Раковиот напоредник

/, Литература, Блесок бр. 61-62/Раковиот напоредник

Раковиот напоредник

Индиго небо исчистено од рунести облаци, тенки дрвја бескрајно издолжени, нивните црни гранки гестикулираат како месечари. Мрачни, сенишни дрвја, нивните стебла се бледи како пепел од цигари. Врвна тишина, потполно европска. Ролетните спуштени, дуќаните затворени. Тук-таму црвено светло кое означува средба. Строги фасадите, речиси заканувачки; совршени освен од закрпите од сенките кои ги фрлаат дрвјата. Минувајќи крај Оранжéри се потсетувам на еден друг Париз, Паризот на Могом, Гоген, Париз на Џорџ Мур. Мислам на оној ужасен Шпанец кој тогаш го вџашувал светот со своите акробатски скокови од стил во стил. Мислам на Спенглер и на неговите ужасни pronunciament-а, и се прашувам дали стилот, стилот од големи размери, е мртов. Велам дека умот ми е обземен од тие мисли, но тоа е вистина; дури подоцна, откако ја преминав Сена, откако зад мене го оставив карневалот од светла, му дозволувам на умот да си игра со тие идеи. За миг не можам ништо да мислам – освен дека сум чувствителен и прободен од чудото на овие води кои одразуваат еден заборавен свет. Од двете страни на брегот дрвјата тешко се навалуваат врз замагленото огледало; кога ќе почне ветрот и ќе ги исполнува со шумно мрморење, ќе капнат неколку солзи и ќе затреперат додека водата вители под нив. Се гушам. Никој со кого можам да споделам барем отсечок од моите чувства…

