Раковиот напоредник

/, Литература, Блесок бр. 61-62/Раковиот напоредник

Раковиот напоредник

(извадок од романот)

Живеам во вилата Боргезе. Овде нема ни трошка нечистотија, ниту стол кој не е на своето место. Овде сме потполно сами и мртви сме.
Минатата ноќ Борис откри дека е вошлив. Морав да му ги избричам мишките но дури ни тогаш јадежот не престана. Како некој може да фати вошки на вакво прекрасно место? Но, не е важно. Можеби никогаш не ќе се запознаевме толку интимно, Борис и јас, да не беа вошките.
Борис тукушто ми даде резиме на своите погледи. Тој е климатски пророк. Времето и понатаму ќе биде лошо, вели. Ќе има уште повеќе страдања, повеќе смрт, повеќе очај. Никаде ни најмало навестување за промена. Ракот на времето нè јаде. Нашите херои се самоубиле, или се самоубиваат. Херој, значи, не е Времето, туку Безвременоста. Мораме да тргнеме напред, со маршов чекор, кон занданата на смртта. Нема бегање. Климата нема да се смени.

Есен е од мојата втора година во Париз. Пратен сум овде со причина која сè уште не успевам да ја сфатам.
Немам пари, немам извори, немам надежи. Јас сум највеселиот човек. Пред една година, пред шест месеци, мислев дека сум уметник. Веќе не мислам на тоа, сум. Сè што беше книжевност отпадна од мене. Повеќе нема книги кои треба да се напишат, фала му на Господа.
А ова, тогаш? Ова не е книга. Ова е обвинение, клевета, лична навреда. Ова не е книга, во вообичаената смисла на зборот. Не, ова е продолжена навреда, полна уста плунка во лицето на Уметноста, клоца по газот на Бога, на Човекот, Судбината, Времето, Љубовта, Убавината… како сакате. Јас ќе ви пеам, веројатно малку фалш, но ќе ви пеам. Ќе пеам додека пцовисувате, ќе танцувам врз вашиот валкан леш…
За да пееш, мораш прво да ја отвориш устата. Мораш да имаш чифт гради, и малку музичко знаење. Не е задолжително да имаш хармоника, или гитара. Суштинска работа е да сакаш да пееш. Ова, тогаш, е песна. Јас пеам.
Тебе, Тања, ти пеам. Би сакал да можев да пеам подобро, помелодично, но тогаш веројатно никогаш не би се согласила да ме слушаш. Си ги чула другите како пеат, а тие те оставиле студена. Тие пеат или премногу убаво, или недоволно убаво.

Дваесет и некој е во октомври. Повеќе не водам сметка за датумите. Дали би се рекло – мојот сон од минатиот 14 ноември? Има интервали, но тие се меѓу соништата и од нив не останува ништо во свеста. Светот околу мене се топи, тук-таму оставајќи дамки од време. Светот е рак кој самиот се јаде… Мислам дека кога великата тишина ќе се спушти врз сè и насекаде, музиката конечно ќе триумфира. Кога сè ќе се врати во утробата на времето, одново ќе се воспостави хаосот а хаосот е партитура врз која е напишана реалноста. Ти, Тања, си мојот хаос. Затоа пеам. Тоа дури не сум ни јас, тоа светот умира отфрлајќи ја кошулката на времето. Јас сум сè уше жив, клоцам во твојата утроба, реалност врз која се пишува.
Дремам. Физиологија на љубовта. Кит со пенис од два метри, во одморање. Лилјак – pénis libre. Животни со коска во пенисот. Од тука, тврд ко коска… „За среќа“, вели Гурмон, „кај мажот се загубила коскената структура“. За среќа? Да, за среќа. Замислете ја човечката раса како шета со крената коска. Кенгурот има два пениса – еден за работни денови и еден за празници. Дремам. Писмо од жена која прашува дали сум нашол наслов за својата книга. Наслов? Сигурно: „Драги лезбејки“.

Твојот анегдотски живот! Фраза на г-дин Боровски. Во средите ручам со Боровски. Неговата жена, исушена крава, претседава. Сега учи англиски – омилен збор ѝ е „валкано“. Веднаш се гледа какви давежи се Боровски. Но чекајте…
Боровски носи сомотски панталони и свири хармоника. Непобедлива комбинација, особено кога човек ќе помисли дека не е лош уметник. Нагласува дека е Полјак, но не е, се разбира. Евреин е, Боровски, а неговиот татко бил филателист. Всушност, речиси сите на Монпарнас се Евреи, или полу Евреи, што е полошо. Тука се Карл и Пола, и Кронштад и Борис, и Тања и Силвестер, и Молдорф и Лусил. Сите освен Филмор. Испадна дека и Хенри Џордан Освалд е Евреин. Луис Николс е Евреин. Дури и Ван Норден и Чери се Евреи. Френсис Блејк е Евреин, или Еврејка. Тит е Евреин. Евреи ме затрупуваат како лавина. Го пишувам ова за мојот пријател Карл чиј татко е Евреин. Сево ова е важно да се разбере.
Од сите нив, најубав Евреин е Тања, и поради неа и јас ќе станам Евреин. Зошто да не? Веќе зборувам како Евреин. И грд сум како Евреин. Освен тоа, кој ги мрази Евреите повеќе од Евреин?

