Светлоста во август

/, Литература, Блесок бр. 86/Светлоста во август

Светлоста во август

Нè доведоа јужните ветрови. Од југ допловивме до север, во домашните пристаништа. Август е. Зад нас е жолто-белата светлина на Дубровник и Елафити, Мљет и Хвар. Со нас е светлината на август. Во себе носи портокалова нијанса од септември, на кафеавиот октомври, преплетена е со црнината на ноември, волшебна поради сјајот на декември што во неа само го насетуваме.
Се лулкаме во кабините, по фуражите, на копното и во себе. Си ги лакираме ноктите, ги отстранивме влакната, го испивме кафето, ја прочитавме американската Мари Клер, ја споредувавме со европската, на главата си го ставивме шеширот, ги ставивме очилата за сонце, ја грабнавме книгата, го симнавме шеширот, ја оставивме книгата. Од потпетиците си ја отстранивме тврдата кожа. Го дојадовме чоколадото. Во меѓувреме децата неколку пати нè прашуваат дали ќе одиме да им купиме сладолед, дали вечер ќе одиме на кино, кога ќе тргнат во училиште на сурфање, кога сме научиле да пливаме и со кого, и како нè бакнал тато првиот пат.
Дува од југ. Не притиска кон тлото. Јажињата чкрипат, челикот ѕвечка, знамињата се веат.
Во меѓувреме, нашите и туѓите мажи по фуражите и во кабините играат карти: поморски, за играње и за животот. Освен карти, тие играат и со мотори и чамци, и со своите и со туѓите жени, играат на кривини, играат со сметки. Си ги покажуваат и си ги гледаат раните и го маркираат теренот.
Прилично сме паметни. И мошне богати. Мошне верни и лојални. Поради сето она што го гледаме во светлината на август, донесуваме одлуки.
Сега ни треба само уште трипати по еден метар осаменост.
„Одам под туш“, велиме.
Се облекуваме. Италијанките во бањарки, Германките во наметки со цветови, словенските сестри во крпи, и одиме.
Кога влегуваме во купатилото, го гледаме истото што сме го виделе и вчера. Мала црна девојка потпрена на вратата на слободна зона од три метри, рацете и се прекрстени на градите и незадоволно мрмори. Знаеме што има внатре, иако не сакаме да гледаме. И вчера не сакавме, но сепак погледнавме и сега ни е жал. Внатре се наоѓа висока бела госпоѓа, толку стара што нејзината кожа е веќе модра на некои места. Со грбот е свртена кон нас. На земјата лежи пелена.
Влегуваме во кабините и го слушаме она што сме го слушнале веќе вчера, иако не сакавме да го слушнеме.
„Лучана! Пушти ја водата!“ на кусо.
„Затвори ја вратата!“
„Остави ја вратата, пушти ја водата!“
„Нема да ја пуштам додека не ја затвориш вратата!“
„Добро, тогаш ќе стоиме вака!“
Лучана ја пушта водата. Слушаме како се тресе. „Водата е ладна“, вели.
„Водата ќе биде ладна сè додека не ја наместиш температурата. Еј, миј се!“
„Затвори ја вратата.“
„Сврти се! Измиј се позади! Сврти се кон мене!“
„Водата е ладна.“
„Кој ти е крив, свињо нечиста, отвори ја топлата вода и ќе биде!“
Во тишината на шумењето на водата секоја од нас си гледаме во своите црвени нокти и се надеваме дека наскоро ќе заврши. Но, веќе од вчера знаеме дека нема скоро да заврши. Малата црнка и белата госпоѓа си ги издаваат сметките. Не знаеме кој ги направил, а знаеме дека за плаќање им сме потребни ние, особено на малата. Затоа не ја затвора вратата. Затоа стрела со нашите погледи по тоа голо тело. Во купатилото сите молчиме, само тие двете зборуваат. Се прашуваме што прави старата госпоѓа во пристаништето. Најпрвин и на прв поглед мислевме дека црната девојка е нејзината посвоена ќерка. Потоа мислевме дека тоа е нејзината слугинка. Денес мислиме дека е слугинка на некое дете на Лучана што ја зело мајка му со себе на море.
