Раскажувањето како помош

/, Литература, Блесок бр. 50/Раскажувањето како помош

Раскажувањето како помош

Рецензија за романот „Куќа од палми“ од Тарек Елтаеб

#1 Арапската поезија и проза на суданскиот автор Тарек Елтаеб (кој е роден и израснал во Египет пред да се пресели во Австрија, каде што денес живее) веќе многу години добива високи признанија од критиката. Објавувањето на „Куќа од палми“ (втор роман на авторот) во Египет беше дочекано со пофалби од книжевните критичари низ сиот арапски свет. Хамза, нараторот во романот, ја продолжува приказната започната во првиот роман на Елтаеб, „Градови без палми“, и повторно патува низ Европа, овој пат во Виена, каде што преживува така што работи како уличен продавач на весници. Критичарот Ахмед Садик Ахмед во својот осврт за списанието Ал-Сахафа пишува: „Се бориме за воздух заедно со Хамза, ја чувствуваме неговата напнатост кога неговата намачена душа ја среќава Сандра, убава Австријка која му го покажува светот на љубовта. […] Писмото на Тарек Елтаеб нè носи на пат низ времето и просторот. Наративниот фокус често се менува од Виена кон родното село Вад Ан-Нар во Судан кое ги обзема неговите сеќавања. Романот на Елтаеб ги сопоставува отуѓеноста и загубеноста на Суданецот во егзил со ужасите на суданската граѓанска војна и убиствата, гладот и корупцијата кои пустошат низ земјата“.
Во својот осврт кон „Куќа од палми“, објавен во списанието Јузуур, писателот и критичар Абдулнасер Еисави пишува дека романот на Елтаеб ја смета уметноста како начин за „надминување на човечката отуѓеност“. Уште вели: „Тарек Елтаеб го има напишано овој роман за да докаже дека раскажувањето навистина може да ги надмине тешкотиите и болестите на своето време, и дека дури може и да ја надвладее човечката отуѓеност. Тој ова го остварува низ проза која на читателот му се чини исклучително едноставна, а сепак, во суштина, е неверојатно длабока. Централната точка на оваа проза е протагонистот Хамза, кој доаѓа во Австрија со ништо освен со примерок на „1001 ноќ“, песната на Исмахан „Ноќите на задоволства во Виена“ и мноштво болни спомени; сепак, тој поседува и широк спектар приказни од својот дом, и дарба истите да умее да ги раскаже“. Освртот на Шариф Еш-Шафи во дневниот весник Ал-Ријад (Саудиска Арабија) е исто така полн со пофалби за романот: „Во претходниот роман, ‘Градови без палмѝ, Хамза ја проголта горчината на загубата предизвикана од болките на Третиот свет и особено на најмалку развиените земји; во ‘Куќа од палмѝ, тој овие болки ги поставува крај оние на Првиот свет и ги споредува, спротиставувајќи им се со напад од приказни, напад од уметност. Низ својот духовен егзодус кон Куќата од палми, авторот го победува замислениот џин наречен ‘отуѓување’ и ја враќа загубената хуманост на човечкиот род“.

август, 2006 г.

АвторКарим Џејмс Абу-Саид
2018-08-21T17:21:23+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 50|