СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

/, Литература, Блесок бр. 118/СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА – ДРУГА ПРИКАЗНА

СПЕКТРИТЕ НА КУСИОТ РАСКАЗ ВО ЕДИЦИЈАТА -ДРУГА ПРИКАЗНА


2.
Општо познато е дека краткиот расказ ја има својата предисторија во усната народна приказна, а ја конституира својата историја како пишана книжевна традиција. Оваа книжевна форма, за која се вели дека „се развива во дослух со цивилизациските, културните и идеолошките констелации и поредоци“ (Ќулавкова, 2007), ја обезбедува својата жанровска посебност според примената на хронолошко – историските и стилско – формациските принципи на проучување на книжевноста. Во таа смисла, последниве десетина години и во македонската книжевно – културна средина постојат мислења кои ги согледуваат тековите и резултатите на краткиот расказ како дел од традицијата и континуитетот на современата македонска литература (Тоциновски, 2015: 219). Како сосема свежа потврда на изнесените мислења можат да послужат објавите на збирките со куси раскази од едицијата Друга приказна, која произлезе како резултат на истоимениот скопски книжевен фестивал посветен на малите фикции. Фестивалската хроника го бележи одржувањето на првото издание на Друга приказна во паркот на франкофонијата во Скопје во 2016 год., кога преку темата Книжевноста и активизмот во фокусот на вниманието беше поставено прашањето за начините на кои кусиот расказ се среќава со музиката, ликовноста и со новите медиуми. Второто фестивалско издание од 2017 год. Се одржа според ориентирот Слобода Сон Љубов воведувајќи ја со тоа поетиката на надреализмот како централна фестивалска тема во отворените разговори, книжевни читања и работилници пред градската панорама од Музејот на современата уметност на скопското кале.

3.
Кога во 2016 год. Беа објавени малите приказни Стар сум во Скопје од Давид Албахари, лауреатот на првото издание на фестивалот Друга приказна, ретко кој имаше сосема јасна претстава дека со тоа беше означен почетокот на една мошне интересна и специфична литературна авантура. Она што започна со објавата на овие шеснаесет мали концептуални приказни за староста, продолжи со објавите на кусите авторски прози што како поздрав до Албахари ги упатија Оливера Ќорвезироска и Владимир Мартиновски. Надоврзувајќи се кон објавите на споменатите автори свои други приказни во периодот помеѓу двата фестивала раскажаа уште и Иван Шопов, Пандалф Вулкански, Румена Бужаровска, Владимир Лукаш, Ирена Ристиќ, а заедно со нив беа објавени уште и куси раскази од современата американска писателка Лидија Дејвис и од српскиот автор Бојан Бабиќ. Со одржувањето на второто по ред издание на фестивалот на малите фикции, свое место во едицијата најдоа и кратките прози од тројца македонски автори: Влада Урошевиќ, Огнен Чемерски и Лидија Димковска.

Она што може да се каже за овие тринаесет книжиња спакувани во симпатичниот и непретенциозен формат на тенок џебен бележник, кој ретко кога надминува повеќе од триесеттина и кусур странички, е дека претставуваат синтеза на специфичниот креативен рефлекс што се јавува како одговор на комуниколошкиот критериум на умешно пренесена порака. Значенските координати врз кои почива едицијата се мошне богати и разновидни и тие можат да се согледуваат од аспектот на учесниците во книжевниот проект.

За уредниците, целите на едицијата Друга приказна се совпаѓаат со целите на фестивалот, па во таа смисла нејзиното значење се објаснува како обид за поширока популаризација на книжевноста; како своевидно преиспитување на улогата што ја има книжевноста во општеството, но и како низа книжевни преиспитувања и преосмислувања што се однесуваат на жанровските граници во книжевноста, на релациите на книжевноста со „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; на улогата што ја има писателот во новите локални и глобални контексти, како и на осмислувањето и практикувањето на нови стратегии за културни поврзувања на локално, регионално, глобално ниво. Освен овие глобални конјунктури, едицијата Друга приказна во себе носи и една друга страна која ги сензибилизира лошите состојби во кои опстојува издаваштвото кај нас и се однесува на начините на реализација на книжевниот производ според мерките што се преземени во поглед на редуцирање на издавачките трошоци. Такви се ограничената дистрибуција на изданијата, отсуството на називот/лого на издавачката куќа, како и отсуството на каталошкиот опис во публикација (CIP, Cataloguing in publication) како стандардизирана и меѓународно препознатлива ознака на секоја книга.

АвторДарин Ангеловски
ПреводМилан Дамјаноски
2018-11-26T11:39:23+00:00 март 27th, 2018|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 118|