Тивкоста на страшниот шепот на Ленче Милошевска

/, Литература, Блесок бр. 14/Тивкоста на страшниот шепот на Ленче Милошевска

Тивкоста на страшниот шепот на Ленче Милошевска

(Ленче Милошевска, КАМЕНИ ПОРАКИ. Матица Македонска, Скопје 1999)

Ленче Милошевска, со своето ненаметливо присуство во македонската култура, од македонските читатели небаре повеќе се восприема со резултатите од преведувачката дејност (која, впрочем, е верифицирана и со две преведувачки награди: Божидар Настев и Ванѓа Чашуле). Но, очигледно е дека скромната природа на авторката Ленче Милошевска ѝ прави штета на севкупната творечка личност на Ленче Милошевска во која авторството се затскрива зад божем поважната, пообезличената работа врз преводот кој има за цел, всушност, да покаже, во новиот јазичен медиум – друг автор.
Поводот за ова укажување на вредностите на авторските текстови на Ленче Милошевска (Жедната земја моја, 1992; Кадилница на денот, 1996; Кумова слама, 1997) е исчитувањето на најновата поетска збирка на Ленче Милошевска Камени пораки (1999) која ја препорачуваме пред македонската читателска публика.
Стихозбирката Камени пораки е конструирана од два циклуса со нееднаква големина: циклусот Мотиви од Матка содржи 36 песни, а циклусот Метаграми само 7 песни. Сите песни во оваа поетска книга се групираат во хетерострифична група песни без рими или без друг вид гласовни совпаѓања и во лирска проза во која квантитативно се постигнува баланс со другата група песни при што станува повидлива поентираноста на суптилната лиричност.
Во своите песни Ленче Милошевска на мошне интересен начин ја варира употребата на второто лице. Најчесто ова лице ја отвора двополовата љубовна релација Јас: ти (Возрасни сме и не ѝ прилега на нашата љубов да нема разум, но ако ти посакаш, можам и робинка да ти бидамЉубов), но интересно е дека ти-обраќањето се користи и за оние случаи во кои македонскиот јазик подразбира и соговорник но и неутрално обраќање „во принцип“ при што исказот може да подразбере и своевидно „автообраќање“:

Игра со непознатото

Животот си игра со Непознатото.
Од кожурец излезен
во кожурец се враќаш.

Болката те пораснува.
Најчесто си само прекуброен гледач
во театарот на промашувањата.

Ти се случува и да плетеш
(за
себе)
мрежа од копринена преѓа.

Оваа употреба на второто лице може да има и варијанта на солидарно обраќање до жена, како во песната

Од паганските обредни жртвувања

Гола те изнесоа,
не припадна на сонце.

Те жртвуваа невина
и бела како алабастер.

Не стрештија небесата
и пороен дожд не се истури.

Понижени и исмеани
се разбегаа паганите.

Згрозени од нивната подмолна
острастеност,
жртвеникот и јас те паметиме.

Ленче Милошевска својата женска суптилност ја посочува најдиректно во песните со јас: ти релацијата, но суптилноста е јасниот, видлив амалгам и на другите песни. И песните во кои се варира првото лице еднина и множина и оние во кои небаре се инсистира врз дистанцата што ја овозможува третото лице, Ленче Милошевска со истата женска префинетост го набљудува светот согледувајќи навидум ситни, неважни нешта кои, всушност, ги испишуваат универзалните вистини за животот и за појавите кои повторувајќи се ги градат неминовните законитости што сурово управуваат со човечките животи.
„За да ја одморам и прочистам, рамно шест векови ја замрзнувам душата“ небаре е клучниот стих за ставот на лирскиот субјект кон светот. Невнимателните ќе го прочитаат само неговото значење на „пасивност“, „подложност“ кое, несомнено, постои и тука како и во другите песни на Ленче Милошевска. Но вака формулираните чувства (кон светот, кон другите, кон саканиот Друг и Инаков) не го престоруваат лирскиот субјект во безличен роб туку во активно мислечко суштество кое во својата тивка загледаност во дефектите на светот умее да се согласи со улогата на жртва при што се прави суптилна конверзија: жртвата станува контемплативен агенс кој нуди и инакво решение за нештата и кој, несомнено, укажува на својата свест и свесност за сите односи во кои влегува.
Свесноста, тоа, според нас, е клучниот белег на оваа поезија која не вреска, не извикува, не лелека и не крикнува. Таа, би рекле, со страшен шепот навидум невозбудено кажува крајно возбудливи сознанија кои, очигледно, на инаков начин го брануваат внатрешниот свет на Ленче Милошевска. Како страшен, заканувачки шепот кој токму со тивкоста нè напрегнува подобро да ги слушнеме неговите вистини, звучат стиховите на непретенциозната Ленче Милошевска која токму со таа непретенциозност го изострува фонот за своите стихови, речиси мимикрични, срамежливи и затскриени зад скромноста на авторот – човек што треба да ги пласира пред читателите.
Играта на срамот и (само)свеста најдобро ја реализира, на рамниште на песна текстот

Скулптура.
Акт.

Создадена од светли
и засенчени треперења
во еднакви мери,
идеални облици имам.

Сепак, ова голо тело,
оваа нажежена плот,
само материјал
за вајање беше.

Суптилната еротичност на оваа песна се остварува со „алибито“ кое го дава насловот. „Еднаквите мери“, „идеалните облици“ припаѓаат кон сферата што ја отвора насловот, па самобендисаноста на првото лице се игнорира, сè до втората строфа во која се случува пресвртот, конверзијата на совршените пропорции во тело кое плотно допрва треба да ја добие верификацијата за својата идеалност
Ленче Милошевска во својата поезија во најновата поетска книга го допира и неминовниот проблем на времето. Овој мотив потранспарентно изведен во песната Сага, според нас, виртуозно е вткаен во покомплексната песна Пролет, лето, есен во која љубовниот мотив е само параван за мотивот на вечната осуденост на човекот на самотија, што впрочем, е мотив кој Ленче Милошевска го решава во повеќе од нејзините песни.
„Мравки сме кои изодуваат пат долг милиони светлосни години и си мислат дека најпосле, зашто можело и поинаку да заврши, среќно стигнале на крајот“, вели Ленче Милошевска во својот текст Од другата страна на нашите животи. Таа навистина, согласно со својата човечка природа, тивко, но со несоборлива цврстина во која има толку многу толеранција за Другиот, ги кажува своите осознаени вистини, кои навистина, најчесто нè прават „совршено осамени“, но и совршено свесни дека – сме луѓе.
Тивките гласови, тие мошне често можат да се изгубат во бесмислената врева на празните зборови. Имајте доверба, слушнете го шепотот на оваа поезија која, ако се вслушате, може да ве изнанади со чудесни вистини!

2018-08-21T17:22:04+00:00 април 1st, 2000|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 14|