Тешки вистини, лесно

/, Литература, Блесок бр. 58/Тешки вистини, лесно

Тешки вистини, лесно

Со неговиот релаксиран, калифорниски глас, поетот од Беркли Роберт Хас го стопува историското со интимното во „Време и материјали“, неговата најусшешна збирка досега, пишува Синтија Хејвен за Сан Франциско магазин [http://www.sanfran.com/archives/view_story/1852/]

#1 Сето морализирање е банално. Да напишеш дека војната е лоша, чесноста е најдобриот начин, смртта нè чека сите, е да се предадеш на клишето. Вистина е, но како да направиш да биде почувствувана? Уметноста на поезијата е во правењето на очигледното прекрасно и повторно ново, постигнувајќи впечатлив говор. Песните на Роберт Хас, особено во оваа долго очекувана петта збирка, „Време и материјали: Песни 1997-2005“, го имаат токму тој ефект.
„Уметност и живот“, на пример, која е продолжено разгледување на Вермееровата Жена што точи млеко, ја истражува уметноста, реставрирањето, светлината, бојата, и преродбата – речиси во еден долг, чудесен здив. Хас, кој предава на универзитетот Беркли, им се опира на брзиот цитат или лесната фраза: чудесното во оваа извонредна песна е колку таа тивко кружи и кружи и се враќа во себе низ повеќе од три страници.
Тоа што е уште поретко е тивкиот морален авторитет што зборува во новите песни, сигурноста на гласот што може да се соочи со ужасите на војната и со боровинките во Инвернес на истиот одмерен начин, без хистерија или хипербола. Секоја песна му се опира на очигледниот бомбастичен стих, а наместо тоа содржи бавни ефекти што земаат засил низ целата збирка, одмерувајќи ги нашите дејства и избори наспроти позадината од тишина и смрт. Хас отсекогаш се обидувал да ги поврзе историските мигови со интимните, но овде спојот е блиску до совршен. Гласот што зборува во овие песни е помудар, поискусен, посигурен во себе и во својот терен.
Овие песни ја продолжуваат животната медитација на Хас за загубата, за сеќавањето, за тагата и восхитот, за разните настани „преку кои среќата/ и ужасот влегуваат во светот,“ како што вели во една од песните и, сè повеќе, за тоа што тој го нарекува нашата морална одговорност пред историјата.
На одреден начин, овие размислувања имаат почнато со лична визија во една од првите значајни песни на Хас, „Медитација кај Лагунитас“, со нејзините речиси епиграмски први стихови – „Сето ново размислување е за загубата./ По ова е слично на сето старо размислување“ – и постепено го прегрнале светот. Со релаксираниот, калифорниски глас на Хас кој размислува гласно, песните обично звучат како продолжена дискусија со себеси. Глас олку ненаметлив може да се справи со материја што би била, во помалку вешти раце, просто груба и тенденциозна.
Разгледајте ја, на пример, „Предлогот на Езра Паунд“, која почнува спомнувајќи го тврдењето на Паунд дека, со зборовите на Хас, „Убавината е сексуална, а сексуалноста/ Е плодноста на земјата а плодноста/ на земјата е економијата.“ Во 22 стиха кои веќе се појавуваат на блогови и сајтови, Светската банка ги одобрува финансиите за брана што поплавува 300 села, испраќајќи ги селаните без домови во Бангкок, каде што нивните ќерки се оддаваат на проституција. Интуитивната врска искри како молња меѓу естетиката на Паунд, тајландската брана, и тинејџерката-проститутка што му се обраќа на поетот и вели, „Со добар англиски изговор, / ’Дали си за забава, големо момче?’“
Хас е роден во Сан Франциско во 1941; во држава полна со емигранти и новодојденци, тоа само по себе го прави да биде донекаде аномалија. Докторирал на Стенфорд, каде што студирал со универзитетскиот намќор, иконокластот и видовит поет Ивор Винтерс. Истакнатиот поет и поетски моќник Стенли Куниц го прогласи Хас за Млад поет на Јејл, најдоброто лансирање што оваа земја им го обезбедува на младите поети; со таа награда, Хас ја објави својата прва збирка „Водич низ полето“, во 1973. Хас доби и „грант за гениј“ од фондацијата Мекартур во 1984. Беше првиот американски поет-лауреат од Западниот брег, со мандат од 1995 до 1997. Предава на Беркли од 1989.
