работа и ги прегрнуваа жените и децата, а јас седев сам на каучот пред телевизорот. Пилко хистерично ја вртеше главата зад мојот грб.

Лудо ја љубев Тања, не е тајна. Заради неа би примил дома куп валкани стаорци, а камоли еден папагал.

Се запознавме во средно. Попатни разговори, студена пристојност и „ги имаш ли решенијата по математика“. Таа беше популарна девојка, фраерка, одеше со дечковци кои тренираа груби спортови и носеа тесни маици. Јас бев нормален дечко, недоволно интересен да прискокнам, недоволно глуп тоа да не го забележувам. Се запишавме на различни факултети, но секогаш ја гледав по трамваите, на улиците, во клубовите, по кафулињата. На речиси секој концерт на кој ќе одев од купиштата пијани глави во некој момент ќе ѕирнеше Тања, свежа и ведра. Еднаш отидов на море, летото веќе беше поодминато и едвај ја натерав старата да ми позајми пари.

Влетав во автобусот во последен момент и седнав, сиот испотен и леплив, а потоа сфатив дека златната коса на седиштето пред мене беше Тања. Одевме на летување во исто место, дури и апартманот ни беше на истата улица. Тие чудни случајности сѐ повеќе ме лепеа за Тања. Ме интересираше како се развива нејзиниот живот, дали уште е успешна и зошто луѓето толку ја сакаат. Беше убава, но со необични црти на лицето. Имаше полни усни, малку предолг нос и тесни, косо поставени сиви очи. Тоа лето конечно ѝ го привлеков вниманието и почнавме да се дружиме. Како успеав, ѓавол знае.

Откако Тања си отиде, Пилко почна чудно да се однесува. Наутро пиштеше кога ќе ме здогледаше, ги ширеше крилјата и го покажуваше јазикот. Да беше кое било друго животно, сигурно ќе ’ржеше кога ќе му се појавев во видното поле. Вака тоа ситно купче жолто перје изгледаше како пореметен бедник. Претпоставив дека му недостига Тања и не му се обраќав.

„Колку е сладок“, рече женската која ја донесов дома една ноќ. Се нишкаше пред кафезот, торбичката ѝ испадна од рацете. Пилко во полумракот зјапаше во неа не помрднувајќи се. Немав поим како се вика. Ја запознав на шанкот, можеше да испие скоро исто толку мене. Тања од едно пиво беше мртва и се кикотеше како цврцната тинејџерка. Ја закачив јакната на закачалка и отидов до фрижидерот да извадам шише вино. Женската стоеше пред кафезот и ц’цкаше, а потоа го пикна прстот низ решетките. Молчев. Имаше долг вештачки нокот кој личеше на грда црвена канџа. Пилко се залета, диво заврти со главата и ја штипна. За момент од очите му блесна сирова омраза, дури и јас направив еден чекор назад. Женската врисна и почна со сета сила да си го цица прстот. Не знам кога последен пат толку сум се смеел. Тања не беше духовита, тоа ѝ беше единствената маана. Го испразнивме она шише црвено вино и се префрливме на каучот. Додека се забивав во неа, слушнавме врева од кафезот на Пилко. Погледнав зад себе: лудакот со сета сила лупаше со главата во малото тркалезно огледало кое Тања му го имаше ставено во кафезот.

„Зошто имаш слика на Тања Саблиќ во бањата?“ ме праша женската наутро, кога конечно почна да се подготвува да си оди. Не одговорив, гледав телевизија.

Секое утро го местам креветот и ја ветреам собата, а потоа си варам кафе. Црно, без шеќер. Такво пие и Тања, со кроасан. На Пилко му ставам храна и вода и му го преместувам кафезот поблиску до прозорецот. Додека ме нема, подобро да гледа надвор. Кога онаа женска со плачење излета од станот тоа утро, прво повратив, па потоа отидов да поспијам уште малку.

Сонував дека Тања се вратила и дека во рацете носи девојче со мека жолта коса. Имаше големи тркалезни очи и гледаше право во мене. Сонот многу ме вознемири, па ѝ се јавив на Тања да видам како е. Некој глас ми рече дека тој број веќе не постои.

Се обидував да не мислам на неа, но едноставно не можев. Знаев сѐ за Тања и не можев да се замислам со некоја друга жена. Можев во секов време да изрецитирам список на нејзините омилени книги и филмови, ги знаев марките на нејзините кармини и сенки за очи, во главата ми се вртеа нежни приказни од нејзиното детство и слатки соништа за иднината. Предолго беше дел од моето секојдневие и таквите навики тешко се сечат од животот. Не плачев, ама деновите ми минуваа во сува тишина и постојано присеќавање. Нешто мораше да се стори.

Морам да ја видам.

Сонцето веќе добро грееше, ама облеков јакна. Ме тресеше некоја грозница, можеби од алкохолот кој синоќа го влеав во себе. Влегов в кола. Во паркот нема многу луѓе, само весела гужва околу справите за играње. Тања седеше на една клупичка до тобоганот. Кога ме виде, стана, го извади мобилниот и се јави некаде. Изгледаше вознемирено, можеби дури и уплашено.

„Не смеете да ми се приближувате!“ викна. „Повикав полиција.“

Ми се тресеа рацете и сетив како преку слепоочниците ми тече пот. Беше претопло, а јас се бев облекол како веќе да е есен. Се збунив, заборавив што сакав да ја прашам Тања и зошто всушност дојдов овде. Некоја пријателка ја прегрна околу половината и нешто вознемирено ѝ шепотеше. Женската ми беше позната, веројатно ја имав видено на телевизија. Можеби била во емисијата на Тања. Ме болеше главата и пак ми се повраќаше. Тања Саблиќ, најубавото лице на малите екрани. Со раката се придржував за оградата и се обидував да останам присебен. Бидете со Тања секој ден во 18 и Потта ми влегуваше в очи и почна да ме пече. Тања – секој ден во вашата дневна соба. Можеби имам шамиче во џебот. Убавата водителка Тања Саблиќ на хуманитарниот саем продава папагали. Ја извлеков раката од џебот, а некој врисна. На дланката ми лежеше жолт папагал, нозете му беа свртени кон небото, а јазикот му ѕиркаше од отворениот тап клун. Пилко, мртов ладен, зјапаше во мене. Како се нашол тука, ѓавол знае.

АвторКорана Сердаревиќ
2018-12-19T13:04:58+00:00 ноември 12th, 2015|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 101-102|