„Ти реков да се измиеш. Мислиш дека јас ќе те мијам или што?“ Секоe ти ни го тера срцето подлабоко во грлото. Секоја Лучана ни го тера побрзо да бие. Одлучуваме дека живи не излегуваме од своите кабини додека не престанеме да го слушаме пресметувањето. Одолговлекуваме. Си ги гледаме нозете, градите, стомаците. Водата е премногу тивка.
„Лучана, сврти се! Стави си го газот под туш. Додека не се измиеш, не мрднуваме од овде!“
Слушаме како Лучана молчи. Слушаме како Лучана се завртува. Слушаме како Лучана се лизнува. Слушаме како Лучана паѓа. Слушаме како Лучана oстанува легната. Не сакаме да гледаме, но во своите три пати по еден метар големи кабини го гледаме она што го гледа Лучана. Не сме повеќе во купатилото. Се наоѓаме во градините на своето детство, во кафеавите старински бањи во кои мајките на сонце нi ја загреваа водата, се прскаме и ги бркаме пчелите. Цвеќињата астер се на дофат со раката. Ја береме рибизлата и учиме да пливаме во зелените реки. За првпат го гледаме морето и викаме мооооре. Спиеме на задните седишта во црните опел олимпии со бела стреа, а татковците ни велат, види дали вратите се заклучени. Тргнуваме на училиште и нè стрижат кратко, за да биде попрактично. По голите нозе нè боцкаат здолништата од волна. Доаѓаат фармерките. Доаѓаат панталоните со патент. Доаѓаат италијанските чевли и со нив и единиците по математика. Одиме на прво рандеву. Се бакнуваме со момчињата, затоа што и другите девојки се бакнуваат, но не чувствуваме ништо. Матурираме и стануваме поинакви. Одиме на студии и стануваме уште поинакви. Потоа доаѓаат бакнежите што ги чувствуваме. Дури и сега можеме да ги наброиме. Дури и сега се прашуваме зошто тогаш, таа ноќ, не отидовме и подалеку… Од спомените се издвојуваат момчињата што се уште имаат коса и ни се чини дека покрај нив е безбедно. Ги прегледуваме прекратките ноќи. И сега ги знаеме на памет, знаеме за секоја минута на убавината кога видовме каков е Господ. Раѓаме деца. Но, на пораѓањето нé гледаат студенти, студентките плачат, затоа што речиси умираме и си велиме никогаш повеќе. Сепак животот си има свои планови и доаѓа вечерта кога го забораваме тоа никогаш повеќе. Нашите соби се убави. Сакаме да спиеме во нив. Го здогледуваме вечерното стемнување под костените кога некој ни рекол, би сакал да сум ковчег во којшто ќе те закопaат. Знаеме дека тоа го смислил Лучио Дала, но сепак е убаво. Оној што зборувал, еднаш некако умира и многу е тешко. Летно време ги отвораме шиоко прозорците на спалната соба, за да го слушнеме концертот на жабите. Ги шетаме најдените кучиња. Кога сме прилично стари, си купуваме убава облека и одиме на својот прв гала-танц. Ни умира мајката. Ни умира дедото. Ни умира свекрвата. Во зелените реки ги учичме децата да пливаат. Во нашите градини децата се прскаат во водата што сме им ја загреале на сонцето. Цвеќињата астер се на допир со рака…
Полека ја затвораме водата. Лучана ги платила сметките. Сметаме дека за неа е веќе декември со светлината на крајот. Малата црнка се жали. Слушаме дека не знаела што да стори. Како да поминиме покрај отворената врата, Лучана и малата црнка? Земаме воздух и се осмелуваме. Едната од нас, најверојатно е лекар, клекнува покрај Лучана. Другите со олеснување си одиме дома на своите брегови.
„Нема да ми веруваш што се случи“, им велиме и на своите и на туѓите мажи. Им кажуваме.
„Јужен ветар“, велат тие, а ние во светлината на август и поради неа ги менуваме своите поранешни одлуки.

Превод од словенечки: Соња Цекова Стојаноска

АвторМирана Ликар Бајжељ
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 86|