Неговите збирки поезија, сепак, беа малку и ретки: „Водич низ полето“ во 1973, „Пофалба“ во 1979, „Човечки желби“ во 1989, „Сонце под дрво“ во 1996 – ова во ера кога поетите се ценат според продуктивноста и штанцаат томови на секои две-три години. Хас признава дека пишува бавно и макотрпно; неговиот издавач вели дека мора да му ги оттргне ракописите од раце, а додека да излезе некоја негова книга, обожавателите молат за уште песни.
Сепак, никој не може да рече дека Хас е што било помалку од продуктивен. Тој е еден од нашите најнеуморни преведувачи, антологичари, и есеисти. Неговата „Задоволства од дваесеттиот век: Проза за поезијата“ (1984) освои награда од Националниот круг на книжевни критичари, а додека „Време и материјали“ беше во подготовка пред објавување, издавачката куќа Шумејкер и Хорд ја објавија „Сега и тогаш: Колумните Избор на поетот“, неделните колумни што Хас ги почна во весникот Вашингтон Пост за време на неговиот мандат како поет-лауреат.
Хас е еден од малкубројните поети што се истакнати во јавноста и од нелитерарни причини. Тој е во Одборот директори на Интернационалната речна мрежа, која е против уништувачките брани, и е со-основач на Река на зборови, совршено именувана организација што ги промовира писменоста, уметноста, и освестеноста за животната средина кај младите луѓе.
Нема многу поети што имаат дадено толку великодушно од себеси. Хас мина години од својот живот преведувајќи го покојниот нобеловец Чеслав Милош, неговиот сосед во Беркли, кој почина во 2004. На возраст на која повеќето поети од неговиот ранг се подготвуваат да легнат на своите ловорики, Хас повторно стана помошник – овојпат на полскиот поет кој го имаше преживеано најлошото од 20. век и напишано песни што беа незаборавни сведоштва. (Хас соработуваше со Милош на преводот на шест книги поезија и проза, а лани издаде и постхумен Избор песни.)
Великодушноста на Хас е значајна, оти самобендисаноста долго е главна одлика на поетите во оваа земја. Како и сите ние, и тие беа заштитени од историските катаклизми што ги натераа другите луѓе, на пример славните поети од источна Европа, да се свртат нанадвор. Американските поети често се чинат потонати во нивните лични забелешки и животи. Немајќи ја моралната ургентност на Хас, тие одбегнуваат да ги постават големите прашања и да дадат поопширни изјави за светот – а најчесто токму тоа читателите го бараат од поезијата. Затоа Милош ја доби Нобеловата награда во 1980. Хас во „Време и материјали“, ќе си помислите, многу би му се допаднал на Милош; неговото влијание, пред сè во трезвеноста, одлика што Милош многу ја цени, шепоти низ новата збирка.
Но додека полскиот поет компулсивно ги собира спомените за да ги зачува од уништувањето дури светот околу него пропаѓа или е уништуван, Хас често се навраќа на несовршеноста на спомените – нештата што не се случиле но на кои се сеќаваме така јасно и опипливо небаре се случиле. Меѓутоа, една автобиографска песна во новата збирка навистина делува како да е напишана од јасно присетување. Во „Светот како волја и слика“, Хас го опишува дневниот ритуал на татко му да се осигура дека неговата жена зависна од алкохол ги земала своите апчиња против злоупотреба. Иако Хас го одбива терминот исповедна, малку други зборови може да ја опишат неговата преокупација со, да речеме, алкохолизмот на мајка му, што е значајна тема во неговата збирка од 1996. Но овде тој го поврзува интимниот момент со тековниот свет и сопственото место во него. Продолжува со слика од Енеидата („Човекот/ што заминува од запалениот град со својот татко/ На рамениците, држејќи ја главата на својот млад син“) и заклучува, „Ја добиваме својата прва морална идеја/ За светот – за правдата и моќта,/ Полот и редот на нештата – од некаде.“
Најновите песни на Хас нè потсетуваат дека да бидеш целосно човек само по себе е чин на политичка субверзија. Што би можело да биде покалифорниско?

Превод од англиски: Магдалена Хорват

АвторСинтија Хејвен
2018-08-21T17:21:13+00:00 февруари 25th, 2008|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 58|