Неволјата со Ирена е дека таа има патна торба наместо пичка. Сака дебели писма за да ги стави во својата патна торба. Неизмерлива, avec des choses inouies. А Лона, таа имаше пичка. Знам, зашто ни прати малку влакна од долу. Лона – дива магарица која ја душка насладата во ветрот. На секој висок рид беше блудница – а понекогаш и во телефонски говорници и тоалети. Му купи кревет на кралот Керол и прибор за бричење со неговите иницијали. Лежеше на Тотенхем Корт Роуд со фустанот кренат и се дркаше. Користеше свеќи, патрони, кваки. Немаше кур доволно голем за неа, во целата земја… ниеден. Мажите влегуваа во неа и се свиваа. Нејзе ѝ требаа курови на продолжување, само-експлодирачки ракети, врело масло направено од восок и смола. Таа би ти го отсекла курот и би го задржала во себе засекогаш, ако ѝ дозволиш. Една пичка во милион, Лона! Лабораториска пичка за која не постоеше лакмус кој би ѝ ја одредил бојата. А беше и лажга, таа Лона. Никогаш немаше купено кревет за нејзиниот крал Керол. Го круниса со шише виски а нејзиниот јазик беше преполн со вошки и утрешнини. Кутриот Керол, можеше само да се свитка во нејзе и да умре. Таа зеде здив и тој испадна надвор – како мртва школка.
Енормни, за дебели писма, avec des choses inouies. Патна торба без рачки. Дупка без клуч. Имаше германска уста, француски уши, руски газ. Пичка интернационална. Кога се вееше знамето, беше црвено сè до грлото. Влегуваш на булеварот Жул-Фери а излегуваш на Порт де Вилјет. Си го фрлил панкреасот во количка – црвена количка со две тркала, нормално. На спојот помеѓу Урк и Мам, каде што водата се провира меѓу насипите и почива како стакло под мостовите. Таму сега лежи Лона а каналот е полн стакло и срча; мимозите липаат, врз прозорците се лепи дебел, маглив прдеж. Една пичка во милион, Лона! Сета од пичка и со стаклен газ врз кој можеш да ја читаш историјата на Средниот век.
Молдорф прво се претставува како карикатура на човек. Тироидни очи. Мишелински усни. Глас како супа од грашок. Под елекот носи мала круша. Како и да го гледаш, панорамата е секогаш иста; јапонска кутија за бурмут, рачка од слонова коска, шаховска фигура, ладало со мотив на храм. Ферментирал толку долго што сега е аморфен. Квасец од кој се исцицани витамините. Вазна без пластично цвеќе.
Жените биле двапати оплодени во деветтиот век, и повторно за време на Ренесансата. Него го носеле преку големите преселби под жолтите и белите стомаци. Долго пред егзодусот, Татар му плукнал во крвта.
Неговата дилема е како на џуџе. Со третото око гледа во силуетата проектирана врз платното со немерлива големина. Неговиот глас, синхронизиран со сенката на шпенадлата, го труе. Тој слуша рев каде што другите слушаат само квичење.
Тоа му е умот. Амфитеатар во кој актерот пружа протејска изведба. Молдорф, разнолик и прецизен, минува низ улогите – кловн, жонглер, голтач на пламен, свештеник, блудник, шарлатан. Амфитеатарот е премногу мал. Тој во него поставува динамит. Публиката е омаена. Тој ја има контролата.
Попусто се обидувам да му се приближам на Молдорф. Тоа е како да се обидуваш да му се приближиш на Бога, зашто Молдорф е Бог – никогаш не бил нешто друго. Јас само запишувам зборови…
Бев имал мислења за него кои ги отфрлив; бев имал други мислења кои ги преиспитувам. Го сецирав за само да сфатам дека она кое сум го имал во рацете не била мува смрдливка туку вилино коњче. Ме навредуваше со својата грубост а потоа ме заведуваше со својата чувственост. Беше зборлест до точка на гушење, потоа тивок како Јордан.
Кога го гледам како трчка за да ме поздрави, со шепичките испружени, со очите навлажнети, имам чувство дека се поздравувам со… Не, ова не е начин да се пишува за тоа!
“Comme un oeuf dansant sur un jet d’eau.”
Тој има само еден бастун – просечен. Во неговите џебови ливчиња со рецепти за Велтшмерц. Сега е излекуван, а малата Германка која му ги миела стапалата сега му го крши срцето. Како г-дин Нонентитет кој насекаде со себе го влечка својот Гуџурати речник. „Неизбежен за секого“ – со значење, несомнено, неодминлив. За Боровски сево ова би било неразбирливо. Боровски има различен бастун за секој ден во неделата, и еден за Велигден.
Имаме толку многу заеднички точки што ми се чини дека се гледам себеси во скршено огледало.
Ги прегледував своите ракописи, страници ишарани од преправки. Страници книжевност. Ова малку ме плаши. Толку многу наликува на Молдорф. Само што јас сум не-Евреин, а не-Евреите имаат друг начин на страдање. Тие страдаат без неврози и, како што вели Силвестер, човек кој никогаш немал неврози не знае што значи да се страда.
Добро паметам како уживав во своето страдање. Како во креветот со себе да земаш кутре. Од време на време те гребе со шепата – и тогаш си навистина преплашен. Обично не се плашиш – секогаш можеш да го избркаш, или да му ја отсечеш главата.
Има луѓе кои не можат да ѝ одолеат на желбата да влезат во кафез со ѕверови и да бидат растргнати. Влегуваат дури и без револвер или камшик. Стравот ги прави бестрашни… За Евреинот, светот е кафез исполнет со ѕверови. Вратата е заклучена а тој е внатре без камшик или револвер. Неговата храброст е толкава што дури не го чувствува ни изметот во аголот. Гледачите аплаудираат но тој не се плаши. Драмата, си мисли тој, се случува во кафезот. Кафезот, си мисли, е светот. Застанат таму сам и беспомошен, зад заклучената врата, сфаќа дека лавовите не го разбираат неговиот јазик. Ниеден лав не чул за Спиноза. Спиноза? Тие не можат ни да го загризат. „Дајте ни месо!“ реват, додека тој таму стои скаменет, идеите му се заледени, неговиот трапез од Weltanschauung е вон дофат. Еден единствен удар од лавовската шепа, и неговата космогонија е здробена.
И лавовите се, исто така, разочарани. Тие очекуваа крв, коски, срж, жили. Упорно џвакаат, но зборовите се смола а смолата не се јаде. Смолата е основа врз која се прска шеќер, пепсин, мајчина душица, сладец. Смолата, кога ја собираат смоларите, е океј. Смоларите дошле преку ’ртот на потопениот континент. Со нив донеле алгебарски јазик. Во пустината на Аризона се сретнале со Монголците од северот, глазирани како модри патлиџани. Набргу откако земјата го добила жироскопското навалување – кога Голфската струја се делела од Јапонската. Во срцето на почвата нашле варовник. Самата земјина утроба ја украсиле со својот јазик. Си ги јаделе еден на друг цревата и шумата се затворила над нив, врз нивните коски и черепи, врз нивниот тантелен варовник. Нивниот јазик бил загубен. Тук-таму некој сè уште наоѓа остатоци од менажеријата, челна коска прекриена со бројки.

АвторХенри Милер
2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 61-62|