Улогата на моето семејство во светската револуција

/, Литература, Блесок бр. 106/Улогата на моето семејство во светската револуција

Улогата на моето семејство во светската револуција

Улогата на моето семејство во светската револуција


Мама соши торбичка. На торбичката ги извезе буквите: „За весници“. Го извезе и тато, седнат на шолјата со стурнати панталони, чита. Везеното беше во три бои, за тато, за панталоните, за весниците. Тато на торбичката беше како жив, освен што, далеку од вистината, претставен е ќелав, најверојатно заради освета. Во торбичката ставаа весници исечени со големиот кујнски нож. Весниците ги сечеше дедо, а беа само оние кои тато веќе ги беше прочитал. Сето ова јас го обработив како домашна задача „Нашиот живот во клозетот и воопшто“. Мама рече: „Какво свинско школо е тоа кога сè вади на виделина, страшно!“ Јас ѝ одговорив: „Санкир мене некој ме прашува!“

Мама се качуваше на прозорецот со крпа в рака. Тука висеше над дупката од три ката и ги бришеше стаклата. Дома врискаа, дедо сакаше да ја држи за нозете, една тетка падна во несвест. Тато ја праша: „Мораш ли да висиш дури миеш!“ Мама рече: „Морам!“ Мама вареше домати во големо тенџере за алишта, а тоа вриеше. Мама стоеше на столчето и оттаму го мешаше со долга кутлача, од далечина. Вујче велеше: „А ако падне во тенџерето!“ Доматите прскаа на сите страни, го валкаа ѕидот и нè гореа по прстите. Мама објаснуваше: „Шо да правам!“ Животот беше полн со опасности.

Мама донесе една кокошка која креваше голема врева и оставаше пердуви по сета куќа. Едно време кокошката ја влечев на едно јаженце, а потоа мама ја фати за крилјата и ѝ ја отсече главата во клозетската шолја. Мама пушти вода, кокошката без глава се тресеше во едно ќоше и искрвави на топлинките на мама. Ова беше страшно, ама весело. Мама нареди: „Ајде да се оптегнат пердињата!“ Пердињата беа испрани и сè уште влажни, дедо и вујче ги фаќаа за краевите и ги тегнеа до смрт. Мама опоменуваше: „Не ми вредат ништо ако ги испокинете!“ Дедо се бунеше: „Како да сме на брод!“ Мама одговори: „Поарно ќе беше сама да си ја завршев работата, иако немам машка рака!“ Мама развлекуваше кори за пита, корите беа големи, се протегаа преку столчињата, воздухот се триеше, се слушаше шумот на сето тоа. Мама ги обеси кошулите на тато во бањата. Одгоре, од наводенетите ракави, капеше како порој, а дедо праша: „Да земам чадор дур серам!“ Мама ги редеше теглите со туршија по клавирот марка Bezndorfer. Теглите беа завиткани во шалови дури не се оладат, а клавирот од нив на средината малку се вдлабна. Мама сушеше боранија раширена по стари весници, сето тоa шуштеше, горе, високо по креденците. Мама исече јуфки за три месеци однапред, јуфките ги растури по креветите, да се сушат. Тато викна: „До кога ќе трае оваа воена состојба!“ Вујче рече: „Јас ќе направам скеле за движење!“ Јас прашав: „Во театар сме!“ Мама рече: „Ај, ќе ме барате вие мене, ама јас ќе висам на таван!“ Дедо ја праша: „Зошто!“ Мама одговори: „Кога ќе ми се стемни пред очи!“

Мама јадеше сарма, ама еден лист од зелка ѝ се заглави во грлото. Почна да кркори, да мавта со рацете низ воздухот, на крај, едвај го проголта. Потоа раскажа: „Веќе бев со едната нога в гроб, ќе умрев пред очите на сите!“ Дедо рече: „Ма немој!“ Таа продолжи: „Ама што е тоа во споредба со случајот кога ме турнаа во вода, од зад грб!“ Подоцна рече: „Да не беше она морнариштето што ме грабна и што ве праша дали вие воопшто знаете да пливате!“ Мама секогаш раскажуваше некоја ужасна работа од животот, ама додаваше и уште една, пострашна. „А кога паднав од трамвајот, па господинот професор ме тргна и сè на мене испука!“ Тетките рекоа: „Блазе си ти!“ Дедо ја предупреди: „Само вие учете се на најлошите примери од светскиот живот!“ Мама покажа на календарот на Трговската младина кој висеше на ѕидот: „Овде сè пишува, црно на бело!“ На календарот беа забележани трезните денови на тато, родендените на сите членови на семејството, како и годишнината од падот на мама по скалите во стоковната куќа „Та-та“. Мама тврдеше: „Осум дена бев ни жива ни мртва!“ Таа времето го сметаше по осум дена, четиринаесет дена и шест недели, мама најмногу го сакаше периодот од шест недели, сето ова го означуваше траењето на некои болести.
Мама ја болеа забите. Ја виткаше главата во различни крпи и урлаше, ние не ја препознававме. Дедо ја загреа пеглата и ја притисна на образот на мама. Мама се изгоре, без оглед на шалот, ама забоболката не престануваше од тоа, напротив. Потоа мама рече: „Еве, овде, ми излегува некоја коска!“ Сите го пипкаа израстокот на ногата на мама кој подоцна исчезна. Мама зборуваше: „Барем да си го знаев денот и часот на умирачката, потоа ќе бев сосема мирна!“ Вујче ѝ одговори: „Ти се плашиш и од црвот во јаболкото, а камоли од вакво нешто!“ Мама изјави: „Јас во една порта видов манијак, во улицата ’Царица Милица‘! Сите замолчеа, а таа додаде: „Имаше само мантил, распетлан, а воопшто не врнеше!“ Потоа се сврти кон мене и викна: „Мораш ли да ги слушаш овие гнасотилаци кои не се за мали деца!“ Јас реков: „Морам!“ Таа потоа на сите им кажа: „Да не беше ова кутро дете меѓу нас, ќе ви раскажев филм што воопшто не го гледав!“ Дедо веднаш скокна: „Тоа мора да е нешто мрсно!“ Мама рече: „Не е, освен што тој ѝ пријде со нешто злосторничко во очите, а таа, сета во солзи, почна да ја распетлува својата прекрасна блуза од маркизет!“

Мама излезе на скалите да нахрани некој питач, а потоа раскажа: „Најмногу ги сакам оние кои ќе дојдат и ќе кажат мајка ми умре, татко ми е в болница, а јас сум луд“. Дедо одговори: „Така и ти треба!“ Мама објасни: „Да, оти после гледам дека има и понесреќни луѓе од нас и на кои им давам манџа од завчера, а инаку ќе ја фрлев в ѓубре!“ После се сети на уште нешто: „Кога ќе помислам дека цел ден треба да подготвувам проклет ручек кој ќе се изеде за десет минути!“ Дедо праша: „А што сакаш ти!“ Мама рече: „Ништо, јас не се жалам оти ќе се сетам колку има слепи и сакати и секакви чуда, а јас, фала богу, здрава сум ко дрен!“ Мама секогаш помислуваше на многу случаи на неправди и болештини кои царуваа насекаде околу нас, ама на крајот секогаш пронаоѓаше нешто што сите многу ќе нè израдуваше. Тато и понатаму често зборуваше: „Мајка е светица!“, ама некако потсмешливо. Тетките ми дадоа да прочитам една приказна за една мајка која боса собира гранчиња низ шумата, само потоа доаѓаат волците и ја растргнуваат.

АвторБора Ќосиќ
2018-12-19T12:15:53+00:00 март 30th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 106|