Свесен за неминовностите

/, Литература, Блесок бр. 41/Свесен за неминовностите

Свесен за неминовностите

Исток Осојник. Господин Денес, прев. Ана Јелникар, Сан Хосе, Калифорнија. А. Џакаранда. 2003.

Можеби почнувајќи од примерот на песните од книгата „Мr. Cogito“ на Збигњев Херберт, или од некоја друга од многуте поетски употреби на ликот, словенечкиот поет, романсиер и книжевен активист Исток Осојник ги испишува повеќето од четириесет и седумте песни на Господин Денес, очигледно создадени кон крајот на дваесеттиот век но преведени дури сега, во гласот на Господин Денес, инсистирајќи „Јас не сум Осојник туку Главниот Див Патор“.
Господин Денес пишува некако поопуштено и со стил покаприциозен отколку говорителите во претходната збирка на Осојник објавена во Северна Америка, А нештата се случија за првпат: Избрани песни (погледни WLT 76:1, стр. 213). Природата на сопството, на вселената, и природата на поезијата сè уште ги осветлуваат песните, но Господин Денес е далеку повеќе свесен за блазираната опкруженост со лоши преводи на славни луѓе, интервјуа, оброци и читања, бидејќи „Ако пишуваш, мораш да мислиш на звукот / во зачаден бар под стреата на четвртокот, / кога есента го пружа својот влажен пешкир врз Бетовенова“.
Дури и кога пишува за философијата, Осојник може да се лизне од егзистенцијалното во растителното: „Длабоко во човекот има огромна бездна / од ништожност и магдонос“. Многу од песните звучат помалку како бес а повеќе како покуда, но почесто космичкото и општото место се поставени во изненадувачки и не секогаш комичен сооднос.
Понекогаш, Господин Денес си дозволува да се занесе со чиста лирика, како кога „дрвјата на ветрот … треперат, се гребат меѓусебно, се пружаат и прегрнуваат, / се дробат и дишат низ вените“. Дури и овде, поетот го користи ветрот како традиционална фигура за инспирација, [ветрот] „татни низ твојот крвоток како лавина“.
Можеби, во својата средовечна доба, Господин Денес и неговиот создател се повеќе свесни за неминовностите како што се косењето на тревата во дворот, грижата за малиот син или за таткото кој е на смртна постела, и учењето да се игра со зборовите, идеите, сликите – „една да се напише, сеедно … дури и кога никој нема да ја прочита“ – бидејќи „Светот е седум пати / поголем од сè што некој би можел да зграпчи, / а Господин Денес ја познава својата човечка природа“.

Објавено во World Literature Today, 79:1, јануари-април 2005, стр.106.

Книгата „Господин Денес“ од Исток Осојник ја објави Блесок во рамките на проектот Babylonia, на словенечки и англиски јазик. Ова е линкот.

Превод од англиски: Игор Исаковски

АвторРоберт Мјуреј Дејвис
2018-08-21T17:21:34+00:00 март 1st, 2005|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 41|