Самрачен час. Модра стаклена вода, дрвјата светкаат и се топат. Шините тонат во каналот кај Журе. Долгата гасеница со лакирани бокови нурка како низ тобоган. Ова не е Париз. Ова не е Кони Ајленд. Ова е самрачна смеса на сите градови од Европа и Централна Америка. Пругата се збира под мене, шините се црни, мрежести, не се наместени од инженер туку се дизајнирани катаклизмично, како оние тенки пукнатини во поларниот мраз кои камерата ги регистрира во степени на црно.

Храната е една од работите во кои бескрајно уживам. А во оваа прекрасна вила Боргезе речиси и нема траг од храна. Тоа понекогаш е позитивно застрашувачки. Го замолив Борис којзнае колку пати да купи леб за појадок, но тој секогаш заборава. Се чини дека тој излегува да појадува. А кога се враќа, си ги чепка забите а од јарешката брада му виси мало парче јајце. Јаде во ресторан, од обѕир кон мене. Вели дека го повредува ако пред мене јаде голем оброк.

Ми се допаѓа Ван Норден но не го делам неговото мислење за него. Не се сложувам, на пример, дека е филозоф, или мислител. Тој е зависник од пичка, тоа е сè. И никогаш нема да биде писател. Ниту Силвестер ќе биде писател, макар името да му болскоти со црвени светла со снага од 50.000 свеќи. Единствените писатели околу мене кон кои имам некаква почит, во мигов, се Карл и Борис. Тие се опседнати. Сјаат однатре со бел пламен. Луди се и потполно глуви. Тие се паталци.
Молдорф, од друга страна, кој исто така страда на особен начин, не е луд. Молдорф се опива со зборови. Тој нема вени или крвни садови, нема срце или бубрези. Тој е преносен сандак исполнет со безброј фиоки а врз фиоките има ознаки напишани со бело мастило, кафено мастило, црвено мастило, сино мастило, цинобер, шафран, лилаво, хиперманган, кајсија, тиркизно, оникс, Анжу, харинга, пура, патинирана бакарна, горгонзола…
Ја преместив машината за пишување во соседната соба, каде можам да се гледам во огледало додека пишувам.
Тања е како Ирена. Очекува дебели писма. Но има и друга Тања, една Тања како големо семе, која насекаде распрашува полен – или, да речеме, малку Толстој, сцената во која се ископува фетусот. Тања е и треска – les votes urinaires, Кафé на слободата, Плас де Возг, јарки кравати на булеварот Монтпарнас, темни бањи, порто сек, цигари Абдула, адаџо за патетична соната, слушни засилувачи, анегдотски сеанси, изгорени сиенски гради, тешки желби, колку е часот, златни фазани наполнети со ореви, прсти од тафт, замаглени самраци кои се претвораат во смреки, акромегалија, рак и делириум, топли превези, жетони за покер, крвави теписи и меки бедра. Тања вели така што секој може да ја чуе: „Го љубам!“ И додека Борис се гори со виски, таа вели: „Седни овде! О, Борис… Русија… што ќе правам? Прскам од тоа!“
Ноќе, кога ја гледам Борисовата јарешка брадичка врз перницата, станувам хистеричен. О, Тања, каде е сега твојата топла пичка, тие дебели, тешки бедра, тие меки, набабрени бокови? Имам коска во курот, дваесет сантиметри долга. Ќе ја поништам секоја брчка во твојата пичка, Тања, ќе те наполнам со семе. Ќе те пратам дома кај твојот Силвестер со болка во стомакот и се превртена утроба. Твојот Силвестер! Да, тој знае како да потпали оган, но јас знам како да запалам пичка. Стрелам врели молњи во тебе, Тања, ти ги вжештувам јајниците. Твојот Силвестер сега е малку љубоморен? Нешто насетува, нели? Ги насетува остатоците од мојот голем кур. Јас малку ги раширив бреговите, ги испеглав брчките. После мене, ќе можеш да примаш пастуви, бикови, опсадни овни, змејови, бернардинци. Можеш да си пикаш жаби, лилјаци, гуштери во ректумот. Можеш да прдиш во апреџа ако сакаш, или да распнеш цитра преку папокот. Те ебам, Тања, така да останеш изебана. А ако ти е страв од јавно ебење, ќе те ебам приватно. Ќе искубам неколку влакна од твојата пичка и ќе ги залепам врз Борисовиот образ. Ќе загризам во твојот клиторис и ќе исплукам парчиња големи колку два франка…

АвторХенри Милер
2018-08-21T17:21:09+00:00 октомври 11th, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 61-62|