Секој потег што го правиш

/, Литература, Блесок бр. 54/Секој потег што го правиш

Секој потег што го правиш

Питер Роуз, уредник во Австралиската книжевна ревија, вели дека Дејвид Малуф е суптилен уметник што пишува копнежливи и метафизички приказни во освртот на новата збирка раскази „Секој потег што го правиш“ (Chatto & Windus, 2006) објавен во Острелијан [http://www.theaustralian.news.com.au/story/0,20867,20637567-5003900,00. html]

#1 Изминаа десет години од последниот роман на Дејвид Малуф, „Разговори кај потокот Карлоу“ (The Conversations at Curlow Creek), а 13 по „Сеќавања на Вавилон“ (Remembering Babylon), кој многумина го сметаат за неговиот најголем успех. Би било претенциозно да прашаме дали сме го виделе последниот од неговите романи: неговата долга кариера во литературата отсекогаш имала сигурна, софистицирана насока, течно движејќи се од поезија до проза до либрета до критика.
Малуф ја има спомнато неговата љубов кон расказите, дури и кон тие што ги оставил настрана како неубедливи или незавршени. Ќе им се наврати години потоа и ќе открие дали му значат нешто. Ужива во жанрот поради слободата што му ја дава да истражува различни видови свест, за разлика од опсесивната задача да обликува еден свет, еден сензибилитет, една група судбини. На 70-годишна возраст, романсиерската преокупираност можеби веќе не му се допаѓа.
Шест години по неговата последна збирка, „Нешта од сништа“ (Dream Stuff), Малуф објавува седум раскази во „Секој потег што го правиш“ (Every Move You Make). Должината варира, но гласот е постојан и доследен: затегнат и неукрасен. Спектарот теми, возрасти, ликови и милјеа е широк како и секогаш, со временски ограничувања. Научивме да не очекуваме портрети на современа Австралија од Малуф, кој секогаш се чинело дека е посреќен со колонијални мотиви, идеи за детството или теми од военото време. Клајв Џејмс, критикувајќи ја „Нешта од сништа“, посака Малуф повторно да се сконцентрира на сегашноста, и сугерира дека делото е заглавено во Аркадија. Несомнено, ликовите во новата збирка – често продуховени и интроспективни – се движат низ еден простран, изолиран свет што малку наликува на богатата, груба, незаситна Австралија од 21-от век.
Како и во повеќето текстови на Малуф, приказните на ликовите се лични, копнежливи, метафизички, без какво било очигледно филозофирање. Малку се случува во овие раскази, токму како и во животот, како што еднаш нè потсети Вирџинија Вулф. Малуф е претпазлив кон заплети. Расказите се развиваат како расположенија, како нежно оркестрирани сонати. (Малуф има забележано дека, во неговата потрага по афинитети, тој ја гради структурата на неговите книги како музика.) За ликовите, ова може да подразбира оддалечување од семејството или поврзаноста или минатото, во една интензивно приватна иднина. Неколку ликови се чини дека ги користат овие раскази да го разрешат сомнежот или да го разберат минатото: не како некоја вулгарна потрага по мудрост или просветлување (Малуф е пресуптилен уметник за што било такво), туку за да пораснат, или за да се оддалечат. Честопати, оддалечувањето е буквално. Чарли Доуд, младиот регрут во „Воено дете“, тргнат за Виетнам, е свесен дека „Одењето беше друг облик на размислување – или можеби одмислување – во кој телото ја презема контролата, оди по својот пат, а умот го следи“.
Чарли е уште еден од измачените, трогателни младичи на Малуф, речиси осакатен од иднината пред таа да го искористи. Среќаваме и други млади луѓе на други места, особено во „Долината на лагуните“ (базиран на вистинит настан), во кој на едно 16-годишно момче конечно му е дозволено да оди на лов на свињи со неговите пријатели, што има опасни последици. Малуф пишувал често и со чувства за децата и адолесцентите, нивните увиди, нивните ранливости. Неговата емпатија со малолетниците обично е беспрекорна, но тука говорот на еднo од момчињата се чини пренасилен, нестварен („ако ова тргне наопаку, ќе ми дојде крајот. За мене ова е сè или ништо“). Сексуалноста на ликовите во поголемиот број раскази е нејасна или ирелевантна, со различни степени убедливост: невиноста на регрутот е апсолутна како на монах; мора да се потпре на световна партнерка да го излечи.
Без оглед на различните околини и општествени компликации, пулсот или ритамот на овие раскази се чини предвидлив, што можеби се должи на лесната заокружливост на жанрот. Веќе знаеме дека повеќето раскази ќе завршат со еден вид квечерина. На крај, овие луѓе ќе се оддалечат од другите или од себеси и ќе уживаат во раскошот на новата светлина или музика или знаење. Нивните ситуации може се скромни, но не и нивните откровенија. Сите се сменети, а среќните насетуваат нови почетоци, како Унгарката во насловниот расказ (можеби најдобриот во книгата), која тажи по енигматскиот Мичел Мејз, но е подготвена, вратена во живот, „(дозволувајќи му на) топлиот летен мрак да протече околу неа“ – таа типична Малуфовска емоција, полна со лиричност и невиност.
Напати, пристојноста се заканува да ги задуши овие животи. Речиси сме жедни за акција, отворен конфликт, поопипливи искушувања на карактерот. Па олеснување е да се сретне широката сатира на „Г-ѓа Портер и карпата“, чијашто хероина, вдовицата од насловот, го разгледува Улуру и неговите туристички атракции со цинични очи. Г-ѓа Портер си спомнува на нејзиниот покоен сопруг, кој секое утро клекнувал на колена да си ги светне чизмите („Веруваше само во Нагет кремот за полирање чизми“). Саркастичните недостатоци, барем еднаш, се судбината на еден лик: „Бидејќи таа никогаш не се откажа од цврстиот мал јазол себичност за кој мајка ѝ ја беше предупредила дека еден ден ќе ја докрајчи“.
Кај Малуф среќаваме писател неспособен за грда фраза или лесна карактеризација. Вниманието посветено на деталите и чувството за присутност се акутни, токму како и во неговиот извонреден мемоар, „Ул. Едмонстон бр. 12“ (12 Edmonstone Street) од 1985. Сè повеќе, го читаме Малуф заради прозата. Можеби тука нема ништо што му парира на ѓаволски остриот „Поблиску“ од „Нешта од сништа“, но неговите реченици сè уште блескаат кон нас со сиот нивен возвишен сјај и спокојство. Пишувањето главно е компактно, но кон крајот на „Долината на лагуните“ има виртуозен замав од 12 реда достоен за еден Ф. Скот Фицџералд. Во овие еднолични и неучтиви времиња, тоа е значителна дарба.

Превод од англиски: Магдалена Хорват

АвторПитер Роуз
2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 54|